Решение У.бр.63/1998 У.бр.94/1998

У.бр.63/1998 и У.бр.94/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зоран Василески за преиспитување на Одлуката У.бр.333/95, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 17 декември 1997 година.

2. Зоран Василески од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за преиспитување на Одлуката У.бр.333/95 од 17 декември 1997 година со која му е одбиено барањето за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Според наводите во барањето подносителот смета дека Уставниот суд на Република Македонија, одлучувајќи по предметот У.бр.333/95 за заштита на слободите и правата, не расправал, ниту се изјаснил по барањето во целост односно и по барањето за заштита на слободата на уверувањето и на говорот, кои исто така му биле повредени со поединечниот акт за престанок на работниот однос, што било причина за негово повторно обраќање до Судот. Притоа, како слобода на уверувањето и слобода на говорот ги смета неговите активности и разговори со одделни работници во “Тетекс” за потребата од формирање на независен синдикат со цел, на подобар начин, да се обезбеди заштита и унапредување на правата на работниците во “Тетекс”. За тоа дека водел разговори со таква содржина прилага и записник од рочиштето одржано во Основниот суд Тетово на 8 јули 1997 година при што сведокот Ацо Глигоровски децидно потврдил дека при разговорите што ги водел изнесувал негова визија за формирање на независен синдикат или дека барал од работниците мислење за тоа.

Понатаму, подносителот на барањето истакнува дека користејќи ја уставната гаранција за слобода на говорот тој го изнел своето уверување дека било потребно да се употреби правото од член 37 од Уставот за формирање независен синдикат при што ја изнел и својата визија за новиот синдикат. Работодавецот користејќи го фактот дека ваквите активности не му биле во описот на работите и работните задачи, со санкционирање на наведените слободи и права се самопромовирал во “овластен дилер” за човековите права и слободи од кого зависело нивното користење и неосновано да го одзема правото на работа на работниците кои ги користат своите уставни права. Сторената повреда со поединечниот акт на работодавецот (престанок на работниот однос), пред се значела непочитување на Уставот и неговите темелни вредности за човековите слободи и права. Повредата на слободите и правата со поединечниот акт се изразувала и во формирање мислење кај вработените дека нивното користење претставува опасност и може да ја изгубат егзистенцијата поради што и своите уверувања не можеле да ги изнесат јавно. По изрекувањето на мерката престанок на работен однос кај вработените не постоела правна сигурност, а спротивно на тоа за непочитување на слободите и правата работодавецот не трпел никакви последици.

Со барањето по предметот У.бр.94/98 подносителот, исто така, бара преиспитување на Одлуката на Уставниот суд по предметот У.бр.333/95 од 17 декември 1997 година. Како причини за преиспитување наведува дека Судот не постапил по сите точки од барањето, односно дека единствениот навод по кој судот избрал да одлучува е наводот во барањето дека со поединечниот акт за престанок на работниот однос му било повредено правото на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Подносителот смета дека со поединечниот акт му било повредено уставното право на слободата на уверувањето и слободата на говорот, за што исто така била барана заштита, а Судот не го земал предвид ова барање. При тоа, нагласува дека со санкционирањето на водењето разговори за заштита на правата од работен однос и преземањето синдикални активности со иста цел, работодавеацот ги сметал за недозволени, забранети и основ за одговорност со што му биле повредени правото на слободата на уверувањето и слободата на говорот.

Со Решението за престанок на работниот однос како повреда на работниот ред и дисциплина работодавецот санкционирал со престанок на работниот однос синдикални активности кои биле израз на слободата на уверувањето, слободата на совеста и слободата на јавното информирање, за што судот, исто така, не се произнел.

Имено, санкционирано било од работодавецот соопштението дека е формиран независен синдикат во “Тетекс”, а уставот во член 16 го гарантирал правото на примање и пренесување на ифнормации. Тој издал соопштение како претседател на независниот синдикат врз оснвоа на уверувањето дека сите работници треба да бидат информирани за неговото постоење за да можат по свој избор да се обратат за заштита на своите права и дека новоформираниот синдикат е отворен за сите.

Исто така, и даденото интервју во весникот “Фокус” за состојбите во работењето на “Тетекс” биле негов личен став и лично уверување за состојбите и израз на совеста за потребата да се проговори за штетните и недозволените појави. Во оваа смисла, врз основа на слоободата на уверувањето и совеста постапувал и кога преземал дејствија да ги заштити правата на одделни работници во “Тетекс”.

На крајот од барањето подносителот изразува несогласување со утврдената фактичка положба и мислењето на Судот изнесен во Одлуката.

Со претставка подносителот ги дополнува барањата и укажува на факти и околности под кои била сторена повредата и бара соодветно нивно третирање од страна на Судот, кои истовремено требало да бидат основ за постапување на Судот. Имено, доставени се одлуките на Основниот суд во Тетово и Апелациониот суд во Скопје и смета дека овие судови не утврдиле повреда на работниот ред и дисциплина таква како што предвидувал Законот за работните односи, ниту правилно ја утврдиле фактичката положба.

Наведените дисциплински прекршоци наброени во решението за престанок на работниот однос, а со кое му биле повредени правата и слободите предходно не биле утврдени како казниви дела, ниту за нив била предвидена казна (водење разговори со тема надвор од работниот однос, разговор со работник што побарал синдикална помош, организирање, растурање и лепење на синдикални плакати, користење на јавните медиуми за изразување на мислата и уверувањето со цел да се сруши комбинатот, нарушување на производството, да се дезинформираат работниците).

Правото на синдикално организирање и дејствување било признато и со повеќе меѓународни конвенции ратификувани од Република Македонија и за кои државата има обврска да создаде и услови за непречено користење на ова право. Според тоа, со поединечниот акт биле повредени и правата кои произлегуваат од меѓународните документи. Конкретно со член 11 од Европската конвенција за човекови права, со тоа што како повреда на работниот ред и дисциплина му било утврдено “водење разговори за синдикално организирање” што било израз на слободата на мислата, уверувањето и совеста и бара уставниот суд при одлучувањето да ги има предвид членовите 18 и 19 од Универзалната декларација за човековите права , членовите 18 и 19 од Меѓународниот пак за граѓанските и политичките права и членовите 9 и 10 од Европската конвенција за човекови права.

И во претставката повторно се осврнува на неговото интервју дадено за весникот “Фокус” и при тоа истакнува дека работодавецот не се обидел да го демантира изнесеното. Понатаму, изразува незадоволство што Основниот суд во Тетово, а и Апелациониот суд во Скопје со своите пресуди ги озакониле изразените ставови во врска со престанокот на работниот однос.

На крајот заклучува дека Уставниот суд при одлучување по предметот У.бр.333/95 постапил делумно по неговото барање за заштита на слободите и правата и се ограничил само на фактот дека слободата на јавното изразување на мислата му е овозможена од страна на весникот “Фокус”, а тоа не било предмет на неговото барање, туку барал заштита затоа што работодавецот со намера да ја санкционира слободата на изразување, мислата, совеста и уверувањето ги прогласил за недозволено и штетно однесување заедно со правото на здружување со цел да се формира синдикат и правото на синдикатите самостојно да ги утврдуваат правата и начинот на вршење на својата дејност.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.333/95 од 17 декември 1997 година е одбиено барањето на Зоран Василески од Тетово за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Притоа, Судот оценил дека не се работи за спречување на јавното изразување на мислата на подносителот на барањето, затоа што неговото јавно изразување на мислата во врска со состојбите и работењето во “Тетекс” е овозможено во средствата за јавно информирање (весникот “Фокус”, РТВ “КИС”), туку за последици врз него од дисциплински карактер што му се изречени заради содржината на тоа мислење, што според органите што одлучувале е елемент на казниво поведение утврдено во точката 17 на членот 91 од Правилата, за што во крајна линија се одлучува во постапка за заштита на правата на работниците од работниот однос пред редовните судови.

Понатаму, во посебна точка од Одлуката (точка 6) Судот го изнесе својот став во поглед на барањето за заштита на правата на работниците на синдикално организирање и дејствување. При тоа, изрази став дека со Уставот на Република Македонија е утврдено правото на граѓаните да се повикуваат на своите слободи и права пред редовните судови и пред Уставниот суд на Република Македонија (член 50 од Уставот) и во врска со тоа е утврдена надлежноста на Уставниот суд да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Според тоа, Уставниот суд не ги штити правата на работниците на синдикално организирање и дејствување. Имено, правото на синдикално организирање и дејствување на работниците во Уставот е сместено во делот на економски, социјални и културни права (член 37), што ука`ува дека синдикалното организирање и дејствување е издвоено односно е посебен облик на организирање на граѓаните, разли~ен од здру`енијата на граѓаните и полити~ките партии кои се организирани согласно ~лен 20 од уставот, во кои граѓаните остваруваат заштита на своите полити~ки, економски, културни и други права и уверувања, а преку организирање во полити~ки партии се залагаат за у~ество во власта (~лен 2 и 3 од Законот за полити~ките партии). Основањето, пак, на синдикатите има јасна цел – остварување и заштита на економските и на социјалните права на граѓаните, односно на работниците. Законот за работните односи ги има предвид само организациите на работниците кои имаат синдикален карактер, вид на организирање на работниците заради остварување на нивните економски и социјални права од работниот однос, а кои се утврдени со закон и колективен договор.

По предметот У.бр.33/98 Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Зоран Василески за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 90 точка 17 од Правилата за работни односи, работен ред и дисциплина на “Тетекс” АД Тетово, донесен од Управниот одбор на 11 мај 1995 година, затоа што утврдил дека оспорениот акт не е пропис во смисла на одредбите од членовите 51, 52 и 110 од Уставот и не подлежи на уставно-судска оценка.

4. Во ставот 2 на член 8 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија слободно е се што со Уставот и со закон не е забрането.

Согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело за кое не била предвидена казна, а во членот 16, меѓудругото, е предвидено дека се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата (став 1), дека се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање (став 2) и дека се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации (став 3).

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а во членот 37 од Уставот е предвидено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати.

Согласно член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка засновна врз начелата на приоритет и итност, а според член 54 став 1 слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, покрај другото, ги штити слободите и правата на човекот и грааѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Слободата на уверувањето, совеста и мислата се во меѓусебна взаемност и условеност. Имено, слободата на уверувањето се изразува преку искажување на мислата за определување на човекот во сите или одделни свери на општествениот живот и активностите во него, во зависност од неговиот интерес и неговиот однос кон појавите, настаните во општеството во кое живее, или кое го опкружува во одделните области – научни уметнички, културни, образовни, социјални, политички, хуманитарни и друго. Така искажаното уверување е продукт на мисловниот процес на човекот врз основа на неговите сознанија.

Слободата на уверувањето, како релативно нова слобода, содржи неограничени можности човекот да се определува без притисок и наметнување од страна дали ќе прифати и од кои причини и мотиви одделно идејно-филозовско и морално-политичко гледање на светот или ќе има сопствено гледање кое е блиско или сосема спротивно на постојното. Највидливо оваа слобода се изразува во политичките определби и религијата.

Во однос на политичкото определување тоа значи прифаќање или одбивање на определено политичко гледање или движење, нивно активно поддржување или несогласување, основање и членување или нечленување во политичка партија или здружение и слично, а во однос на религијата тоа значи слобода на човекот да прифати или одбие секаква религија или да пристапи на определена религија, да ја смени и слично. Според тоа, со оваа уставна гаранција човекот станува слободна личност – без страв и прогон – државен, верски, политички и секаков друг прогон заради своето уверување и неговото искажување.

Слободата, пак, на совеста како неопходна реакција на тешкото миното кога се одговарало и за тоа што се мисли иако мислата јавно не се искажувала, има реална вредност во гарантираната слобода на уверувањето на мислата и на нивното изразување и искажување. Како слободата на мислата, така и слободата на совеста, има своја основа и гаранција како надворешна манифестација на мисловниот процес на човекот. По својата суштина тоа значи отфрлање на секакво догматско наметнување на мислата и отфрлање на забраните за искажување на мислата, спротивни на владеачката мисла. Со други зборови суштината на оваа слобода е во уставната гаранција за нејзиното јавно изразување.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и од карактерот на уставната гаранција за слободата на уверувањето, совеста и мислата и јавното изразување на мислата, за чија заштита одлучува Уставниот суд, а имајќи го предвид предметното барање за заштита на правата на подносителот, според мислењето на Судот слободата на совеста и уверувањето искажана во активностите за организирање на независен синдикат станува јавно изразена мисла на подносителот. Оттука судот смета дека аргументацијата содржана во одлуката на Судот за одбивање на барањето се однесува и на слободата на уверувањето и слободата на совеста. Тоа, пак, што во Одлуката аргументите за одбивање на барањето се врзуваат само за слободата на мислата и за јавното изразување на мислата е затоа што еден од основите за престанок на работниот однос е изнесување на состојбите во “Тетекс” преку средствата за информирање, а во поединечниот акт утврдена како дисциплинска повреда “ширел дезинформации за работењето на “Тетекс” и лично пласирал вакви материјали во весникот “Фокус”. Тоа, пак, дали со Правилата можеле да се санкционираат овие дејствија како недозволени или, пак дали со тие дејствија е сторена штета на работодавецот, или дали се вистинити или невистинити податоците што се изнесуваат преку јавните средства за информирање е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува. За овој суд, за почитување на уставните гаранции што ги штити Уставниот суд, е битно дали човекот е оневозможен јавно да го изрази своето уверување, совеста и мислата што во конкретниов случај не постои, ниту, пак, му е ограничено тоа право на подносителот.

Од друга страна, во точката 6 од Одлуката Судот изрази став дека активностите за организирање на самостоен синдикат, ниту во Правилата, ниту во поединечниот акт не се утврдени како основ за престаноак на работниот однос, па според тоа и уверувањето, совеста и мислата искажани низ овие активности не се санкционирани, односно подносителот не бил спречен јавно да ги изразува.

Исто така, при одлучувањето Судот се раководеше од уставната димензија за неговата надлежност утврдена во член 110 став 3 од Уставот, па соодветно на тоа ги разграничи повредите за кои смета подносителот дека му се сторени со поединечниот акт. Во таа смисла Судот не е надлежен да го цени поединечниот акт за престанок на работниот однос од аспект на заштита на слободите и правата утврдени со член 8 став 2, со член 12, со член 14, со член 16 став 2, со член 20 став 1, член 32 став 5 и член 54 став 1 од Уставот, ниту, пак, да одлучува за правата на работниците на синдикално организирање и дејствување признати со меѓународните документи.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување поради што согласно член 28 алинеја 2, а во врска со член 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.63/98 и 94/98)

Leave a Reply