53/1998-0-0

53/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) Член 33 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96, 9/97) и

б) Член 131 од Законот за Македонските железници (“Службен весник на РМ” бр.9/98).

2. Независниот синдикат на сообраќајниот персонал на железничарите на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 на ова решение затоа што со нив спротивно на член 38 од Уставот на РМ се ограничувале условите за остварување на правото на штрајк на работниците во јавните претпријатија и во Македонски железници, како посебно јавно претпријатие, со оглед дека јавните претпријатија не спаѓале во категоријата на субјекти од член 38 став 2 од Уставот според чии одредби со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк само во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

3. Судот на седницата утврди дека со член 38 став 1 од Уставот се гарантира правото на штрајк. Во ставот 2 на истиот член се утврдува дека со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Согласно член 1 од Законот за јавните претпријатија, јавни претпријатија се основаат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес, а стопански дејности од јавен интерес се дејности кои се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните, за работата на правните лица и на државните органи.

Во членовите 32 до 36 од овој закон се уредени условите и начинот односно постапката на остварувањето на правото на штрајк на работниците во јавните претпријатија .

Според оспорениот член 33 од Законот за јавните претпријатија штрајкувачкиот одбор и работниците кои учествуваат во штрајкот се должни штрајкот да го организираат и водат на начин и да преземаат мерки со кои се обезбедуваат физичка сигурност на вработените и заштита на опремата и инсталациите, како и извршување на обврските спрема граѓаните, правните лица и државните органи и само под услов да се обезбеди:

– неопходното ниво на процесот на работата со кое нема да се загрози животот, здравјето и економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на стопанските и други дејности во земјата во обем и на начин утврдени со законот од соодветната дејност од јавен интерес и

– извршување на меѓународните договори.

Штрајкувачкиот одбор е должен за време на штрајкот да соработува со директорот на јавното претпријатие заради обезбедувањето на условите од став 1 на овој член и од ставовите 1 и 2 од членот 35 од овој закон.

Според оспорениот член 131 од Законот за македонските железници за време на траење на штрајкот, штрајкувачкиот одбор и работниците кои учествуваат во штрајкот се должни да обезбедат неопходно ниво на процесот на работа со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на стопанските и други дејности на земјата, односно за време на штрајкот мораат да сообраќаат следниве возови: кои превезуваат животни; кои превезуваат свежи производи; кои сообраќаат во меѓународниот сообраќај; кои превезуваат суровини, репроматеријали и погонски материјали кои се неопходни за одвивање на стопанските и други дејности на земјата и по еден пар возови во локалниот патнички сообраќај на сите релации.

Според став 2 на член 131 од Законот, штрајкувачкиот одбор и директорот на Македонските железници ги одредуваат работниците кои што ќе ги извршуваат работите од став 1 на овој член, а според ставот 3 на овој член необезбедувањето на неопходното ниво на процесот на работа во смисла на овој член претставува потешка повреда на работната обврска.

Гарантирајки го начелно правото на штрајк во член 38 став 1, Уставот не само што не ги утврдува условите и начинот на остварувањето на правото на штрајк, но и не упатува овие прашања да се уредат со закон. Според мислењето на Судот, немањето изрично овластување во овој член од Уставот за законско уредување на условите и начинот на остварувањето на правото на штрајк, не претставува уставна пречка Собранието на Република Македонија, во рамките на неговото овластување утврдено во член 68 став 1 алинеја 2, да донесе закон со кој ќе се уредат овие прашања, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите со Устав гарантирани слободи и права, чие остварување е исто така грижа на државата.

Основа за донесување на закон со кој би се уредиле условите за остварување на уставно гарантираното право на штрајк индиректно е содржана и во самиот член 38 став 2 од Уставот. Уставното овластување од овој став на член 38 со закон да можат да се ограничат условите за остварувањето на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата упатува на заклучок дека условите за остварување на правото на штрајк прво треба на општ начин да се нормираат за да можат потоа да се ограничат во овие области, затоа што само однапред пропишани општи услови можат да се ограничуваат.

Законското уредување на условите и начинот на остварувањето на правото на штрајк е неопходно и поради тоа што при постоење на правна празнина во овој поглед, остварувањето на ова право по обем и содржина може да се злоупотреби до тој степен што може да предизвика штетни последици од поголеми размери, како на заедницата во целина, така и на одделни субјекти, што сигурно во тоа не се состои и суштината на самата уставна гаранција на правото на штрајк. Остварувањето на ова право не треба и неможе да биде апсолутно, без ограничување со интересот на државата, и, со остварувањето на слободите и правата на другите.

Имајки го предвид изнесеното, Судот смета дека со решенијата на оспорените одредби од Законот за јавните претпријатија и Законот за македонски железници, а со оглед на карактерот и значењето на дејностите што ги вршат овие претпријатија, се утврдува правна рамка во поглед на условите под кои работниците во овие претпријатија можат да го остваруваат уставно гарантираното право на штрајк. При тоа овие услови, според мислењето на Судот, се минимални со оглед дека правото на штрајк се условува единствено со тоа што работниците во овие претпријатија за време на траењето на штрајк се задолжуваат да преземаат мерки за обезбедување само на неопходното ниво на процесот на работа со кое нема да се загрози животот и здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на стопанските и другите дејности во земјата, како и извршувањето на меѓународните обврски.

Со начинот на кој се уредени условите за остварувањето на правото на штрајк во оспорените одредби од Законот за јавните претпријатија и Законот за Македонските железници Судот смета дека во потполност се обезбедува остварувањето на содржината и суштината на уставната гаранција на правото на штрајк од член 38 став 1 од Уставот, а не се ограничуваат условите за остварување на ова право во смисла на став 2 од член 38 на Уставот, како што смета подносителот на иницијативата, поради што, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 38 од Уставот на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.53/98)

Leave a Reply