125/1998-0-0

125/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 ноември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 89 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, во делот “и Правилата за штрајк” (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.125/98 од 14 октомври 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на дел од членот 89 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи се постави прашањето за неговата согласност со член 32 став 5 и член 38 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 89 од Колективниот договор, правото на штрајк работниците во државните, правосудните и органите на локалната самоуправа го остваруваат во согласност со закон, колективен договор и Правилата за штрајк.

5. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк, а со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Прашањата сврзани со штрајкот се регулирани со Законот за штрајк од април 1991 година кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички пропис.

Според овој закон, штрајкот е дефиниран како организиран прекин на работата на работниците заради остварување на економските и социјалните права и интереси по основ на трудот.

Членот 7 од овој закон утврдува дека правото на штрајк на работниците може да се оствари само под услов да се обезбеди минимум на процесот на работата кој обезбедува сигурност на луѓето и имотот или се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работа на други организации како и за извршување на меѓународните обврски.

Од изнесеното произлегува дека остварувањето на правото на штрајк, како право што произлегува од работен однос се уредува со закон и со колективни договори, а ограничувањето на условите за остварување на правото на штрајк може да биде уредено единствено со закон.

Во конкретниот случај, оспорената одредба од Колективниот договор претставува упатувачка норма за начинот на остварувањето на правото на штрајк на работниците во државните, правосудните и органите на локалната самоуправа.

При тоа, имајќи ги предвид уставните одредби, според оценката на Судот, правото на штрајк работниците го остваруваат во согласност со закон и колективен договор, но не и во согласност со Правилата за штрајк.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.125/98)

Leave a Reply