91/1998-0-0

91/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 ноември 1998 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на

а) Член 72 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94).

б) Член 106-љ од Колективниот договор за здравствената дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/92, 45/92, 81/93, 1/95, 34/98).

2. Јавната здравствена организација “Здравствен дом” Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 72 и 106-љ од општествените договори означени во точката 1 на ова решение затоа што рокот од еден месец за донесување на одлука за престанок на работниот однос со отказ утврден во овие членови , не бил предвиден во Законот за работни односи ниту во Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија. Притоа во иницијативата се укажува дека овој рок бил прекраток за да може за тоа време да се преземаат сите дејствија потребни за поведување и завршување на постапката, а пречекорувањето на овој рок претставувало основ за поништување на одлуките и враќање на работникот на работа од страна на судовите.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорените одредби на член 72 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност и член 106-љ од Колективниот договор за здравствената дејност е утврдено дека Одлуката за престанок на работниот однос на работникот работодавецот е должен да ја донесе за еден месец од денот на дознавањето на повредата на работната дисциплина, работниот ред, неисполнувањето на обврските и поради неспособност на извршувањето на работните задачи и за сторителот, односно во рок од 3 месеци од денот кога е сторена повредата.

4. Во членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија е предвидено остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и колективни договори, а исто така и според член 2 од Законот за работните односи работниот однос се уредува со овој закон, со друг закон и со колективен договор.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека правата, обврските и одговорностите од работен однос се уредуваат со закон и колективен договор.

Врз основа на уставното овластување законодавецот прашањата во врска со работните однос на општ начин ги уредил во Законот за работните односи, а одделни прашања и со посебните закони кои уредуваат определена област од општествениот живот. Така, во рамките на уредувањето на овие прашања во Законот за работните односи од членовите 109 до 129 е регулиран престанокот на работниот однос со отказ, кој според член 109 од истиот закон може да биде даден како од страна на работникот така и од страна на работодавецот под условите утврдени со закон и колективен договор. При тоа Законот за работните односи целосно не ги уредува сите прашања во врска со отказот, така што доуредувањето на одделни прашања самиот закон го препушта на колективните договори, а додека пак за одделни прашања тој воопшто не содржи одредби.

Така, Законот за работните односи воопшто не ја уредува постапката за давање на отказ, како на пример во смисла на тоа на кој начин и како ќе се утврди кршењето на работната дисциплина и работниот ред, како и неисполнувањето на работните обврски, како едни од основите за престанок на работниот однос со отказ, а исто така не содржи посебни одредби ниту за прашањата сврзани со роковите во кои може и треба да се води постапката за давање на отказ поради наведените причини.

Бидејќи прашањата во врска со роковите во кои може и треба да се води постапката во која работодавецот треба да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос со отказ не се уредени со Законот за работните односи, двата општи колективни договори (Општиот колективен договор за стопанството и Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатиа, државните органи и органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност) ја надополнуваат правната празнина на одредбите од овој закон кои се однесуваат за давање на отказ, со определување на роковите во кои работодавецот е должен да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос. При тоа, исти или слични решенија, како во општите колективни договори содржат и колективните договори склучени на ниво на гранка, а таков е случајот и со оспорениот член на Колективниот договор за здравствената дејност во кој е преземено решението на оспорениот член 72 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност.

Во врска со колективните договори или поконкретно за нивниот однос спрема законот, треба да се имаат предвид одредбите на член 84-97 од Законот за работните односи според кои со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и другите прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварувањето на правата и обврските и другите прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Законот понатаму утврдува дека колективните договори се применуваат непосредно и се задолжителни за потписниците, дека колективниот договор неможе да содржи одредби со кои се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со законот, а ако содржат такви одредби се применуваат соодветните одредби од законот и слично.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, како и тоа дека со оспорените членови на споменатите колективни договори не се утврдуваат права, обврски и одговорности на работниците и работодавците, туку во смисла на Законот за работните односи, се доуредуваат прашања во врска со начинот односно постапката на остварувањето на правата и обврските на работниците и работодавецот или поконкретно кажано се утврдуваат роковите во кои работодавецот може и треба да го остварува неговото право во врска со давање отказ за престанок на работниот однос на работникот во случаите утврдени во Законот за работни односи Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за нивната согласност со Законот за работните односи, а ниту со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека утврдениот рок од еден месец не е доволен за целосно спроведување на постапката за утврдување на повредата на работната дисциплина, работниот ред, на неисполнувањето на работните обврски итн., и дека судовите при одлучувањето во конкретни работни спорови не го имале во предвид и објективниот рок од 3 месеци за донесување на одлуката за престанок на работниот однос, кој исто така е утврден во оспорените членови. Судот смета дека ова се фактички прашања за кои не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.91/98)

Leave a Reply