149/1997-1-0

149/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 9 став 2 и 5 од Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93 и 32/97).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Синдикатот на металците, енергетичарите и рударите на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија, со решение У.бр.149/97 од 30 декември 1998 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

3. Судот на седницата оцени дека во текот на постапката битно е изменета утврдената фактичка состојба на работите по предметот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за работните односи се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос кој се уредува со овој или со друг закон и колективен договор.

Според членот 69 од Законот, работникот има право на плата што му се обезбедува од средствата на работодавецот сразмерно на извршената работа како и придонесот на работникот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.

Членот 71 од Законот, определува дека платата се пресметува и исплатува најмалку еднаш месечно во паричен износ, а придонесите и даноците на платата на работникот ги плаќа работодавецот со исплата на платата.

Според член 182 став 1 точка 1 и 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, обврзници за плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување се работодавците за своите работници и физичките лица што вршат дејност како и осигурениците односно лицата во доброволно пензиско и инвалидско осигурување сами за себе. Според член 183 став 1 од овој закон, уплатата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување од платата односно од добивката, обврзниците ја вршат кај институцијата за платен промет при исплатата на средствата за платите.

Согласно член 72 од Законот за здравствена заштита, придонесот за здравствено осигурување го пресметуваат и уплатуваат организациите односно работодавците за работниците вработени кај нив при секоја исплата на плата.

Според член 96 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, придонесот за вработување работодавецот го уплатува на сметка на Заводот со исплатата на платите.

Врз основа на изнесените уставни и законски одредби произлегува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка односно плата што му се обезбедува од средствата на работодавецот сразмерно на извршената работа, дека платата се пресметува и исплатува најмалку еднаш месечно и тоа во паричен износ и дека придонесите и даноците на платата на работникот ги плаќа работодавецот со исплата на платата. Обврската за плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување, за вработување и другите придонеси од плата, како и основицата за плаќање на овие придонеси, стапките, роковите и начинот на плаќањето се уредени со посебните закони од соодветната област. При тоа, заедничко за сите е што придонесите од плата задолжително се врзуваат со моментот на исплата на платата на вработените.

Според Судот, утврдувањето на рокот во Законот за финансиско работење, најдоцна до 25-ти во месецот за изминатиот месец да се исплатат придонесите од плата, не само што не е во спротивност со наведените прописи, туку е во функција на нивна реализација односно спроведување. Со утврдувањето на рокот за исплата на придонесите од плата со оспорената одредба, всушност се воспоставува финансиска дисциплина од страна на субјектите (работодавците) во однос на исплатата на платите и придонесите, односно значи поттикнување на работодавците за исполнување на обврската утврдена со Законот за работни односи за пресметување и исплатување на платите еднаш месечно.

Овластувањето на надлежната институција за платен промет наредниот ден од утврдениот рок, да ги наплати придонесите од плата, не значи ограничување на правото на остварување на плата на работникот, бидејки наплатата овластената институција за платен промет ја врши во случаите кога субјектот (работодавецот) не ги подигнал платите и не ги платил придонесите од плата, а има средства на сметката. Споменатата одредба има за цел да го натера субјектот доколку располага со средства да исплати плати и да ги уплати придонесите, бидејки во спротивно станува збор за експлоатација на вработените и нарушување на уставно загарантираното право на заработувачка од страна на вработените, а доколку нема средства во тој случај се работи за неликвиден субјект.

Со наплатата на придонесите од плата од страна на овластената организација за вршење на платен промет што е утврдена во Законот за финансиско работење не се нарушуваат правата од работниот однос, бидејки освен исплата на плата, со правото од работниот однос се поврзани и правата на работникот на пензиско и инвалидско осигурување, правото на здравствено осигурување и здравствена заштита и сл., како задолжителни осигурувања, што значи неисполнување на обврската за плаќање на придонесите повлекува неможност за користење на другите права од работниот однос.

Оттука не може да стане збор за нарушување на принципот на владение на правото, туку напротив оспорената одредба е во функција на исполнување на обврските утврдени со други закони и нивно доследно применување, односно исполнување на обврската од страна на работодавецот за исплата на придонесите, што значи можност за користење на одредени права што му припаѓаат на работникот од работниот однос.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.149/97)

Leave a Reply