149/1998-0-0

149/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Устаавниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за автентично толкување на член 115 став 1 точка 6 од Законот за работните односи и за поништување на пресуди на Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд на Република Македонија.

2. Ибраимхаки Ебипи од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за автентично толкување на член 115 став 1 точка 6 од ЗРО и за поништување на пресуди на судовите означени во точка 1 од ова решение со кои законот бил применет на негова штета во спорот за остварување на права од работниот однос. Во барањето се истакнува дека иако означената законска одредба била јасна и децидна, судовите ја толкувале поинаку, па затоа се бара Уставниот суд да го определи нејзиното значење.
3. Според член 110 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите, да ги заштитува поединечните слободи и права на граѓаните што се однесуваат на слободата на мислата и уверувањето, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација, како и други прецизно утврдени надлежности, меѓу кои не спаѓаат и автентичното толкување на законите, ниту контролата на законитоста на поединечните акти на судовите или други органи.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за барањето поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.149/98)

Leave a Reply