3/1998-0-0

3/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 70, 71, 72, 74, 75 и 76 од Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 73 и 77 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на РМ”.

4. Манчо Манчев, адвокат од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 70, 71, 72, 73, 74, 75, 76 и 77 од Законот за радиодифузна дејност. Во иницијативата се наведува дека начинот на плаќање на радиодифузната такса со сметките за електрична енергија утврден со член 75 од Законот исклучува донесување решение за задолжување со таксата како поединечен акт, што е правило на управната постапка, а со тоа и се оневозможува остварување на правото на жалба на граѓанинот против евентуално такво решение во согласност со член 15 од Уставот. Исто така, се наведува дека со оспорените одредби од Законот се воспоставувала монополска положба на одредени субјекти (МТВ) со оглед на тоа што за нив се обезбедува промптна наплата на јавната давачка, а за други субјекти што се финансираат од јавните давачки, а подмируваат други потреби (социјално, пензии и т.н.) наплатата се одвива редовно (со решение, по жалба …), а со тоа и граѓаните се доведувале во нееднаква положба.

5. На седницата Судот утврди дека радиодифузните организации се финансираат од вршењето на својата дејност, донации и други приходи.

Според член 71 за создавање на општите услови од член 7 на овој закон се установува радиодифузна такса.

Согласно член 72 од Законот радиодифузна такса плаќа секој корисник на радио и телевизиски приемник, а според ставот 2 по исклучок од став 1 на овој член Владата на Република Македонија на предлог на Советот ќе определи кои корисници на радио и ТВ приемници, како и подрачја кои не се покриени со квалитетен радиотелевизиски сигнал, нема да плаќаат радиодифузна такса.

Според ставот 3 на овој член семејното домаќинство како корисник, независно од бројот на радио и ТВ приемниците што ги поседува, плаќа една радиодифузна такса, а според ставот 4 претпријатијата и другите правни лица, освен државните органи и воспитно-образовните организации и јавните здравствени организации плаќаат радиодифузна такса за секој радио и ТВ приемник што ги поседуваат, како и за приемниците вградени во нивните моторни возила.

Согласно ставот 5, по исклучок од став 4 на овој член, хотелите и другите угостителски објекти и социјални институции плаќаат по една радиодифузна такса за десет соби опремени со радио и ТВ приемник, а секое друго правно и физичко лице, освен радиодифузните организации плаќа по една радиодифузна такса за 20 вработени чии работни места се опремени со радио и ТВ приемник. Корисниците од ставовите 4 и 5 на овој член кои поседуваат само радио приемници плаќаат 1/3 од утврдениот износ на радиодифузната такса.

Според член 73 радиодифузната такса се плаќа секој месец, во висина од 2,5% од просечната нето месечна плата исплатена во Републиката за претходните три месеци, а согласно ставот 2 висината на радиодифузната такса од став 1 на овој член, Советот ја усогласува со објавениот податок на Заводот за статистика за висината на просечната нето месечна плата во стопанството исплатена во последните три месеци и за тоа ја известува јавноста.

Согласно член 74 од Законот регистар на корисници на радио и ТВ приемници води јавното радиодифузно претпријатие од член 9 став 3 на овој закон, а за секоја промена на користење на радио и ТВ приемник корисниците се должни да го известат претпријатието од став 1 на овој член во рок од 15 дена од денот на промената.

Во член 75 е предвидено дека радиодифузната такса се наплатува со сметката за наплата на електричната енергија врз основа на евиденцијата (регистар на корисници на радио и ТВ приемници) што ја води претпријатието од член 74 став 1 на овој закон.

Корисник на електрична енергија кој не поседува радио и ТВ приемник не подлежи на обврската за плаќање на радиодифузна такса ако на претпријатието од член 74 став 1 на овој закон докаже дека не поседува или од оделни причини не користи радио и ТВ приемник, за што истото издава соодветна потврда на корисникот.

Радиодифузната такса за приемниците вградени во моторните возила од член 72 став 4 на овој закон се наплатува при регистрација на моторните возила од овластена организација за тоа, во годишен износ.

Во сметката за наплатата на електричната енергија се назначува и износот на радидофузната такса и месецот за кој се однесува.

Според член 76 средствата од радиодифузната такса се уплатуваат на посебна собирна сметка кај институцијата што го врши платниот промет која ги насочува на соодветните корисници согласно со овој закон.

Во поглед на присилната наплата, каматата и застареноста на обврската за плаќање на радиодифузната такса, соодветно се применуваат одредбите од Законот за персоналниот данок од доход, доколку со друг закон не е поинаку определено.

Конечно, во член 77 е предвидено дека средствата прибрани од радиодифузната такса установена заради намените од член 7 на овој закон се распоредуваат врз основа на следниве критериуми:

-61% од прибраните средства за јавното радиодифузно претпријатие што врши дејност на територијата на Република Македонија за создавање и емитување на програми од интерес за државата;

– 16,5% од прибраните средства за изградба, одржување и употреба на основната радиодифузна мрежа;

– 7,5% од прибраните средства за развој и техничка опременост на јавното радиодифузно претпријатие на територијата на Република Македонија;

-5% од прибраните средства за јавните радиодифузни претпријатија што вршат дејност на локално ниво и

– 10% од прибраните средства за создавање и емитување на програми од јавен интерес за трговските радиодифузни друштва и за независни продуценти.

6. Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а согласно ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Со оглед на тоа што во член 70 од Законот е дозволено радиодифузните организации да се финансираат од различни извори, како и другите субјекти на пазарот, Судот оцени дека со него не се создаваат можности за нееднаквост помеѓу радиодифузните организации и други субјекти, ниту се ограничува слободата на пазарот и претпримништвото, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

7. Согласно член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со оглед на тоа што со оспорените членови 71 и 72 од Законот се воведува јавна давачка за намирување на потребите на создавање на општи услови за развој на радиодифузната дејност како јавен расход преземен од Републиката со член 7 и се утврдува начинот на нејзиното плаќање, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Исто така, не може да се постави прашањето за согласноста на член 74 од Законот со член 33 од Уставот, затоа што евиденцијата на имателите на приемници се надоврзува на определувањето на обврзникот на таксата и е технички услов за нејзиното плаќање.

Конечно, со оглед на тоа што во член 76 став 1 се утврдува техниката на собирање и дистрибуцијата на средствата од радиодифузната такса, а ставот 2, пак, со својата упатувачка норма се повикува на примена на поопшт закон за постапување во случаи кои не се регулирани со овој специјален закон, а по својата природа спаѓаат во сферата на постапката за реализација на даночните односно таксените обврски, Судот оцени дека и овој член од Законот не е во несогласност со член 33 од Уставот

8. На седницата Судот утврди дека со решение У.бр.88/97 од 5 ноември 1997 година Судот не повел постапка за оценување уставноста на член 75 од Законот, но од друг аспект од оној што се истакнува во оваа иницијатива.

Разгледувајќи го повторно член 75 од аспект на остварувањето на уставната гаранција на правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, утврдена во член 15 од Уставот, Судот утврди дека непосредната наплата на радиодифузната такса без посредство на поединечен акт за задолжување е посебен облик на управна постапка. Отсуството на поединечни акти за задолжување во тие случаи, според мислењето на Судот, не може и не смее да биде основ за исклучување на правото на жалба, во најширока смисла, на обврзниците кои сметаат дека наплатата на тие такси е незаконита по основ или по висина. Во тој контекст Судот оцени дека правото на обврзниците на радиодифузната такса од став 2 на овој член да го оспорат основот за плаќање на таксата пред Јавното радиодифузно претпријатие што го води регистарот на корисници на радио и ТВ приемници, го овозможува и го вклучува во себе правото на жалба против поединечниот акт на Јавното претпријатие со кој конечно се утврдува основот за плаќањето на таксата, имено, поседувањето или непоседувањето приемник. Тоа значи дека во смисла на член 75 став 2 Јавното претпријатие за радиодифузна дејност ќе му достави на обврзникот решение доколку не го прифати приговорот за непоседување ТВ приемник, против кое тој може да поднесе жалба заради заштита на своите права. Поради тоа Судот смета дека не може да се постави прашањето за несогласноста на член 75 од Законот со член 15 од Уставот.

9. Судот утврди дека со решението У.бр.88/97 од 5 ноември 1997 година не повел постапка за оценување на уставноста и на член 73 и 77 од Законот и дека нема причини за поинакво одлучување, поради што одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на нивната уставност.

10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.3/98)

Leave a Reply