40/1998-0-0

40/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот на Владата на Република Македонија од 26 јануари 1998 година и Заклучокот на Владата на Република Македонија од 16 февруари 1998 година.

2. “Макпетрол” АД од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение бидејќи во целина биле спротивни на:

– член 118 од Уставот на Република Македонија со кој се определува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон односно друг пропис, во овој случај тоа е направено во заклучок на Владата на Република Македонија;

– член 3 став 1 и 2 од Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска со кој двете договорни страни се обврзани дека нема да воведуваат нови царински давачки во увозот и дека ќе ги укинат, на денот на стапувањето во сила на договорот, сите царински давачки при увозот за производите со потекло од Република Хрватска, освен давачката од 1% за царинско евидентирање, со оспорените заклучоци е воведена полна царина (20%) на нафтените деривати со потекло од Република Хрватска;

– членот 7 од Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска со кој двете договорни страни се обврзале, на денот на стапувањето во сила на договорот, да ги укинат сите количински ограничувања и мерки со ист ефект како и да не воведуваат нови количински ограничувања или мерки со ист ефект, со оспорените заклучоци е воведена мерка со ефект на количинско ограничување (односно режим ЛБ-7);

Со член 8 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок се определува владеењето на правото, членот 4 од Законот за општа управна постапка го определува начелото на законитост со кое се гарантира постапувањето на управните органи или организации или други институции што вршат јавни овластувања само врз основ на закон или други прописи на управни органи. Смислата на оваа законска гаранција е ниеден поединечен правен акт со кој се одлучува за одредени права да не произведува правни дејства ако е спротивен на Уставот и не е заснован на закон или друг пропис кој не е објавен и кој не може да има повратно дејство.

Наведените одредби целосно ги штитат странките од било какво самоволие на државните органи, па затоа оспорените заклучоци се сосема спротивни на член 8, 33, 52 и 118 од Уставот на Република Македонија и на член 4 од Законот за општа управна постапка и членовите 3 и 7 од Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска и член 12 од протоколот 2 кон истиот договор, затоа што со нивното донесување е извршено грубо кршење на Уставот и законот а пак со нивното спроведување од страна на царинските органи ќе се предизвика противправно ставање вон сила на дел од Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска, ќе се ограничи слободата на пазарот со воведување на количински ограничувања и мерки со ист ефект (ЛБ-7) и ќе се предизвикаат материјални штети со незаконито наплаќање на царина и други царински давачки. Тоа се премногу груби повреди од страна на државни органи, за да таквите заклучоци можат да опстанат во држава која во член 8 од својот Устав како една од темелните вредности на својот уставен поредок го утврдила владеењето на правото кое во себе иманентно го содржи начелото на законитост.

Во иницијативата се предлага и времена мерка со која привремено ќе се стават вон сила од извршување заклучоците на Владата на Република Македонија од 26.01.1998 година и од 16.02.1998 година се до донесувањето на конечната одлука на Уставниот суд на Република Македонија, а заради спречување на повреда на член 51 и 118 од Уставот на Република Македонија и член 4 од Законот за општа управна постапка и неизвршување на член 3 и 7 од Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Република Хрватска односно спречување на слободата на трговијата меѓу Република Македонија и Република Хрватска со воведување на квантитативни ограничувања и мерки со сличен ефект (ЛБ-7) како и спречување на противправно наплаќање на царина и други царински давачки при увозот на нафтени деривати со потекло од Република Хрватска.

3. Судот на седницата, по претходно одржана подговителна седница на 23 јуни 1998 година, утврди дека Владата на Република Македонија на 26 јануари 1998 година заклучила:

“1) Увозот на нафтени деривати од Република Хрватска (до надминувањето на нарушените состојби во снабдувањето со нафтени деривати согласно Енергетскиот биланс на државата) да се регулира врз основа на издадени согласности од Министерството за стопанство, врз основа на пропишаниот режим ЛБ-7.

2) Копретседателот на македонскиот дел од Мешовитата комисија за стопанска соработка меѓу Република Македонија и Република Хрватска, да ја извести хрватската страна дека увозот на нафтени деривати од Република Хрватска ќе се регулира со издавање на соодветни согласности (ЛБ-7) од Министерството за стопанство.

3) Царинската управа на Република Македонија да постапува по овие заклучоци односно увозот на нафтените деривати од Република Македонија да го регулира врз основа на издадените согласности од Министерството за стопанство, согласно режимот ЛБ-7.

Оваа мерка да не се однесува на количините на нафтени деривати од Република Хрватска што ќе влезат во земјата во наредните 48 часа”.

Понатаму, Судот утврди дека Владата на Република Македонија на 16 февруари 1998 година заклучила:

1) Надлежните органи да постапуваат согласно Заклучокот на Владата, донесен на седницата одржана на 26.01.1998 година во врска со увозот на нафтените деривати од Република Хрватска.

2) Нафтените деривати од Република Хрватска кои веќе се увезени во нашата држава, да се оцаринат со давање согласност од Министерството за стопанство согласно режимот ЛБ-7, а за останатите количини купени а не увезени нафтени деривати Министерството за стопанство да не издава согласности во догледно време (зависно од состојбата со Енергетскиот биланс на државата).

3) Министерството за стопанство и Министерството за финансии, во соработка со другите надлежни институции да подготват анализа за состојбата и економското работење на Рафинеријата “ОКТА”, како и да дадат предлози со кои ќе се овозможи создавање услови за континуирано работење на Рафинеријата”.

4. Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 на овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Со член 52 став 1 од Уставот се утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, според ставот 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” , најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според став 4 од овој член на Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката што ја штити уставноста и законитоста.

Во согласност со член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.

Според член 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи колективен договор, друг пропис или општ акт, статут, програма на политичка партија или здружение ако утврди дека не се во согласност со Уставот или закон, а според став 3 од овој член на Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 45 од Законот за Владата на Република Македонија, во извршувањето на законите и другите прописи и општи акти Владата донесува уредби, одлуки, упатства, решенија и заклучоци. За време на воена состојба или вонредна состојба, Владата донесува уредби со законска сила.

Согласно член 46 став 6 од Законот, со заклучок Владата зазема ставови по прашањата што ги претресувала на седница: утврдува мислења по предлозите на закони и други прописи и општи акти и по материјали што до Собранието ги поднеле други овластени предлагачи; одлучува за определени прашања на внатрешната организација и односи во Владата; ги определува задачите на своите служби; и зазема ставови за прашањата од својата надлежност.

Во Деловникот за работа на Владата на Република Македонија, во член 86 став 5 е уредено дека со заклучок Владата зазема ставови по прашањата што ги претресува на седницата, а со кои не се одлучува со друг акт.

Според член 88 став 3 од овој Деловник, Владата може да одлучи да се објават и определени насоки и заклучоци на Владата.

Тргнувајќи од наведените одредби за правната природа на оспорените заклучоци и конкретно утврдената надлежност на Уставниот суд да одлучува за нивната согласност со Уставот и законите, произлегува дека заклучокот како акт на Владата, онака како што е дефиниран во Законот за Владата и во Деловникот за работа на Владата не претставува пропис ниту општ акт за чија уставност и законитост би одлучувал Уставниот суд. Тоа се всушност работни заклучоци што ги носи Владата по прашањата по кои расправа на седница врз основа на предлозите содржани во материјалите и во извештаите на работните тела. Од тука и објавувањето или необјавувањето на овие заклучоци зависи од тоа како ќе одлучи Владата.

Во конкретниот случај, според мислењето на Судот, оспорените заклучоци се донесени во функција на извршување на меѓународен договор согласно член 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори и претставуваат акти на работење на Владата за кои согласно Уставот, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за нивната согласност со Устав и со закон.

Во однос на прашањето дали со оспорените заклучоци се менуваат одредени состојби регулирани со Договорот, Судот оцени дека мерките преземени со овие заклучоци се во согласнсот со режимот воспоставен во самиот Договор. Имено, настанувањето на потребата од промена на режимот, во основа, сепак е предвидено со самиот Договор. Последиците пак од овие промени не се предмет на уставно судско оценување.

5. Во врска со барањето, до донесување конечна одлука, Судот да го запре извршувањето на оспорените заклучоци, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување ваква мерка.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.40/98)

Leave a Reply