138/1998-0-0

138/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 64 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/96).

2. Десанка Слеанска Стошиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 64 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во него во делот “права на осигурување” било изоставено правото на отпремнина при заминување во пензија, а кое право произлегувало и било гарантирано со Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и колективните договори.

3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 64 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се утврдени правата од осигурување во случај на невработеност и тоа: паричен надоместок; подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација); право на здравствена заштита во согласност со прописите за здравствена заштита; право на пензиско и инвалидско осигурување во согласност со прописите за пензиското и инвалидското осигурување и права на инвалидни лица за вработување со поволни услови во согласност со закон.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според оваа уставна одредба, Уставниот суд не е надлежен да врши изменување и дополнување на законите и другите прописи ниту пак, има право да утврдува како треба да гласат поедини нивни одредби.

Од друга страна, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, па според тоа исклучиво право е на Собранието да врши нивно изменување и дополнување.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Судот да ја укине оспорената одредба затоа што во неа не било содржано правото на отпремнина, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.138/98)

Leave a Reply