81/1998-0-0

81/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 29 став 2 од Законот за царините (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/93).

2. Воислав Јосифовски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата на член 29 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија затоа што ја ограничува сопственоста. Ова дотолку повеќе затоа што правото на сопственост подразбирало право на користење и право на располагање со одреден предмет. Уставот на Република Македонија ја гарантирал сопственоста и при тоа не правел разлика по основите за нејзиното стекнување, односно уставните гаранции за сопственоста подеднакво се однесувале на сите сопственици на возила и други предмети независно по кои основи и под кои услови се стекнале, а тоа значело дека таа можела да се ограничи или одземе само ако со закон е утврден јавен интерес што не било случај со овој закон.

Исто така, со забраната за оттуѓување или давање на друг на употреба во рок од три години се ограничувал прометот на возилата и на другите предмети што не било во согласност со член 55 од Уставот, според кој се гарантира слобода на пазарот и истиот можел да се ограничи со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба ако лицето од член 28 точка 3, член 29 став 1 и член 30 на овој закон, пред истекот на рокот од три години од денот на увозот, има намера увезените стоки на кои не е платена царина и други увозни давачки, односно на кои е платена царина по намалена стапка да ги отуѓи, да ги даде на друг на употреба или кој и да е на друг начин да ги употреби за други цели, а не за оние поради кои е ослободено од плаќање царина или платило царина по намалена стапка, е должно претходно да плати царина по стапката утврдена во Царинската тарифа и други увозни давачки. Царината и другите увозни давачки се пресметуваат на утврдената основица и по стапките што важеле на денот на поднесувањето на царинската декларација.

Судот, исто така утврди дека според член 221 од Царинскиот закон (“Сл.весник на Република Македонија” бр.21/98), е предвидено овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 јануари 1999 година.

Според тоа, постојат процесни претпоставки Судот да одлучува за уставноста на оспорената одредба.

4. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а во ставот 3, исто од овој член е предвидено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според ставот 4 на овој член во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 24 од Законот, царински обврзник е примателот на стоките или лицето кое тој ќе го овласти или лицето на кое гласи превозната исправа, лицето врз кое се пренесени правата од превозната исправа, лицето кое стоките ги внесува во царинското подрачје на Република Македонија, како и други лица кои во случаите предвидени со овој закон, се должни да платат царина.

Режимот на ослободување од плаќање царина е уреден во посебна глава од овој закон (“Ослободување од плаќање царина”), во неговите одредби од член 25 до член 34,. При тоа, децидно се утврдени условите и начинот под кои определените субјекти се ослободени од плаќање царина, а со овој закон, исто така, е предвидено (член 28) овластување за Владата на Република Македонија да го пропише видот и количеството на стоките за кои може да се користи ослободувањето од плаќање царина, како и кои предмети можат да бидат ослободени од плаќање царина.

Поаѓајќи од уставната гаранција за сопственоста граѓанинот со нејзиното стекнување го стекнува и правото на располагање. Меѓутоа, ова право не е апсолутно право затоа што и сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во таа смисла и сопственоста е ограничена ако се работи за јавен интерес утврден со закон. Според мислењето на Судот, и покрај тоа што со Законот изрично не е прокламиран јавниот интерес, со овој закон се уредува системот на царинската заштита на стопанството на Република Македонија што несомнено претставува јавен интерес за државата. Оттука, Судот смета дека и кога би се проблематизирала оспорената одредба од аспект на сопственоста и правата што произлегуваат од неа не се поставува прашање дали може да се ограничува сопственоста ако нејзиното располагање е условено со доведување на предметите ослободени од царина во рамките на општиот режим за плаќање царина при увоз на стока.

Исто така, според мислењето на Судот со оспорената одредба не се одзема, ниту се ограничува правото на сопственост односно правото на користење и располагање, туку се усогласуваат условите за користење и располагање со предметите со поволностите што ги пропишала државата при нивниот увоз.

Од друга страна режимот на царините треба да се гледа од аспект на обврската на граѓаните за плаќање јавни давачки како уставна категорија затоа што царините претставуваат јавна давачка. Во таа смисла, во член 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Врз основа на ваквата уставна определба, државата со закон може да ја утврдува фискалната политика, во овој случај низ политиката на режимот на царините, може да ги утврдува и повластиците при увозот, но истовремено може да презема и мерки да го ограничи прометот на стоките увезени со ослободување на царини доколку е тоа потребно заради утврдување и обезбедување на усогласеноста со условите утврдени за ослободување од плаќање царина, што за крајна цел има заштита на стопанството во Република Македонија или, доколку не се придржува граѓанинот кон условите за ослободување од царина, предметот може да го отуѓи со намирување на обврските, кон државата, односно плаќање на царина и данок.

Со оглед на тоа што со закон се уредува начинот на плаќање на данок и други јавни давачки, а со оспорената одредба се уредува начинот на плаќање царина и други царински давачки доколку увозникот пред истекот на рокот го отуѓува предметот ослободен од царина при увозот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорена одредба и од овој аспект.

Исто така, Судот смета дека оспорената одредба не ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, затоа што таа не содржи забрана за промет на предметите увезени без царина, туку воспоставува обврска за негово вклучување на пазарот да се измират обврските за плаќање царина и други царински давачки, односно негово изедначување со предметите кои слободно се во промет но за кои уште при увозот се плаќаат царините и другите царински давачки.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.81/98)

Leave a Reply