215/1997-0-0

215/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

а) Програмата и Статутот на Политичката партија “Партија за демократски просперитет на Албанците”, донесени од Основачкото собрание на Партијата на 24 март 1995 година во Тетово односно од Претседателството на Партијата во 1995 година во Тетово; и

б) Програмата и Статутот на Политичката партија “Народна демократска партија”, донесени од Собранието на Партијата на 4 јули 1992 година во Тетово односно од Конгресот на Партијата на 27 мај 1995 година во Тетово; и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување:

а) согласноста на наведените програми и статути со член 48 од Уставот;

б) согласноста на означените програми и статути со одредбите од Законот за политичките партии; и на

в) дејствувањето на ПДПА и НДП.

3. Атанас Кузевски, Стамен Филипов и Ристо Тодоровски, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на означените акти и на дејствувањето на партиите наведени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата, програмите и статутите на ПДПА и НДП, како и нивното дејствување, не биле во согласност со член 48 став 1 и 3 од Уставот затоа што, според таа уставна одредба, припадниците на националностите имале право да основаат културни и уметнички институции и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет и националните особености, но не и да основаат политички партии на етничка основа, како што се ПДПА и НДП. Исто така, во иницијативата се наведува дека програмите и дејствувањето на ПДПА и НДП не биле во согласност со член 20 став 3 од Уставот, затоа што, според оваа уставна одредба, тие акти и дејствувањето на политичките партии можеле да бидат насочени кон национална и верска толеранција, а не и кон национална омраза и верска нетрпеливост какви што биле програмите и дејствувањето на ПДПА и НДП. Понатаму иницијативата ја оспорува согласноста на програмите, статутите и дејствувањето на ПДПА и НДП со членовите 2-5 и со член 9 од Законот за политичките партии.

4. Во претходната постапка, доносителите на оспорените акти доставија писмено мислење по наводите во иницијативата. Според тоа мислење НДП и ПДПА не се основани на етничка основа, туку претставуваат политички организации за застапување на колективните и индивидуалните права и интереси на сите граѓани и се отворени за сите полнолетни граѓани на Републиката. Исто така, се наведува, НДП и ПДПА не се основани за разгорување на национална и верска омраза, туку со своите програми и политичкото институционално дејствување во рамките на институциите на системот, со демократски и политички средства настојуваат во Република Македонија да се оствари потполната граѓанска и национална рамноправност на сите граѓани. Понатаму, се изнесува мислење дека со член 48 од Уставот се гарантираат определени права на националностите во однос на негувањето и развивањето на својот идентитет и национални особености, но дека таа одредба не се однесува на политичкото организирање на граѓаните во Републиката, поради што означените акти и дејствувањето на НДП и ПДПА не може да се оценуваат во однос на таа уставна одредба. Исто така, се наведува, дека НДП и ПДПА се формирани и нивното политичко дејствување е во согласност со член 20 став 3 од Уставот и членовите 2-5 и 9 од Законот за политичките партии, бидејќи актите и дејствувањето на овие политички партии не се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, ниту кон поттикнување или повикување на воена агресија, како ниту кон разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

5. На седницата Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Во Програмата на ПДПА се утврдени следните определби на таа партија:

– продолжување на постојаните настојувања на Албанците во овие простори за политички субјективитет, системска рамноправност, достоинство и непречен развој на неговото битие;

– залагање на Партијата, како модерна и граѓанска политичка партија, за демократски просперитет на Република Македонија;

– развивање на своите активности преку (1) јавно работење и (2) во содејство со другите партии и субјекти кои вистинската демократија ја сметаат за единствено миље каде без напнатост можат да се решаваат општествените противречности;

– спротивставување на ПДПА, како партија на центарот, на секој екстремизам било тој да е левичарски или десничарски на тој начин што Партијата ќе се ангажира во Република Македонија да се гради правна држава и механизми што ја контролираат власта;

– ангажирање на Партијата во создавање на такви услови, односно механизми и институции во системот, кои ќе овозможат остварување на еднаквост, слобода, рамноправност, просперитет на граѓанинот и на посебните заедници, како неотуѓиви права;

– залагање за воведување консенсуална демократија со дводомен парламентарен систем во Република Македонија;

– ангажирање на ПДПА Албанците во Република Македонија да добијат статус на државотворен народ;

– залагање на Партијата колективните права да бидат комплементарни со граѓанските права утврдени во европските стандарди и проекти;

– залагање на Партијата за децентрализација на власта на тој начин што (1) ќе се создадат реални услови за функционирање на локалната самоуправа, (2) во структурата на власта на републичко ниво да бидат пропорционално застапени етничките заедници и (3) Претседателот на Република Македонија да нема извршна власт;

– залагање на Партијата да поделбата на власта функционира реално како законодавна, извршна и судска;

– залагање на ПДПА за образование на мајчин јазик на сите степени под еднакви услови;

– залагање на Партијата со закон да се овозможи отварање на приватни школи, освен основни училишта, и на одделенија на странските колеџи;

– залагање на Партијата за создавање подлога во системот за слободна употреба на мајчиниот јазик;

– залагање на ПДПА албанскиот јазик во Република Македонија со закон да се уреди како званичен;

– залагање на Партијата во Република Македонија, како еднаков дом за сите граѓани, со закон да се уреди слободната употреба на националните симболи и прославувањето на историските настани од интерес на одредена национална, културна или конфесионална заедница;

– залагање на Партијата за развој на културните посебности и за создавање услови за функционирање на националниот културен простор на сите заедници;

– залагање на ПДПА за информирање на сите граѓани и посебни заедници врз рамноправна, веродостојна, брза, деидеологизирана, денацификувана, демонополизирана основа;

– залагање на Партијата за динамичен и хармоничен развиток на општеството во сите сфери-политиката, образованието, културата, информирањето, економијата;

– залагање на ПДПА за пазарна економија и за плурализам на титуларите на имотите, како и за поттикнување на производството, инвестициониот развој и проектите кои го облагородуваат приватниот капитал, особено производството на храна со еколошки стандарди и урбанизација на селото;

– залагање на Партијата физичката култура да добие државна поддршка;

– залагање на Партијата за здравствена заштита и превентива на исто ниво за сите граѓани, слоеви и региони на Република Македонија;

– залагање на Партијата за еманципација на жената заради нејзино ослободување на патријархалните концепти и општествени дестимулации;

– залагање на ПДПА за потполна граѓанска, национална, културна и верска толеранција, врз основа на културните вредности на албанските преродбеници, и ангажирање за балкански полуостров без политички, духовни и други бариери кои оневозможуваат слободен тек на луѓе, идеи и стоки.

Во Статутот на ПДПА се утврдени следните определби на таа партија:

– ПДПА е самостојна политичка партија на граѓаните на Република Македонија која се залага за граѓанска демократија, национална рамноправност и пазарна економија, со тоа што се залага за учество во власта преку учество во постапката за избор на пратениците во Собранието на Република Македонија и одборници во собранијата на општините и град Скопје (член 1);

– понатаму, се определува: името на Партијата; седиштето; печатот, амблемот и членската книшка; знамето на Партијата; свечената песна на Партијата; начинот на дејствувањето (јавно и заеднички со други партии) – членовите 2-11;

– член на ПДПА може да биде секој полнолетен граѓанин државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија, кој ќе изјави дека доброволно членува и кој ќе ги прифати Програмата и Статутот на ПДПА (член 12);

– права и должности на членот на Партијата (член 13-17);

– организирање на ПДПА и нејзини органи (подогранок, огранок, заедница на ограноци, центар на ПДПА; Центарот на Партијата го сочинуваат: Конгресот, Централното собрание, Централното претседателство и Надзорниот одбор) – член 18-51 од Статутот;

– избори за носители на функции во органите на Партијата (критериуми, постапка за одлучување…) – член 52-54;

– парламентарна група на ПДПА (член 55-58);

– финансирање на ПДПА (членарина, доброволни прилози, Буџет на Република Македонија, вршење на економски, публицистички и други дејности ) – член 59-63 од Статутот;

– преодни и завршни одредби (престанок на Партијата и влегување во сила на Статутот, применување на Статутот).

Во Програмата на НДП се утврдени следните определби на таа партија:

– ангажирање за реализирање на правото на самоопределување на албанскиот народ во просторите на бивша Југославија, како неотуѓиво природно право што му припаѓа на секој народ;

– залагање за демократска Македонија (односно за повеќепартиски политички систем со слободни парламентарни избори), за незагрозување на територијалниот интегритет, против негирањето на национална свест на народите и националните и етничките групи, против секоја тенденција за насилно уривање на уставниот поредок, како и против секое всадување и разгорување на национална, расна и верска омраза;

– залагање за тоа Македонија да се дефинира како демократска и суверена држава на граѓаните, рамноправните народи – македонците, албанците и националните и етнички групи кои живеат во неа;

– ангажирање за таков модел на парламентарен систем во Македонија според кој важните национални прашања ќе бидат решавани со консензус;

– ангажирање за Устав, кој ќе гарантира потполна национална и граѓанска рамноправност во сите области од животот, а особено во политичката, економската, социјалната, научната, образовната, културната, јазичната, верската и другите области;

– залагање за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска и за деполитизација на судските и управните органи;

– залагање за демилитаризација на Македонија, со тоа што ќе постои воен професионален потенцијал само за обезбедување на државните граници и чиј команден кадар ќе биде пропорционален на националниот состав на вкупното население;

– ангажирање за забрзување на интегративните процеси во економската, политичката, културната и социјалната сфера во балкански, европски и светски рамки, како и создавање на наддржавни механизми и зајакнување на улогата на ООН;

– ангажирање за рамноправност во правата и обврските на сите граѓани, без разлика на нивната национална, верска, полова припадност, степенот на образованието, социјалната и општествената положба;

– ангажирање за висок степен на човековите слободи и права по европски стандарди, без разлика на националната, расната, половата и верската основа;

– ангажирање за пазарна економија; слободна конкуренција; плурализам на сопственост – приватна, државна и мешовита; интензивно земјоделство и овчарство и развој на индустриски капацитети од тие сфери; изградба на мали хидроенергетски капацитети и системи за наводнување; развој на туризмот; осовременување на инфраструктурата и на сите видови транспорт; поизразена примена на автоматизацијата и на научните и технолошките достигања; несметано вложување на странскиот капитал; единствена и реална даночна политика, која ќе стимулира стопански дејности но и ќе го штити стандардот на граѓаните; слободна комуникација на луѓето и слободна размена на идеите и капиталот, со цел научен и технолошки развој, независно од државните граници;

– ангажирање за почитување на основните права и слободи на граѓанинот, а особено слободата на мислата, совеста, слободното верување, колективното и индивидуалното убедување, без разлика на националната, верската, расната и половата припадност;

– ангажирање за општа еманципација, особено на граѓаните кои поради историски и дискриминаторски околности останале во понизок степен на економски, образовен, културен и друг развој;

– ангажирање за подобрување на општествената, економската и социјалната положба на мајката и детето; посебна заштита на болните, старите и инвалидните лица;

– ангажирање за школување на мајчин јазик во сите степени; промена на образовните планови и програми во насока на нивно усогласување со економските и општествени потреби и интереси и тоа со нивно деполитизирање и деидеологизирање, за отстранување на сите мајоризирани инпонирања за учење на јазикот, културата, книжевноста, уметноста и историјата на другиот;

– ангажирање за отворање на научни и културни институции и нивно дислоцирање вон универзитетските центри;

– ангажирање за потполна рамноправност на јазиците на народите и националните и етничките групи во сите области од јавниот и приватниот живот;

– НДП е за такво државно знаме кое ќе го изразува мултинационалниот и мултикултурниот состав на државата, со тоа што, покрај државното знаме, во слободна и рамноправна употреба ќе бидат и националните знамиња и другите национални симболи на народите и националните и етничките групи кои живеат во Република Македонија;

– ангажирање за поправка, рестаурација и заштита на националните и верските историско-културни споменици, како и за употреба на топонимите врз научна и јазична основа;

– залагање за унапредување и слободно прикажување на културните и историските традиции, слободно празнување на националните и верските празници; слободно манифестирање на верските традиции и обичаи, изучување на верата и институционализирано верско учење; враќање на движниот и недвижниот имот во повторна сопственост на верските заедници;

– ангажирање за брзо, квалитетно и објективно информирање и, во тој склоп, пропорционално време на радио-телевизиските програми за народите и националните и етничките групи;

– ангажирање за рамноправност во остварувањето на правото на работа за сите граѓани;

– ангажирање за враќање и реинтегрирање на нашите работници привремено вработени во странство;

– залагање за слободно движење и становање во рамките на државата и надвор од неа, и создавање услови за враќање на сите исселени граѓани кои се спремни да се вратат;

Во Статутот на НДП се утврдени следните определби на таа партија:

– цел на Партијата е доаѓање на власт заради реализирање на своите програмски определби (член 2);

– понатаму, се определува името, седиштето, печатот, амблемот, знамето (член 3-7);

– зачленувањето и престанувањето на членството, при што се определува дека НДП е отворена за сите граѓани во и надвор од земјата и дека секој полнолетен граѓанин може да стане член на НДП доколку ги прифати Програмата и Статутот на Партијата (член 9-16);

– организирање и органи на Партијата (Партијата има подограноци и ограноци во рамките на една општина, а централни ограни се: Конгресот, Собранието, Претседателство, Претседател, потпретседатели и Секретар, Статутарна комисија, Надзорен одбор ) – член 17-50 од Статутот;

– парламентарна група на Партијата и координатор (член 51-53 од Статутот);

– подмладок на Партијата и соработка со други политички партии и асоцијации (член 54-55);

– финансирање (членарина, доброволни прилози на физички и правни лица, Буџет на Републиката, стопанска и издавачка дејност) – член 56-58;

– престанок на Партијата и преодни и завршни одредби (измени и дополнувања на Статутот, влегува во сила ….) член 59-63 од Статутот;

6. Според член 16 став 1 од Уставот, загарантирана е слободата на уверувањето, а според член 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните, покрај другото, политички уверувања (став 1), како и слободно основање политички партии односно пристапување кон нив и истапување од нив (став 2), со тоа што програмите и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост (став 3). Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и на граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека секој граѓанин е слободен во утврдувањето на своето уверување, па и на здружувањето заради остварувањето на своето политичко уверување, со тоа што е ограничен во тоа на тој начин што уверувањата мора да ги обезбеди со ненасилна процедура.

Во таа смисла, неспорно е дека можат да постојат и политички да дејствуваат граѓани кои афирмираат етнички односно национални и верски вредности. Но, притоа тие определби односно вредности не можат да се остварат по насилен пат.

Со оглед на тоа што Програмата и Статутот на ПДПА, како и Програмата и Статутот на НДП, не содржат норми дека тие партии ќе ги остварат своите политички определби по насилен пат, ниту со поттикнување или повикување на воена агресија или со разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, произлегува дека тие акти не се во несогласност со член 20 став 3 од Уставот, поради што нема основи за поведување на постапката.

7. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата за несогласност на наведените програми и статути со член 48 од Уставот, Судот утврди дека спротивставените норми уредуваат различни материи, поради што нема процесни претпоставки за постапување на Судот по тој дел од иницијативата.

8. Во врска со наводите во иницијативата за несогласност на програмите и статутите на ПДПА и НДП со одредбите од Законот за политичките партии, како и за неуставноста и незаконитоста во дејствувањето на тие две политички партии, Судот утврди дека, согласно член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, не е надлежен да постапува по тие прашања и дека тие прашања се од делокруг на други државни органи, поради што Судот одлучи да ја отфрли иницијативата во тој дел.

9. Врз основа на сето напред изнесено, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.215/97)

Leave a Reply