68/1998-0-0

68/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 јули 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за стопирање на сечата на дрвна маса во територијата на општина Липково бр.189/09 од 5.09.1997, донесена од градоначалникот на општина Липково.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива поднесена од Владата на Република Македонија со Решение У.бр.68/98 од 27 мај 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека со одлуката означена во точката 1 на оваа одлука се стопира сечата на шумите на целата територија на општина Липково.

5. Според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра во општ интерес на Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 на истиот член од Уставот, начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење се уредуваат со закон.

Според член 7 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97), шумите се во приватна и во државна сопственост.

Според член 17 од Законот, за стопанисување со шумите во државна сопственост за стопанска намена, Владата на Република Македонија, основа јавно паретпријатие за стопанисување со шумите (став 1); со шумите во приватна сопственост стопанисуваат сопствениците (став 2), одгледувањето и заштитата на шумите за посебна намена, го врши јавното претпријатие или друго правно лице кое ќе го определи Владата на Република Македонија (став 3) и ако за одгледување и заштита на шумата со посебна намена Владата на Република Македонија определи друго правно лице, правата и обврските се утврдуваат со договор (став 4).

Во член 32 од Законот е утврдено дека сеча во шума се врши само со претходна ознака за сеча, а во член 33 е утврдено дека ознака за сеча во државна и во приватна шума врши јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена.

Во член 43 од Законот, за субјектите што стопанисуваат со шумите е утврдена обврска да преземаат мерки за заштита на шумите од пожари, елементарни непогоди, растителни болести, штетни инсекти, бесправно напасување и други оштетувања.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека шумите, како добро од општ интерес, се во приватна и државна сопственост и дека со шумите во државна сопственост стопанисува јавно претпријатие основано од Владата или друго правно лице кое ќе го определи Владата, а додека со шумите во приватна сопственост стопанисуваат нивните сопственици.

Со оглед дека во наведените уставни и законски одредби, како и во другите одредби од Законот, не е утврдена никаква надлежност односно овластување на општината во сферата на стопанисувњето со шумите, па оттука ни во поглед на сечата на шумите, произлегува дека оспорената одлука е донесена без постоење на законски основ за тоа, односно дека Советот на општина Липково оваа одлука ја донел иако нема законско овластување за тоа поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и со Законот за шумите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.68/98)

Leave a Reply