100/1998-0-0

100/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување надоместок за користење на градежно земјиште на подрачјето на граничен премин “Деве Баир” во општина Крива Паланка за 1998 година, донесена од Советот на општина Крива Паланка на седницата одржана на 31 март 1998 година.

2. СЕ УКИНУВА времената мерка со која Судот, до донесување на конечна одлука, ги запре од извршување поединечните акти и дејства донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Меѓународната и внатрешната шпедиција со јавни и царински складишта “Фершпед” А.Д.-Скопје и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, со решение У.бр.85/98 и 100/98 од 1 јули 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука и со времена мерка, до донесување на конечна одлука, ги запре од извршување поединечните акти и дејства донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

5. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдува обврска за плаќање надоместок за користење на градежно земјиште во урбанинизираниот дел на граничниот премин “Деве Баир” во општина Крива Палнка; се предвидува средствата за надоместокот да служат за активности според Програмата за уредување на градежно земјиште во градот Крива Паланка и граничниот премин “Деве Баир”; како обврзници за плаќање на овој надоместок се предвидени носителите на правото на користење на градежното земјиште на кое се изградени објекти од траен карактер и деловни објекти кои се изградени или поставени како времени објекти, а служат за обавување на угостителска, занаетчиска, трговска, услужна и друга дејност од јавен карактер. Понатаму, Одлуката го предвидува начинот на плаќањето и пресметувањето на надоместокот по м2 за бруто површина на изградени или монтажно поставени, односно за објект по 3000 денари, а за дворно место и паркинг по 400 денари. Останатите одредби уредуваат прашања во врска со начинот на плаќање на надоместокот во годишни рати, за што комуналниот орган на општината издава поединечно решение на секој обврзник; начинот на спроведувањето контрола за утврдување на површината за која се плаќа надоместокот и органот што ја врши наплатата; се определува наплатата на надоместокот да ја врши Управата за јавни приходи во Крива Паланка според Законот за персоналниот данок од доход и се предвидува дека по приговори и жалби од странки ќе решава Одборот за јавни и комунални дејности на Советот на општина Крива Паланка, а дека жалбата не го одлага извршувањето на решението.

6. Согласно член 115 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа, меѓу другото, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областа на урбанизмот, комуналните дејности и во други области утврдени со закон.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Ставот 3 на овој член од Уставот предвидува
Републиката со закон да може да и довери вршење на определени работи на општината.

Исто така, согласно член 16 од Законот за локалната самоуправа единиците на локалната самоуправа, во рамките утрдени со Уставот и закон, имаат право со статут да вршат работи и преземаат активности од локално значење кои не се ставени во надлежност на органите на државната власт.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење; дека надлежностите на општината се утврдени со Устав и со закон, а Републиката, која врши надзор над законитоста на нејзината работа, може со Закон да и довери вршење на определени работи.

Исто така, Судот утврди дека прашањата сврзани со граничните премини неможат да бидат од локално значење и дека општината не е овластена да утврдува надоместок за употреба на градежно земјиште на граничните премини.

Имено, согласно член 3 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92,66/92, 12/93, 31/93 и 11/94), граничните премини се места определени за минување на државната граница.

Согласно член 9 став 1 и став 3 од овој закон, граничниот премин го определува Владата на Република Македонија, а министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за урбанизам, градежништво и екологија ги определува подрачјата и објектите што ги опфаќаат граничните премини.

Врз основа на оваа одредба од Законот министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за урбанизам градежништво и екологија, донел Правилник за подрачјата и објектите што ги опфаќаат граничните премини (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/92 и 9/97).

Согласно став 2 на член 2 од овој правилник подрачјето на граничен премин го опфаќа просторот утврден со урбанистички план, на кој се изградени или предвидени за градба објектите согласно тој план. Како такви според став 2 на член 1 од Правилникот се сметаат: објектите што ги опфаќа граничниот премин за меѓународен сообраќај, граничниот премин за меѓудржавен сообраќај и граничниот премин за пограничен сообраќај (зградите, просториите и уредите што ги користат државните органи, претпријатијата и други правни лица кои работите од своја надлежност ги вршат на подрачјето на граничниот премин).

Во точката 1 од овој член на Правилникот е определена вкупната површина на граничниот премин “Деве Баир” со наведеување на катастарските парцели што се во негов состав.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека граничните премини претставуват објекти во јавна употреба т.е. јавно добро поради што Републиката има право и должност да се грижи за нивното функционирање. Следствено на ова, прашањата што се поврзани со граничните премини не се прашања од локално значење, односно не спаѓаат во доменот на надлежноста на одлучувањето на единиците на локалната самоуправа, поради што, во конкретниов случај, Советот на општина Крива Паланка не бил овластен да го утврдува надоместокот за користење на градежно земјиште на подрачјето на граничниот премин “Деве Баир”.

Понтаму, согласно член 22 став 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање урбанистичките планови за граничните премини и за други локалитети со објекти од јавен интерес, ги донесува Владата на Република Македонија, а според ставот 3 на овој член од законот, општината донесува генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината.

Според тоа, Владата на Република Македонија, како доносител на урбанистичкиот план за граничниот премин “Деве Баир”, го извршила и го врши уредувањето на градежното земјиште и негово опремување со комунални објекти и инсталации, како последица на што општината Крива Паланка не е овластена да определува надоместок за користење на ова градежно земјиште.

Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас, Павилникот за подрачјата и објектите што ги опфаќаат граничните премини, Законот за локалната самоуправа, Законот за просторното и урбанистичкото планирање и Законот за градежното земјиште, Судот оцени дека: единиците на локалната самоуправа се надлежни да одлучуваат за прашања од локално значење, кои не се ставени во надлежност на органите на државната власт; прашањата сврзани со граничните премини не се прашања од локално значење и за нив не можат да одлучуваат граѓаните на општината; подрачјето на граничнииот премин е изземено од подрачјето на општините; генералното овластување на општианта, утврдено во член 44 од Законот за градежното земјиште да го утврдува надоместокот за употреба на градежно земјиште не може да се однесува на подрачјата на граничните премини; урбанситичките планови за граничните премини и за други локалитети со објекти од јавен интерес ги донесува Владата на Република Македонија која, како доносител на овие планови, врши и уредување на градежното земјиште за чие користење општината не е овластена да воведува плаќање на надомест; Владата на Република Македонија ги определува граничните премини; министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за урбанизам, градежништво и екологија, ги определува подрачјата и објектите што ги опфаќаат граничните премини, поради што утврди дека оспорената одлука е несогласна со Уставот и со закон.

7. Судот ја укина времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејства донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што ја донесе конечната одлука за оценување на нејзината уставност и законитост.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.85/98 и 100/98)