102/1998-0-1

102/1998-0-1

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 11.11.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 90 став 2 во делот “или помали”; член 125 став 2 и член 138 став 1 во делот “освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 (исправка), 14/95, 53/97, 59/97 (исправка), 21/98).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 58-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Пљаков Тодор, адвокат од Велес, ул.” Маршал Тито” бр.60/2; Денковски Лазо, ул”Стојан Сликар” бр.3 – Куманово; Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите на Македонија, Синдикатот на градежништво, ИГМ и проектирање, Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија и Агро синдикатот; Сојуз на Синдикатите на Македонија и Стамен Филипов, ул. “Јане Сандански” бр.63/67 од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точките 1 и 2 на ова решение затоа што истите не биле во согласност со Уставот на Република Македонија. При тоа во иницијативата на Сојузот на Синдикатите на Македонија се укажува дека член 58-а од Законот не бил во согласност со член 42 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија затоа што со оваа законска одредба се доведувала во прашање посебната заштита на мајката и децата што согласно наведедениот член од Уставот на Република Македонија Републиката треба да им ги обезбеди. Имено, според наводите на оваа иницијатива, со решението на член 58-а законодавецот не ја обезбедува заштитата на мајчинството и детето и при неговото утврдување тој не водел сметка дека жената 40 дена по породувањето се наоѓа во посебна здравствена и психичка состојба. Исто така, се смета дека на жената – работничка не треба да и се дозволи самата да одлучува дали ке се врати на работа, зошто објективно со тоа го ризикува сопственото здравје и здравјето на своето дете, поради што било потребно со закон да се утврди минимум на денови кога таа не смее да работи.
Понатаму, во поднесените иницијативи се укажува дека со ставот 2 на член 90 од Законот, со кого се овозможува со колективен договор на ниво на работодавец на работниците да може да се утврдат поголеми или помали права од правата утврдени со грански колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон, се доведувале во прашање природата, содржината и значењето на колекти вното договарање, како и смислата на постоењето на три вида и на три новоа колективни договори (општ колективен договор, грански колективен договор и колективен договор на ниво на работодавец), која според подносителите на иницијативите се состоела во тоа што со секој нареден колективен договор уредувањето односно доуредувањето на правата на работниците од работен однос требало да биде на повисоко ниво од претходниот. Со оглед дека оспорената одредба допуштала можност со колективен д оговор на ниво на работодавец да се уредат и помали права од правата утврдени со грански колективен договор, според подносителите на иницијативите со оваа одредба всушност се вршело суспендирање на гранскиот колективен договор, а на одреден начин се дерогирал и целиот систем на колективно договарање што било во спротивност со член 32 став 5 од Уставот. Оваа одредба се оспорува и од аспект на член 34, член 8 став 1 алинеја 11, како и член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија затоа што со неа се нарушувала и социјалната сигурност загарантирана со Уставот, како и општоприфатените норми на меѓународното право од работните односи.
Ставот 2 на член 90 од Законот бил во спротивност и на духот на Препораката бр.91 на МОТ во која посебно било утврдено дејството на колективните договори.
Според наводите во иницијативите членот 125 став 2 е спротивен на член 9 став 2 и член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија затоа што со оваа законска одредба се давало право на работодавецот сам да утврди на кои работници ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени со што се правела разлика и се создавала нееднаквост меѓу овие работници и работниците на кои работниот однос им престанува исто така по основ на т.н. “технолошки вишок”, меѓутоа нивниот број и структура согласно член 129 од истиот закон се утврдува врз основа на критериуми утврдени со колективен договор.
Членот 125 став 2 се оспорува и во однос на член 58 од Уставот, со оглед дека со него се давало неограничено право на работодавецот, без број пати да воведува поголеми промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата и на тој начин сам да одлучува да ги отпушта работниците од работа без притоа тие да имаат право на одлучување за тоа по основ на трудот. Овој член би бил во согласност со Уставот доколку било ограничено колку пати работодавецот ќе има право да утврдува на кои работници ќе им престане работниот однос и кои ќе бидат причините за донесување на таквите одлуки.
И на крајот, членот 138 став 1 од Законот во делот “освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени” се оспорува затоа што со него се забранувало и ограничувало правото на жалба односно на приговор, како и правото на судска заштита во случај кога работниот однос престанал поради причините наведени во ставот 1 на член 138, што било во спротивност со член 15, член 8 алинеја 1, 3 и 11, член 9 став 2, член 32 и други членови од Уставот на Република Македонија.
4. Судот, на седницата утврди дека со член 58-а од Законот за работните односи е предвидено работничката која користи породилно отсуство, ако сака, да може да се врати на работа и пред истекот на траењето на породилното отсуство. Работничката од став 1 на овој член, покрај правото на плата има право и на надоместок на плата за породилно отсуство во висина од 50% од утврдениот износ на надоместокот на породилно отсуство, според прописите на здравствената заштита.
Според член 90 став 2 со колективен договор на ниво на работодавец, на работниците може да се утврдат поголеми или помали права, од правата утврдени со грански колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон.
Судот исто така утврди дека според член 125 став 2 во случај на престанок на работниот однос од став 1 на овој член, работодавецот има право сам да утврди на кои работници ке им престане работниот однос при престанок на помалку од 20 работници или 20% од вкупниот број работници вработени кај работодавецот, а додека според оспорениот
член 138 став 1 работникот кој не е задоволен со конечната одлука на надлежниот орган или ако тој орган не донесе одлука во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето, односно на приговорот, има право во наредниот рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд, освен за оцена на потребата и оправданоста од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени
5. Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно го заштитува мајчинството, децата и малолетните лица, а според ставот 3 на истиот член малолетните лица и мајката имаат право на посебна заштита при работата.
Како израз на интересот и грижата на државата за жената-мајка и детето Уставот со оваа одредба упатува на посебна заштита на мајката и детето од страна на Републиката што подразбира утврдување и обезбедување додатни права и погодности на мајката, освен оние што таа ги има како и секој друг граѓанин во Републиката. Оваа посебна заштита е условена од биолошките својства на жената и нараснатите потреби што таа ги има по тој основ и е во интерес на детето во времето кога му е неопходна непосредна мајчина грижа.
Видовите и обемот на посебната заштита на жената-мајка што ја обезбедува Републиката се уредени во повеке закони, на пример во Законот за здравствената заштита, Законот за социјалната заштита, така што еден сегмент од оваа заштита е уреден и во посебен дел од Законот за работните односи (членовите 58 – 62) во чии рамки спаѓа и оспорениот член 58-а.

Посебната заштита на жената-мајка според овој закон го опфа?а правото на жената-работничка на платено отсуство од работа пред и по породувањето, во траење од определено време утврдено во член 58, право на скратено работно време поради нега и чување на потешко хендикепирано дете, утврдено во член 62, забраната за работа подолго од полното работно време и ноќе за време на бременост или до двегодишна возраст на детето утврдена во член 61, забраната за ноќна работа во областа на индустријата и градежништвото, ако работата во тоа време и оневозможува да оствари одмор од најмалку седум часа во времето од 22 часот до 5 часот наредниот ден, утврдена во член 65 од овој закон.
Од наведеното произлегува дека уставно утврдената посебна заштита на жената-мајка Републиката ја обезбедила со утврдување на комплекс на права и погодности на жената за време на бременост, породување и мајчинство во соодветните закони од областа на здравствената и социјалната заштита, како и работните односи, кои што права, пак, согласно тие закони, исто така, се алиментираат од средства на Републиката сообразно со нејзините материјални и финансиски можности.
Смислата и содржината на уставната одредба на член 42 став 1 е Републиката да ја утврди и обезбеди посебната заштита, на жената – мајка, но тоа не значи априори забрана на жената сама да одлучува дали и во кој обем ќе ја користи таа заштита односно правата што Републиката и ги утврдила и обезбедила по тој основ.
Според тоа, а со оглед дека со оспорената одредба на член 58-а не се задира во правото на жената-работничка до крај да го користи породилното отсуство утврдено во член 58 од Законот, но само се утврдува можност таа доколку самата сака да го прекине користењето на ова право и да се врати на работа пред истекот на траењето на породилното отсуство, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 42 став 1 од Уставот. Ова дотолку повеќе што и во овој случај согласно ставот 2 на оспорениот член, на работничката, покрај правото на плата и се признава право и на надоместок на платата за породилно отсуство во висина од 50% од утврдениот износ на надоместокот на продилното отсуство на сметка на средствата на Републиката односно на фондот за здравствено осигурување со кое решение, исто така, се обезбедува еден вид право на посебна заштита на жената мајка согласно член 42 од Уставот. Оспорената одредба има оправдание и во фактот што таа е основа за стекнување на дополнителни средства, покрај оние што ги обе збедува Републиката, за создавање на подобри економски и социјални услови за подобар развој на самото дете во чиј интерес во крајна линија е и посебната заштита што на жената-мајка и ја обезбедува Републиката. Исто така се претпоставува дека оваа законска можност жената-мајка нема да ја користи на штета на нејзиното здравје и здравјето и интересот на детето.
Што се однесува до наводите во иницијативите дека на жената не треба да и се дозволи сама да одлучува дали ќе се врати на работа, но со закон треба да се утврди минимум на денови кога таа не смее да се врати на работа, Судот оцени дека за тоа не е надлежен да одлучува со оглед дека тоа спаѓа во надлежност на законодавецот и негово право е да одлучува за каков вид на посебна заштита на жената ке се определи, односно дали таа заштита ке ја обезбеди во вид на определено право на жената или во вид на определена забрана.
6. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори, а исто така и според член 2 од Законот за работните односи работниот однос се уредува со овој закон, со друг закон и со колективен договор.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека правата од работен однос, освен со закон, се уредуваат и со колективни договори.
Иако на прв поглед изгледа дека според член 32 став 5 од Уставот законот и колективните договори се рамноправни правни акти со иста правна сила во поглед на регулирањето на работните односи, сепак, ако се има предвид начелото на уставноста и законитоста утврдено во член 51 од Уставот, според кое во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот произлегува дека и согласно Уставот колективните договори се акти со помала правна сила од законот и дека тие секогаш треба да бидат во согласност со законот. Ваквиот нивен однос произлегува и од член 110 алинеја 2 од Уставот според која Уставниот суд, освен за другите прописи, е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста и на колективните договори.
Исто така Уставот, освен што го воведува инситутот на колективното договарање, како нов облик на регулирање на работните односи, не содржи изречни одредби за видовите на колективните договори, н иту за нивните меѓусебни односи, односно тој не ја утврдува хиерархијата меѓу колективните договори. Меѓутоа, тргнувајки од тоа дека колективните договори, согласно Уставот, се нормативни акти, како и законот, со кои се уредува остварувањето на правата на вработрените и нивната положба, произлегува дека и тие се составен дел на внатрешниот правен поредок, за кој пак важат правилата на коегзистентност и меѓусебна усогласеност на пониските и повисоките правни акти, па оттука применувајки ги овие правила во однос на колективните договори произлегува дека понискиот колективен договор треба да биде во согласност со повисокиот колективен договор.
За разлика од Уставот, Законот за работните односи, разработувајки го уставниот концепт на колективното договарање, содржи конкретни одредби за односот на колективните договори и законот, за видовите на колективните договори, за времето на склучувањето и примената на колективните договори, за потписниците и сл.
Освен наведените прашања, во Законот е уреден и односот меѓу самите колективни договори. Така во член 93 е утврдено дека ако органот на државната управа надлежен за работите на трудот при регистрирање на општите и гранските колективни договори оцени дека одделни одредби од колективниот договор не се во согласност со закон или општ колективен договор ке им укаже за тоа на потписниците и ке определи рок за усогласување. Ако потписниците на колективниот договор во определениот рок не ги отстранат неусогласените одредби функционерот на органот на државната управа ке покрене постапка за оцена на законитоста пред надлежниот суд.
Од цитираната законска одредба произлегува дека општите и гранските колективни договори мора да бидат во согласност со законот, а гранскиот колективен договор, освен со законот, мора да биде во согласност и со општиот колективен договор, а во спротивност се доведува во прашање нивната законитост. Значи, Законот за работните односи неусогласеноста меѓу општиот и гранскиот колективен договор ја третира како проблем на нивната законитост, а не и на нивната уставност.
Со оглед дека во оспорениот член 90 став 2 се допушта можност со колективен договор на ниво на работодавец да се утврдуваат и помали права од правата утврдени во гранскиот колективен договор Судот оцени дека со ваквото решение не само што се дерегира гранскиот колективен договор, но истовремено се овозможува воспоставување на дисхармоничен односно неусогласен однос меѓу овие два вида на колективни договори, што не е во согласност со уставната интенција за колективното договарање, ниту пак со концепцијата на Законот за работните односи за колективните договори во целина затоа што, според мислењето на Судот, ова решение не соодветствува ниту на определбата од Законот за односот на гранскиот колективен договор спрема општиот колективен договор изразена во членот 93.
Поради наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 90 став 2 од Законот, во делот со кој се предвидува можност со колективниот договор на ниво на работодавец да се утврдуваат и помали права од правата утврдени во гранскиот колективен договор со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија. Освен со наведениот член, основано се постави прашањето за неговата согласност и со членовите 8 став 1 алинеја 11, 32 став 3 и 34 од Уставот, со оглед дека со оспорената одредба се доведува во прашање и остварувањето на загарантираната со Уставот и меѓународните договори соодветна заработувачка како и другите права утврдени во Законот за работните односи, чие доуредување се упатува да се врши со општиот или гранскиот колективен договор.
7. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Од одредбите на член 32 став 5 и член 9 од Уставот произлегува дека поблиското уредување на правата кои произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и колективни договори, што значи во рамките на ова овластување на законодавецот и на субјектите на колективното договарање спаѓа и уредувањето на прашањето за престанок на работниот однос при чие уредување уставното начело на еднаквост ги обврзува условите за престанок на работниот однос да важат подеднакво за сите работници.
Начинот и постапката за престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се уредени со Законот за работните односи (членовите 125 до 130), Општиот колективен договор за стопанството (член 68-72) и Општиот колективен договор за работниците кои вршат нестопанска дејност (член 77-81). Така, во оспорениот став на член 125 е пропишано дека во случај на престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени, работодавецот има право сам да утврди на кои работници ќе им престане работниот однос при престанок на помалку од 20 работници или 20% од вкупниот број вработени кај работодавецот, а додека во членот 129 е пропишано дека бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради истите причини се утврдува врз основа на критериуми утврдени со колективен договор, при што се поаѓа од потребите за ефикасно функционирање на работата на работодавецот, стручната подготовка и квалификација, работното искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраста и други критериуми утврдени со колективен договор.
Од наведените законски одредби произлегува дека работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени доколку нивниот број е помал од 20 или 20% од вкупниот број на вработени ги определува работодавецот сам, без оглед на критериумите што согласно член 129 од истиот закон се утврдени со колективен договор, а додека работниците на кои работниот однос ќе им престане по истиот основ доколку нивниот број изнесува повеќе од 20 или 20% од вкупниот број на вработени се определуваат врз основа на критериумите утврдени со колективен договор. Значи, во наведените членови од Законот во зависност од нивниот број се предвидува различен начин на определување на работниците на кои работниот однос треба да им престане по ист основ (поради економски, технолошки, структурални или слични промени) така што на тој начин тие се ставаат во различна и нееднаква положба пред законот, со оглед дека за едни работници се применува член 129 од Законот, а за други не, иако основот за престанок на нивниот работен однос е ист.
Имајќи предвид дека со оспорениот став на член 125 се воспоставува нов и поинаков режим за определување на работниците на кои работниот однос им престанува поради економски, технолошки, структурални и други промени од оној утврден во член 129 и по тој основ работниците се доведуваат во нееднаква односно нерамноправна положба, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со член 9 став 2 од Уставот.
Во однос на согласноста на оспорениот став на член 125 со член 58 од Уставот Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со посочениот член од Уставот со оглед дека со неа во суштина не се уредува управувањето и одлучувањето во смисла на член 58 од Уставот, бидејќи овие прашања (органите и начинот на управување и раководење) се предмет на уредување на други закони (Закон за јавни претпријатија, Закон за трговските друштва, како и други посебни закони кои уредуваат односи од соодветни области), така што под работодавец во смисла на оспорениот став треба да се подразбира органот што согласно двата општи колективни договори или посебните закони е надлежен да одлучува за престанок на работниот однос.
8. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, а додека според член 50 став 1 од Уставот, кој што спаѓа во групата одредби за гаранција на основните слободи и права, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Со оглед на тоа што оспорениот дел на членот 138 став 1 од Законот за работните односи спаѓа во групата на одредби со кои се регулира судската заштита на правата, обврските и одговорностите на работниците кои произлегуваат од нивниот работен однос, а не се однесува на заштитата кај работодавецот или друг орган утврден со колективен договор согласно член 138 од Законот, со чии решенија инаку е утврдено правото на приговор односно на жалба, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на тој дел од член 138 со член 15 од Уставот на Република Македонија затоа што не се уредува иста материја.
Меѓутоа, имајки предвид дека член 138 став 1, чиј дел е оспорен, е лоциран во одредбите што се однесуваат на општата заштита на правата на работниците што тие ја имаат во остварувањето на поединечните права од работниот однос, Судот оцени дека идејата на законодавецот е со оспорениот дел на член 138 став 1 да го исклучи правото на судска заштита на работникот во случај кога неговиот работен однос престанал поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а не да го заштити правото на работодавецот да воведува вакви промени, односно да ја исклучи можноста во вакви случаи судот да ја оценува потребата и оправданоста на економските, технолошките, структуралните или слични промени што работодавецот ги водел поради промени во производството, програмата, реорганизацијата, структурата и технологијата, а кои довеле до намалување на бројот на работниците и до престанок на нивниот работен однос со отказ. Ова и од причини што во конкретниот случај предмет на оспорување во работниот спор што работникот има право да го покрене пред надлежн иот суд може да биде само решението за престанок на работниот однос на работникот поради економски, технолошки, структурални и други слични промени, а не актот (во практиката тоа е програма или елаборат) врз основа на кој се воведени овие промени, со оглед дека тој не е поединечен акт со кој се одлучува за правата на работниците од работниот однос, но во него само се утврдува потребата и оправданоста од воведување на економски, технолошки, структурални или други слични промени, како и другите мерки и активности што согласно член 126 од Законот работодавецот е должен да ги преземе пред да ги воведе овие промени.
Поаѓајки од ваквата суштина и цел на оспорениот дел на член 138 став 1 од Законот, Судот смета дека со него се повредува член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, кој спаѓа во делот на гаранциите на основните слободи и права, утврдени со Уставот, а согласно кој член судската заштита на правата од работен однос според одредбите на Законот за судовите спаѓа во надлежност на основните судови.
Поради наведените причини, како и поради тоа што правото на судска заштита не е укинато односно ограничено на работниците чиј работен однос престанува по другите основи утврдени во Законот за работните односи прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 138 став 1 може да се постави и во однос на член 8 став 1 алинеите 3 и 11, како и член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1и 2 на ова решение.
9. Ова решение, во делот што се однесува за член 125 став 2, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов, а во делот што се однесува за членовите 58-а, 90 став 2 и 138 став 1 го донесе со мнозинство гласови во истиот состав.
У.бр.102/9 8; 103/98; 112/98; 119/98 и 155/98
11 ноември 1998 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков

Leave a Reply