115/1998-0-0

115/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Договорот за уредување на односите меѓу Фондот за здравствено осигурување и давателите на услугите за пружање на здравствени услуги од примарната здравствена заштита на осигурениците на Фондот.

2. Лекарската комора на Македонија-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Договорот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорениот договор се предизвикувало правно дејство и штетни последици врз трети лица кои не се странки и потписници на договорот, какви што се осигурениците, а приватните здравствени организации се принудувале да вршат редукција на осигуреничките права утврдени со Законот. Имено, со ограничувањата содржани во членовите 5 и 7 од Договорот, кои инаку се наменети за докторите, Фондот за здравствено осигурување востановувал “свое” здравствено осигурување на граѓаните, спротивно од востановеното со Законот, а со членовите 20,21 и 22 од Договорот се овозможувала примената на ограничувањата опфатени во членовите 5 и 7 од Договорот, преку раскин на договорот од страна на Фондот, од само за него познати критериуми за неоправдано пречекорување на бројот на здравствените услуги што ги извршил давателот на услугите. Според подносителот на иницијативата, оспорениот договор, а особено одредбите на членовите 5, 7, 20, 21 и 22 од Договорот, не биле во согласност со членовите 9,32,34 и 39 од Уставот и со членовите 7, 11, 19, 25, 42, 46 и 58 од Законот за здравствената заштита.

3. Судот на седницата утврди дека не постои договор како пропис или општ акт, туку се оспорува бланко формулар на договор кој по својата форма претставува нацрт-текст на двостран облигационен правен акт.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби во однос на надлежноста на Уставотниот суд, а имајќи предвид дека не постои договор, како пропис или друг општ акт што подлежи на уставно-судска заштита, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.115/98)

Leave a Reply