Решение У.бр.140/1998

У.бр.140/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 51 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Киро Трајковски од Скопје за заштита на правото на работа повредено со дискриминација по основ на синдикални активности.

2. Киро Трајковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на правото означено во точка 1 од ова решение затоа што смета дека престанувањето на неговиот работен однос во Претпријатие во општествена сопственост “Треска” во Скопје не било последица на критериумите и потребите за утврдување на технолошки вишок, туку на негова дискриминација и реваншизам поради неговите синдикални активности.

3. На седницата Судот, испитувајки ги процесните претпоставки за одлучување по барањето, утврди дека тоа е поднесено на 10 јули 1998 година преку Унијата на независните синдикати – независен синдикат Претпријатие во општествена сопственост “Треска” во Скопје, а потоа со поднесок од 28.09.1998 година потврдено во лично име. Исто така Судот утврди дека Киро Трајковски водел постапка за заштита на правата од работен однос пред редовните судови во Република Македонија кои одлучиле за спорот со правосилна пресуда на Апелациониот суд во Скопје ГЖ.бр.3916/96 од 19.11.1996 година и со пресуда по ревизија Рев.бр.367/97 од 12.11.1997 година на Врховниот суд на Република Македонија. Пресудата на Врховниот суд Киро Трајковски ја примил на 20.01.1998 година од што произлегува дека правосилната пресуда на Апелациониот суд во Скопје ја примил пред тој датум.

4. Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Со оглед на тоа што од денот на доставувањето на правосилната пресуда, па дури и од доставувањето на пресудата на Врховниот суд по ревизијата, до поднесувањето на барањето поминале повеќе од 2 месеци, Судот утврди дека барањето не е поднесено во предвидениот рок, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.140/98)

Leave a Reply