55/1998-0-0

55/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 октомври 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за 11-та урбана единица во Охрид донесена од Собранието на општина Охрид на 29 септември 1992 година.

2. Насте и Цвета Николоски од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што таа не била донесена во постапка предвидена со закон, односно на подносителот на иницијативата, изготвувачот и доносителот на урбанистичкиот план не ги зел во предвид забелешките и не му доставил одговор по забелешките на планот.

3. Судот на седницата утврди дека на 8 март 1991 година Собранието на општина Охрид донело решение за ставање на јавен увид на нацрт планот за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на 11-та урбана единица.

Во решението се наведуваат времето и местото на почетокот на јавниот увид како и можноста по нацрт планот работните луѓе и граѓаните своите забелешки, предлози и сугестии да ги достават писмено или усно до Секретаријатот за комунални работи, урбанизам и имотно правни односи.

Од Записникот на Месната заедница “Видобишта” утврдивме дека на 26 март 1991 година е спроведена јавна расправа за 11-та урбана единица и дека по одржувањето на јавната расправа биле доставени приговори кои поединечно биле разгледувани.

На Нацрт-планот приговор доставил и подносителот на иницијативата со барање во нацрт-планот да биде вклопена и неговата гаража.

Приговорот на подносителот бил прифатен со образложение дека има урбанистички услови во планот да се вклопи изградената гаража која е изградена со одобрение за градба од 1985 година.

По спроведување на постапката за донесување на планот побарана е согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

Меѓутоа надлежното министерство не дало согласност на нацрт-планот и со допис бр.08-2298/91 од 21 февруари 1992 година укажува на некои неусогласености на Деталниот урбанистички план со Основниот план за што предлага и спроведување на нова јавна расправа.

Исто така надлежниот орган наведува односно укажува дека одредбите за спроведување на планот да се усогласат со одредбите на Основниот урбанистички план, точката 37 (за времените објекти) да се изостави од одредбите затоа што времените објекти се регулираат согласно донесената програма врз основа на Законот за изградба на инвестициони објекти. Понатаму се наведува дека не е прифатливо предвидување на времени објекти во рамките на индивидуалните станбени групации а истото може да се регулира со пренамена на приземните простории на индивидуалните објекти.

Постапувајќи по овие укажувања Собранието на општина Охрид на 25 јуни 1992 година донело решение за повторно ставање на јавен увид на нацрт планот за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за 11-та урбана единица Месна заедница “Видобишта”.

И во ова решение е предвидено времето и местото на излагањето на планот како и можноста на работните луѓе и граѓаните да достават писмени забелешки по нацрт-планот.

На 10 јули 1992 година е одржан Собир на работните луѓе и граѓаните во Месната заедница “Видобишта” на кој бил разгледан нацрт-планот, а исто така биле ставени одредени забелешки.

По забелешките на планот надлежниот орган доставил одговор за прифатените односно неприфатените забелешки од граѓаните, а овие забелешки се внесени во текстуалниот дел од планот. Притоа, по овој нацрт подносителот на иницијативата не ставил забелешка односно не барал неговата гаража да биде вклопена во Урбанистичкиот план.

По спроведување на постапката за измена на планот и по добиената согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија од 28 септември 1992 година, Собранието на општина Охрид на 29 септември 1992 година ја донело оспорената одлука.

Исто така Судот утврди дека во текстуалниот дел на урбанистичкиот план – урбанистичките услови како и од нацрт-плановите кои биле на јавен увид гаражите како посебни објекти не биле вцртани. Имено според предвидените урбанистички услови како дел од содржината на текстуалниот дел на одредбите за примена на Планот за реализација во точката 3 е предвидено гаражите како посебни објекти да не се вцртуваат во графичкиот дел бидејќи гаражите би требало да се настојува да се вградат во склоп на објектите.

4. Според член 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85, 18/89 и 38/90) кој важел во времето на донесување на оспорената одлука се пропишува дека со планирањето на просторот се обезбедува планско и рационално користење и уредување на просторот и населените места, рационална изградба на објекти и мрежа на инфраструктурата и заштита и уредување на човековата околина.

Условите за уредување и користење на просторот и за изградба на населените места, согласно член 12 став 1 од Законот, се утврдуваат во просторниот и урбанистичкиот план, а со урбанистичкиот план, согласно член 18 став 1 од Законот, се утврдува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објектите и уредување на просторот, врз основа на анализа на постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определен плански период.

Во член 31 од Законот е предвидено дека нацрт на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот така што планот се изложува во месната заедница најмалку 15 дена а потоа во рок од 15 дена се примаат забелешки на граѓаните и другите заинтересирани субјекти изразени во писмена форма. Во член 32 од законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето задолжително се доставува на согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Во член 34 став 2 од истиот закон е пропишано дека собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2 измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесување на тие планови.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај по оспорената одлука била обезбедена јавна расправа и им била дадена можност на граѓаните да стават забелешки по нацрт на планот како и тоа што на предлог на планот е добиена согласност од надлежниот орган, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука во поглед на постапката за нејзиното донесување со означените законски одредби.

Исто така Судот смета дека од целината на законот и од неговите одредби не произлегува обврска за органот на управата надлежен за работите на урбанизам да достави одговор за неприфатените забелешки на граѓаните туку тој забелешките заедно со предлог на планот и извештајот од јавната расправа ги доставува до собранието на општината како доносител на актот.

Врз основа на изнесеното Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.55/98)

Leave a Reply