71/1998-0-0

71/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 6 од Одлуката за основање на инспекциска служба за вршење на инспекциски надзор од надлежност на општината во областа на патниот сообраќај, јавните патишта и комуналните дејности на подрачјето на општина Тетово, донесена од Советот на општина Тетово на 29 декември 1997 година.

2. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.71/98 од 8 јули 1998 година по повод поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 6 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашање за неговата согласност со Уставот, со Законот за локалната самоуправа, Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за јавни патишта, Законот за комуналните дејности, Законот за прекршоци и Законот за буџетите.

3. На седницата Судот утврди дека во член 6 од оспорената одлука е предвидено дека инспекторите согласно законските прописи и Одлуката за комунален ред изрекуваат и мандатни казни. Средствата од казните се приход на буџетот на општината.

За изречената мандатна казна се издава потврда, а казната се уплатува во благајната на општината.

4. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Од наведената одредба произлегува дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука што значи дека за сите казниви дела според Уставот одлучуваат само судовите.

Според член 17 алинеја 1 точка 30 од Законот за локалната самоуправа единиците на локалната самоуправа основаат инспекциски органи и служби за областа за кои единицата на локалната самоуправа има самостојна надлежност во уредувањето и остварувањето на работите од тие области.

Во член 29 точка 10, пак, е предвидено дека тие одредуваат престапи и казни кога не се почитуваат прописитге на единицата на локалната самоуправа.

Од наведените одредби произлегува дека единицата на локалната самоуправа може да основа инспекциски органи, меѓутоа тие органи односно нивните овластени инспектори можат само да го одредат престапот и казната за сторен прекршок ако не се почитуваат прописите на единицата на локалната самоуправа, меѓутоа тој престап и казна треба да бидат утврдени со закон. Тоа значи дека инспекторите можат да определат за кој прекршок се работи и за која казна, меѓутоа тие не можат да изрекуваат мандатни казни.

Според тоа Судот оцени дека престапите и казните мора да бидат утврдени со закон и за изрекување на казна за одреден прекршок, па било тоа да е и мандатна казна како што е тоа во конкретниот случај, инспекциските органи можат и треба да покренат постапка пред надлежниот суд, и само судот е тој кој може да ја изрече казната согласно член 13 од Уставот.

Според член 81 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/95) е предвидено дека надзор над законитоста на работењето на претпријатијата што вршат јавен превоз на патници и стока врши Министерството за сообраќај и врски, а надзор над законитоста на работата на претпријатијата што вршат градски и приградски превоз и автотакси превоз врши општината односно Градот Скопје. Инспекцискиот надзор над примената на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Републичкиот инспектор за сообраќај и врски, а за градски, приградски и автотакси превоз, инспекциските органи на општината односно Градот Скопје.

Во член 84 од наведениот закон се предвидени случаите кога инспекторите за патен сообраќај имаат право да донесуваат решение.

Во член 112 од Законот за јавните патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/96) е предвидено дека надзор над состојбата на јавните патишта, извршување на одредбите од овој закон и условите на сообраќајот на јавните патишта, примената на поблиските прописи, техничките нормативи и други работи врши Републичкиот инспекторат за сообраќај и врски како орган во состав на Министерството за сообраќај и врски, а за локалните патишта и улици инспекциските органи на општината односно Градот Скопје.

Во член 114 од наведениот закон предвидени се овластувањата на инспекторите за патишта, при што во вршењето на своите работи тие можат да донесуваат решенија (член 116).

Во став 3 од овој член е предвидено дека ако инспекторите за патишта во вршењето на инспекцискиот надзор најдат дека е сторен прекршок, стопански престап или кривично дело, се должни веднаш да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, пријава за поведување постапка за поведување стопански престап односно кривично дело.

Во член 30 став 2 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97) е предвидено дека инспекцискиот надзор над законитоста во работењето на субјектите во комуналните дејности врши Републичкиот комунален инспектор како орган во состав на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина и комуналните инспектори на општината односно Градот Скопје.

Во член 33 е предвидено дека општините односно Градот Скопје за вршење на работите во областа на комуналните дејности во рамките на нивните надлежности утврдени со закон назначуваат комунални инспектори.

Комуналните инспектори вршат инспекциски надзор над јавните комунални претпријатија основани од општината односно Градот Скопје, над спроведување на одлуката за комунален ред и над физичките и правни лица на кои општината односно Градот Скопје им дал дозвола за вршење на комунални дејности.

Во член 34 став 2 од Законот е предвидено дека ако при вршењето на инспекциски надзор, инспекторот утврди дека е сторен прекршок или кривично дело должен е да покрене постапка пред надлежен суд.

Според член 22 од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97 и 35/97) сторителот затекнат при извршување на прекршок за кој е предвидена парична казна во определен износ (член 13 став 4), од страна на службеното лице на кое со законот му е дадено такво овластување може да ја плати казната на самото место по негова согласност.

Во член 4 став 1 под г) алинеја 2 од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/93) е предвидено дека како приход на буџетот на Републиката се и приходите од паричните казни.

Од наведените законски одредби произлегува дека на комуналните инспектори, на инспекторите за патишта и на инспекторите за патен сообраќај со наведените закони не им е дадено овластување да можат на сторителот на прекршокот да му изречат казна на самото место, туку тие се должни да покренат соодветна постапка пред надлежниот суд. Со оглед на тоа што во конкретниот случај во оспорениот член е предвидено дека надлежните инпектори можат на сторителот на прекршок да му изречат мандатна казна без за тоа да имаат овластување во законот, а средствата од казната да се уплатуваат на сметка на буџетот на општината, Судот оцени дека оспорениот член не е во согласност и со наведените законски одредби.

Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.71/98)

Leave a Reply