140/1997-0-0

140/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 2 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 11/79, 37/80, 18/89, 21/91 и 76/96).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 9 став 1 и членовите 15, 16, 18, 19, 21, 22, 23, 24 и 26 од Законот за градежното земјиште и член 12 од Законот за основите на сопственосно правните односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80).

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 17, 20 и 25 од Законот за градежното земјиште како и член 2 став 2 и член 7 во делот “односно право на користење” од Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр. 36/75, 41/75, 10/79, 51/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 4/93).

4. Михаил Георгиевски од Скопје, адвокатот Драган Гоџо од Охрид, адвокатот Драган Атанасовски и Лазар Меровски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на означените законски одредби затоа што со нив се ограничувале правата кои произлегувале од сопственоста на неизградено градежно земјиште и на градежното земјиште на кое е изграден објект, и на дворното место на тој објект, што со член 15 став 1 од Законот за градежно земјиште, постоеле два паралелени системи на одземање и ограничување на правото на сопственост и сродните права, какво што е правото на користење, па така поранешните корисници чие земјиште било одземено врз основа на член 15 став 1 од Законот за градежно земјиште, немале можност успешно со правни лекови да ги оспоруваат решенијата и да истакнуваат приговори во смисла на член 2 од Законот за експрорпијација. Исто така, поранешните сопственици на градежно неизградено земјиште, чие земјиште било одземено по член 15 став 1 од Законот за градежно земјиште, немале можност да бараат деексприопријација ниту, пак, поништување на решението за одземање, од причина што во Законот за градежно земјиште такви одредби немало поради тоа член 15 од Законот не бил во согласност со член 30 од Уставот и со Законот за експропријација, што со оспорениот член 9 од Законот, Републиката била прогласена за единствен сопственик на градежното земјиште односно државата извршила национализација на ова земјиште и покрај тоа што Уставот предвидувал дека сопственоста може да биде ограничена само во случај на јавен интерес утврден со закон и дека при експропријација на сопственикот му се гарантирал праведен надоместок кој не можел да биде помал од пазарната цена. Така, државата на градежното земјиште станала сопственик без да ги депоседира имотите на сопствениците, и без да плати надоместок на земјиштето, и што со терминот “поранешен сопственик” и терминот “право на користење” кои ги употребувал Законот за градежното земјиште во членовите 15 до 26 се термини на поранешниот правен систем кога сопственоста била општествена, а сега со нив се доразработува понатамошното одземање на сопственоста спротивно на одредбите од Уставот што го уредуваат ова прашање, поради што тие одредби од законите не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

5. На седницата и на подготвителната седница Судот утврди дека според член 9 став 1 од Законот за градежното земјиште, земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

Според став 2 на член 9 од Законот, границите на опфатеното земјиште од став 1 на овој член со катастарски податоци за парцелите ги утврдува собранието на општината.

6. Со ставот 1 на член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 на овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и други подрачја предвидени за градба и содржи особено, намена на земјиштето и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфат на урбаното подрачје, решенија за генерални водови и објекти и на сообраќајна и друга инфраструктура, основни услови за градба на станбени, стопански и други јавни, спортско рекреативни и други објекти, градежни и регулациони линии и максимални висински коти, плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното градителско наследство, мерки за заштита од воени разурнувања и природни и технолошки непогоди.

Според член 11 од Законот, детален урбанистички план се доенсува за одделни делови на населено место за кои е донесен генерален урбанистички план, а според член 22 од Законот, општината и градот Скопје ги донесуваат генералните и деталните урбанистички планови.

Од изнесените одредби произлегува дека општината е таа која со закон е овластена да ги уредува границите на опфатот на градежно земјиште за кого се донесува генерален план за општината.

Така при донесувањето на урбанистички планови може да биде опфатено и земјиште кое е во сопственост на граѓаните, при што општината со определувањето на границите на земјиштето опфатено со урбанистички план всушност тоа земјиште го прогласува за градежно земјиште во сопственост на Републиката.

Тргнувајќи од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за експропријација според кои изградбата на објекти за становање и деловни објекти не претставува јавен интерес за Републиката пред Судот се поставува прашањето дали со опредлувањето на границите на опфатеното земјиште со урбанистички план всушност не се врши одземање на сопственоста без да постои јавен интерес утврден со закон.

Според член 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање само изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистички планови се работи од јавен интерес. Притоа, со овој закон изградбата на станбени и деловни објекти предвидени со урбанистичкиот план не се работи од јавен интерес. Што е изработување и донесување на плановите? Од Законот произлегува дека изработување и донесувње на плановите како работи од јавен интерес ги опфаќаат постапката и органите кои го донесуваат урбанистичкиот план заради правилно планирање и рационално користење на просторот.

Значи, ако општините се овластени за донесување на генерален урбанистички план во кој покрај објекти од јавен интерес се предвидуваат и објекти за индивидуално или колективно становање кои, пак, не се од јавен интерес, а органите кои ги утврдуваат границите и парцелите за донесување урбанистички планови се општините, впрочем такво овластување им е дадено со член 9 став 2 од Законот доаѓа до ситуација градежниот реон да се прошири односно при проширувањето на границите на градежното земјиште да се врши колективно одземање на земјиштето во приватна сопственост, што всушност претставува национализација односно прогласување на тоа земјиште за земјиште во сопственост на Републиката без да постои јавен интерес, поради што Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 9 став 2 со член 30 од Уставот на Република Макеоднија.

7. Судот, понатаму, утврди дека според член 9 став 1 од Законот за градежното земјиште, земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрчаја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

8. Со Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште од 1958 година било утврдено дека во градовите и населбите од градски карактер се национализираат и стануваат општествена сопственост и градежните земјишта, а како градежни земјишта се сметаат и се национализираат сите изградени и неизградени земјишта што се наоѓаат во постоечките градежни реони на градовите и населбите од градски карактер.

Законот за градежно земјиште е донесен 1979 година, во време на важењето на Уставот на СРМ од 1974 година и се темелеше на неговите основи и принципи според кои не можеше да постои право на сопственост на земјиште во градовите и населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба (член 97 од Уставот на СРМ од 1974 година). Со измените на Законот за градежно земјиште од 1991 година, се извршени одделни усогласувања со Амандманите на Уставот на СРМ донесени 1990 година, со кои се воведе сопственички плурализам, односно се отстрани монополистичката позиција на општествената сопственост во однос на другите сопственички форми. Меѓутоа, третманот на градежното земјиште во основа не се промени. Всушност, со овие измени на Законот се констатираше дека градежното земјише е на Републиката (член 5 од измените, што се однесуваат на член 9 од основниот текст на Законот). Според тоа, како поранешниот устав, така и постојниот закон со неговите измени донесени пред донесувањето на Уставот на Република Македонија, изразуваат становиште дека градежното земјиште е во општествена, односно државна сопственост. Како градежно земјиште, овој закон, го смета изграденото и неизграденото земјиште во градовите и во населбите од градски карактер и во другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба (член 2 од Законот).

За одбележување е дека со извршената национализација на градежното земјиште поранешните сопственици не беа автоматски лишени од сите права врз таквото земјиште, туку поранешните сопственици го задржаа правото на користење на градежното земјиште и предимственото право за градба на таквото земјиште.

Правната заштита на сопственоста според член 8 од Уставот на Република Македонија е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а таа слобода, согласно ставот 3 на овој член, може да се ограничи со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или на здравјето на луѓето.

Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од посебно културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес на Републиката можат да се отстапат на користење.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби, Судот смета дека Уставот како да не ја исклучува државната сопственост како легитимен наследник на општествената сопственост, ниту, пак, директно може да се заклучи дека го преферира овој вид на сопственост. Меѓутоа, природно и логично би било градежното земјиште како природно богатство и добро во општа употреба, од општествена сопственост да се трансформира во државна сопственост, затоа што државата по својата улога и позиција е повикана да се грижи за тоа земјиште. Уште повеќе, третирајќи го како добро од општ интерес за Републиката, тоа ужива посебна заштита и со закон се уредува начинот и условите под кои би можело да се отстапи на користење.

Понатаму, постојната состојба во која градежното земјиште е национализирано и врз таа основа е уреден режимот на неговото управување и користење, е затечена состојба, што би требало законски да се уреди. Со тоа, поаѓајќи од сегашните уставни основи што се однесуваат на сопственоста, како да не постои основ за забрана градежното земјиште, како и земјоделското земјиште, да биде и во приватна сопственост. Меѓутоа, таквата сопственост создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот, но и за заедницата. Значи, сопственикот на таквото земјиште ќе го користи и со него ќе располага, но со одделни ограничувања кои се во интерес и на заедницата и кои произлегуваат од карактерот на таквото земјиште.

Во членот 30 од Уставот се дава само општиот поим на јавниот интерес како основа за одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, кој треба да биде утврден со закон.

Од тука, прашањето за јавниот интерес и потребата од посебна заштита на сопственоста, нужно го отвора и проблемот на сопственосната позиција на градежното земјиште, односно дали и колку од постојните фондови на градежното земјиште ќе останат во државна сопственост или ќе се пристапи кон нивна реприватизација. Во таа смисла, како да е определена желбата на законодавецот да оди на реприватизација на земјиштето, но, и да ја задржи државната сопственост врз него, доколку таа е стекната по други правни основи, а не со присилни прописи, што може да се согледа и од одредбите на член 6 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93 и 48/93). Имено, со одредбите на овој член е уредено дека при утврдувањето на вредноста на претпријатието, се изземаат градежното и земјоделското земјиште што со денот на влегувањето во сила на овој закон (30 јуни 1993 година) се во сопственост на Република Македонија. Претпријатието продолжува со користење и управување со грдежното, односно земјоделското земјиште ако го користи или за него се грижи како добар стопан, до донесувањето на правосилно решение за денационализација, односно до доделување на право на користење во согласност со закон. Според тоа, евентуалната денационализација на градежното земјиште всушност ќе значи враќање на градежното земјише на состојбата пред национализацијата, односно да се врати на поранешните сопственици, кои, согласно природата и карактерот на тоа земјиште, под услови и на начин утврдени со закон, ќе можат да го користат и располагаат со него.

Со оглед на тоа што Законот за градежното земјиште само го уредува режимот на користење на градежното земјиште кое е во државна сопственост и дека со измените на законот не е извршена повторна национализација, затоа што за повторна национализација би станало збор само доколку градежното земјиште им било вратено на сопствениците и повторно одземено но засега во Републиката таква состојба нема, Судот оцени дека не би можело да се постави прашањето за согласноста на член 9 став 1 со означените уставни одредби.

9. Судот, исто така, утврди дека, во член 15 од Законот за градежното земјиште е предвидено поранешниот сопственик на неизградено градежно земјиште има право да го користи тоа земјиште до денот кога врз основа на решението на Републичкиот орган на управата надлежен за имотно-правни работи е должен да го предаде на корисникот, а според член 16 од Законот сопственикот на зградата има право да го користи земјиштето што е под зградата и земјиштето што е потребно за нејзината редовна употреба од денот кога тоа земјиште станало општествена сопственост.

Правото на користење на земјиштето од став 1 на овој член трае се додека постои зградата на тоа земјиште и тоа право не може да се пренесува.

Сопствениците на посебни делови од згради подигнати на земјиште на кое постои право на користење, спогодбено го утврдуваат начинот на користење на тоа земјиште, а во случај на несогласување, решава надлежниот суд во вонпарнична постапка.

Доделената градежна парцела на која е изградена зградата спрема урбанистичкиот план не може да биде предмет на физичка делба помеѓу сопствениците на посебни делови од зградата.

Од изнесените законски одредби произлегува дека со нив се уредува начинот на користење на неизграденото и изградено градежно земјиште кое право произлегува од содржината на сопственичкото право на државата врз градежното земјиште да управува и располага со него, па и правото да го уреди начинот и времетраењето на користењето на тоа земјиште. Притоа, државата не го лишува поранешниот сопственик од правото на сопственост затоа што такво право тој нема, туку го лишува само од фактичкото владение заради приведување на целта и намената на тоа земјиште, поради што Судот оцени дека неможе основано да се постави прашањето за согласноста на членовите 15 и 16 од Законот со Уставот на Република Макеоднија.

Во врска со наводот во иницијативата дека со член 15 од Законот за градежно земјиште постоела можност за паралелен систем на одземање на сопственоста на градежното земјиште од поранешните сопственици заради проширување на дворни места и на веќе изградени објекти на физички лица со што се повредувал член 30 од Уставот, Судот оцени дека оваа ситуација настанува поради меѓусебната неусогласеност на Законот за градежното земјиште и Законот за експропријација, за што овој суд не е надлежен да одлучува.

10. Со членовите 17 до 25 се уредува прашањето на предимственото право на градење.

Така, според член 17 од Законот поранешниот сопственик на неизградено градежно земјиште има предимствено право на користење на тоа земјиште на по една градежна парцела за изградба на станбена односно деловна зграда ако врз основа на планот за реализација може на тоа земјиште да се подигне таква зграда.

Предимственото право на изградба на станбена зграда ќе се признае и на потомците, посвоениците, родителите и на посвоителите на поранешниот сопственик кои имаат формирано потесно семејство под услови да немаат сопствен стан односно станбена зграда.

Предимствено право на изградба на станбена зграда на една градежна парцела може да се признае на две или повеќе лица за изградба на станови – како посебни делови на зградата.

Според член 18 од Законот предимствено право од член 17, став 1 и 3 на овој закон ќе се оствари ако земјиштето на поранешниот сопственик влегува во градежната парцела со повеќе од 50%.

По исклучок од став 1 на овој член, кога земјиштето што е одземено од поранешниот сопственик за изградба на семејна станбена зграда изнесува повеќе од 400 м2 и влегува во две или повеќе градежни парцели, а на ниту една од нив поранешниот сопственик не може да го оствари предимственото право на користење на градежното земјиште за изградба на семејна станбена зграда, Републиката е должна да му даде на користење друга градежна парцела доколку со таква располага и доколку поранешниот сопственик нема сопствен стан, или има но не ги задоволува неговите лични и семејни потреби.

Во смисла на став 2 на овој член, ќе се смета дека Републиката располага со друга градежна парцела доколку во рок од 2 години од одземањето на земјиштето од владеење на поранешниот сопственик, додели на користење градежно земјиште за изградба на семејна станбена зграда.

Кога земјиштето на поранешниот сопственик, кое изнесува повеќе од 400 м2, се одземе заради изградба на колективна станбена зграда, поранешниот сопственик има предимствено право на купување стан во таа зграда, доколку нема сопствен стан или има но не ги задоволува неговите лични и семејни потреби.

Во член 19 е предвидено правата од член 15 став 1 и од член 17 став 1 на овој закон поранешниот сопственик да може да ги пренесе само на брачниот другар, потомците, посвоениците, родителите и посвоителите, кои тие права не можат да ги пренесат со правна работа на други лица.

Правата од став 1 на овој член можат да ги наследат законските наследници на лицата на кои поранешниот сопственик го пренел тоа право.

Согласно член 20 од Законот лицата на кои им е признаено предимствено право и на лицата на кои им е доделено градежно неизградено земјиште не можат да го пренесуваат со правна работа на други лица заради заедничка изградба освен на лицата од член 19 став 1 на овој член. Договорот склучен спротивно на одредбите од став 1 на овој член не произведува правно дејство, а според член 21 кога земјиштето што било сопственост на повеќе лица се формираат градежни парцели колку што има сопственици, секој од нив може да оствари предимствено право на користење, ако се исполнети и други услови определени со овој закон.

Ако од земјиштето што било сопственост на повеќе лица се формира една или повеќе градежни парцели, а бројот на сопствениците е поголем од бројот на грдежните парцели, а ниту еден од нив според својот сопственички дел не ги исполнува условите од член 18 на овој закон, тоа право ќе се оствари со спогодба меѓу сосопствениците.

Поранешните сопственици од став 2 на овој член кои нема да постигнат спогодба во рокот што ќе им го определи Републичкиот орган на управата надлежен за имотно-правни работи, го губат предимственото право на користење на градежното земјиште.

Поранешните сопственици можат да се спогодат да го користат предимственото право на една градежна парцела за изградба на станови како посебни делови од зграда.

Во член 22 е предвидено по барањето за остварување на предимственото право на користење на градежното земјиште да решава Републичкиот орган на управата надлежен за имотно-правните работи, а во член 23, пак, е предвидено ако лицето на кое му е признаено предимственото право на користење на градежното земјиште, не започне со изградба на зградата во рок од две години од денот кога му е признато предимственото право на користење на земјиштето, освен во оправдани причини (долготрајна болест, инвалидност, смрт во семејството и сл. ) Републичкиот орган на управата надлежен за имотно-правни работи со решение ќе утврди дека поранешниот соственик го изгубил предимственото право на користење.

На поранешниот сопственик од став 1 на овој член му припаѓа надоместок во висина на вистинските трошоци и нив ги сноси Републиката. Во случај на спор за висината на трошоците решава надлежниот суд.

Според член 24 од Законот лицата на кои им е признаено предимственото право на користење на градежното земјиште според одредбите на овој закон, во поглед на тоа земјиште ги имаат истите права и обврски како и лицата на кои им е доделено земјиштето на користење според важечките прописи.

Според член 25 од Законот лицето на кое му е доделено градежно земјиште, како и лицето кое ќе оствари предимствено право на користење на тоа земјиште заради изградба на семејна станбена зграда не може со правна работа да отуѓи недоврешена станбена зграда освен на лицата од член 19 од овој закон. По исклучок од став 1 на овој член, недоврешена зграда може да се отуѓи поради селидба надвор од подрачјето на општината, а во градовите со повеќе општини надвор од подрачјето на градот, тешка болест, смрт на сопственикот, или смрт на член на неговото семејно домаќинство. Договорот склучен спротивно на одредбите од став 1 на овој член не произведува правно дејство.

11. Тргнувајќи од наводите во иницијативите според кои предимственото право на користење на градежното земјиште го сметаат како сопственичко право па со самото тоа се повредувале членовите 30 став 3, член 55 и член 56 од Уставот Судот смета дека на овие одредби не може да се приоѓа како на одредби со кои се ограничува правото на сопственост на поранешните сопственици бидејќи таква сопственост и не постои затоа што правото на сопственост поранешните сопственици го загубиле со донесувањето на Законот за национализација нанаемните згради на градежното земјиште и со други прописи. Според мислењето на Судот предимственото право не произлегува од правото на сопственост туку од правото на користење на градежното земјиште. Имено, Законот за градежно земјиште предвидел неколку права врз земјиштето во општествена сопственост како што се правото на користење на поранешниот сопственик врз неизградено градежно земјиште, правото на користење на градежното земјиште на сопственикот на зградата изградена врз тоа земјиште, предимствено право на поранешниот сопственик на градежна парцела за изградба на зграда, право на поранешниот сопственик предимственото право да го пренесе на блиски роднини.

Сите овие права се сведуваат само на правото на користење со извесни елементи на располагање како што се пренесувањето на предимственото право на наследниците и пренесување на градежното земјиште заедно со објектот што се наоѓа на земјиштето.

Судот смета дека предимственото право не произлегува од правото на сопственост врз градежното земјиште туку дека тоа е политика на законодавецот да го ублажи одземањето на градежното земјиште од поранешните сопственици и истовремено претставува мерка за заштита односно рационално користење на градежното земјиште како добро од општ интерес, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на членовите 18, 19, 21, 22, 23, 24 и 25 од Законот за градежно земјиште.

12. Понатаму, според член 26 од Законот на поранешните сопственици на градежното неизградено земјиште на кои им се одзема тоа земјиште од владение, врз основа на решение на надлежниот орган во смисла на член 15 став 1 на овој закон им припаѓа надоместок според одредбите од Законот за експропријација.

Во член 10 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95) за експроприраната недвижност припаѓа правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста. За определување предвидениот надомест се утврдува пазарната вредност на недвижноста врз основа на критериумите утврдени со овој закон во моментот на поднесување на предлогот за експропријација или по барање на сопственикот, односно носителот на друго имотно право, во моментот на определувањето на надоместокот.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според став 2 сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според став 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според став 4 на овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира правичен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Со оглед на тоа што оспорениот член 26 од Законот за градежно земјиште е упатна норма која значи дека висината на надоместокот за одземање од владение на определено градежно земјиште се определува според правичен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност на предметот на експропријацијата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 26 од Законот за градежното земјиште со член 30 од Уставот на Република Македонија.

13. Според член 12 од Законот за основните сопственосно правни односи, кога зградата на која постои право на сопственост е изградена во согласност со закон, на земјиштето во општествена сопственост, сопственикот на зградата има право на користење на земјиштето на кое е изградена зградата и на земјиштето што служи за редовна употреба на таа зграда додека таа постои.

Оваа одредба е истоветна со одредбата од член 16 од Законот за градежно земјиште и со неа се уредува начинот на користење на градежното изградено земјиште па и за оваа одредба Судот смета дека не би можело да се постави прашањето за согласноста со Уставот затоа што сопственикот на зградаа во однос на градежното земјиште на кое се наоѓа зградата и кое и служи за нејзина редовна употреба има својство на поранешен сопственик односно земјиштето е во државна сопственост, па уредувајќи го начинот на користење и на овој вид градежно земјиште законодавецот не излегол од рамките на член 30 од Уставот затоа што со одредбата не се забранува прометот на објектот кој е изграден врз земјиштето во државна сопственост и на самото земјиште заедно со изградениот објект туку на ограничување на прометот само на градежното земјиште кое е на Републиката..

14. На седницата Судот утврди дека со Одлука У.бр.123/94 од 5 април 1995 година и со Решение У.бр.241/95 од 6 септември 1995 година ја оценувал уставноста на членовите 17, 20 и 25 од Законот за градежното земјиште и со Одлука У.бр.251/96 од 18 јуни 1997 година ја оценувал уставноста на член 2 став 2 и член 7 во делот “односно право на користење” од Законот за промет со земјишта и згради.

Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а сега на наоѓа причини за поинакво одлучување одлучи како во точката 3 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 11/97, 36/97 и 140/97)

Leave a Reply