164/1998-0-0

164/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 29 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 октомври 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето со иницијативата за преиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.226/97 од 4 февруари 1998 година.

2. На Кире Мојсоски, градоначалник на Општина Другово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за преиспитување на Решението означено во точката 1 од ова решение. според наводите во иницијативата во постапката за донесување на оспорената одлука не било вклучено Министерството за сообраќај и врски, а вклучувањето на “Македонски железници” во стручната расправа било злоупотреба и изигрување на довербата. Имено , на ЈП “Македонски железници” во постапката за добивање согласност за измена и дополнувања на Основниот урбанистички план на Општина Кичево од страна на градскиот архитект му било презентирано барање за давање согласност поради оформување на простор за предвидена урбана населба на излезот од Кичево кон Охрид на кое барање им било излезено во пресрет. Меѓувреме “Македонски железници” биле информирани дека Советот на Општина Кичево донел одлука за нова локација за градски гробишта која со измената на Основниот урбанистичкиј план зафаќала простор од идната железничка траса, поради што доколку биле благовремено известени, немало да дадат согласност, затоа што, со изградбата на гробиштата за идната железничка траса ќе се предизвикале нерешливи проблеми за трасирање на пругата Кичево-Ќафасан.

Министерството за сообраќај и врски директно не било вклучено во постапката за давање согласност, ниту издало таква соглансост, а доколку издало таква согласност согласноста се однесувала на проектираната населба, како што било прикажано, а не за локација на гробишта. За тоа дека ова Министерство не дало согласност приложува и докази.

3 На седницата Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.226/97 од 4 февруари 1998 година не поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на локација за нови православни градски гробишта на Општина Кичево, број 785/3 од 30 јули 1997 година, затоа што оцени дека таа е донесена во постапка утврдена со Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од утврдената фактичка положба и правното мислење изнесено во решението за неповедување постапка за оценување законитоста на оспорената одлука Судот оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување. Тоа што “Македонски железници” на околноста дека му бил презентиран графички приказ за измена на Основниот план за Кичево кој се однесувал за дооформување на населба, а не за градски гробишта, според мислењето на Судот не може да се земе предвид како основ за поинакво одлучување, затоа што во текот на целата постпка, па оттука и на самата стручна расправа целокупната документација се однесува на измена на Основниот план за локација на православни градски гробишта. Исто така, не може да се земе предвид наводот за преиспитување на Решението затоа што Министерството за сообраќај и врски не било вклучено во донесувањето односно не дало согласност на оспорената одлука затоа што Законот не предвидува согласност за донесување на урбанистички план од ова министерство, ниту од Законот произлегува обврска за ова министерство да учествува во стручната расправа, затоа што нема свој орган на подрачјето на Општина Кичево.

Меѓутоа, и покрај непостоењето законска обврска за учество во стручната расправа и за давање согласност, на стручната расправа ова министерство учествувало преку инспекторот за патен сообраќај, а произнесувањето за сообраќајните аспекти на планот ќе го изврши надлежното министерство при издавањето на урбанистичката документација за реализација на планот, на што укажува и самото министерство.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.164/98)

Leave a Reply