26/1998-0-0

26/1998-0-0

Вовед

Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8.07.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 27 точка 5, член 36 став 2, член 38, 39 и член 41 став 2, член 42, член 43 став 3, член 54 став 1 во делот “а во согласност со правилникот за мерилата за оценување на здравствената способност за воена служба, а што го донесува министерот за одбрана”, член 55 став 2, член 56, член 58 став 2, член 64, член 68 став 2, член 90 став 2, член 93, 114 и 115 став 2 и член 121 став 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).

2. Димитрија Атанасовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за одбрана означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив министерот за одбрана се овластува да донесува подзаконски прописи за извршување на законите, што не било во согласност со член 91 и 96 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според член 27 точка 5 во согласност со документите за развој на армијата и со актите на претседателот на Републиката, министерот за одбрана донесува упатства и други прописи во врска со евиденцијата, регрутирањето и пополнувањето на армијата;

Според член 36 заради материјално обезбедување на армијата се формираат потребни резерви на материјални средства.

Видот и обемот на резервите на материјалните средства со правилник ги утврдува министерот за одбрана.

Според член 38 организирањето и подготвувањето на врските за раководење и командување и на криптозаштита, во воена состојба се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според член 39 заштитата на податоците и информациите од областа на одбраната што се пренесуваат преку средствата за врски се уредуваат со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Согласно член 41 став 2 од Законот набуљудувањето и известувањето за потребите на армијата се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според член 42 од Законот известување и тревожење може да се врши и во вонредна состојба под услови и на начин утврдени со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Согласно член 43 став 3 знаците за тревожење ги пропишува министерот за одбрана.

Според член 54 способноста на регрутот за воена служба, регрутната комисија ја оценува врз основа на наодите од претходно извршените лекарски и други прегледи и психолошки испитувања, а во согласност со правилникот за мерилата за оценување на здравствената способност за воена служба, што го донесува министерот за одбрана.

Согласно член 55 став 2 родот, односно службата во која регрутот ќе го служи воениот рок се определува врз основа на правилник за воено-евиденциони специјалности што го донесува министерот за одбрана.

Според член 56 начинот на служењето на воениот рок на регрутот кој е оценет ограничено способен се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Согласно член 58 став 2 образецот на воената книшка го пропишува министерот за одбрана.

Според член 64 времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од армијата, се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Согласно член 68 став 2 начинот и условите на извршување на обврската за служење во резервен состав се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Согласно член 90 став 2 спроведувањето на евакуацијата се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според член 93 од Законот планирањето, условите и начинот на изградба, одржување и организација за користење на засолништа и други заштитни објекти во мир и во воена состојба се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според член 114 обучувањето во армијата се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според член 115 обучувањето во центарот за обука се организира и спроведува заради обучување на граѓаните кои не посетуваат средно образование, силите на цивилна заштита, граѓаните кои треба да бидат упатени на отслужување на воениот рок и на граѓаните кои имаат обврска да служат во резервниот состав.

Спроведувањето на обуката во центарот за обука се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Според член 121 став 2 од Законот критериумите за утврдување на тајните податоци значајни за армијата кои мораат да се чуваат како тајна и мерките за нивна заштита со правилник, ги пропишува министерот за одбрана.

4. Според член 91 алинеја 1 од Уставот Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 на истиот член Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Согласно алинеја 6 на член 91 од Уставот Владата утврдува начела за внатрешна организација и работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Според член 96 од Уставот органите на управата работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Тргнувајќи од изнесените уставни одредби, а имајќи ги предвид системските решенија од Законот за органите на управата во кој се утврдени генерални овластувања за функционерите и органите на управата да донесуваат подзаконски прописи, Судот оценува дека овластувањата на министерот за одбрана во оспорените одредби од Законот не се во несогласност со Уставот. Имено, Судот смета дека органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, особено ако се пропишуваат стручно-технички нормативи или оперативни постапки, при што законот на чие извршување се однесуваат мора да ги содржи основите за уредување на прашањата што се предмет на подзаконско регулирање, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа. Со оглед на тоа што оспорените законски одредби ги содржат и двата елементи, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.26/98)

Leave a Reply