115/1996-0-0

115/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ
а) Член 13 од Општите услови за испорака на електрична енергија (“Службен весник на СРМ” бр.38/84);
б) Член 14 точка 10 и член 18 став 1 во делот “рок на плаќање” и член 18 став 2 од Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување на новите потрошувачи и зголемување моќноста на постојните потрошувачи, донесен од Работничкиот совет на ЈП “Електростопанство на Македонија” на 27 мај 1991 година;
в) Одлуката за определување на висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на ЈП “Електростопанство на Македонија”, Скопје со приклучување на трошилата на новите потрошувачи, односно со зголемување на приклучната моќност на постојните потрошувачи, донесена од Управниот одбор на ЈП “Електростопанство на Македонија” на седницата од 28 декември 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3 Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.115/96 од 18 февруари 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се псотави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.

4. На подготвителната седница и на седницата Судот утврди дека во член 9 од Општите услови за испорака на електрична енергија “Службен весник на СРМ” бр.38/84) за приклучување на електроенергетските постројки и инсталации на новите потрошувачи на електроенергетски постројки на испорачувачот како и за зголемување на од порано одобрената и користена моќност и потрошувачка на електрична енергија, потрошувачите се должни од испорачувачот да добијат електроенергетска согласност, а според член 11, испорачувачот е должен да даде електроенергетска согласност во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на барањето.

Според член 13 од Општите услови решението за електроенергетската согласнсот треба да ја содржи и висината на трошоците што му се предизвикани на испорачувачот на електрична енергија со приклучување на трошилата на новите потрошувачи, односно со зголемување на приклучната моќност на постојните потрошувачи, а во согласност со закон, и самоуправните општи акти на ЈП “Електростопанство на Македонија” што ја регулираат оваа материја.

Понатаму, Судот утврди дека во член 14 точка 10 и член 18 став 1 во делот “рок за плаќање” и во став 2 на член 18 од Правилникот за постапката и начинот и условите за приклучување на новите потрошувачи и зголемување на моќноста на постојните потрошувачи, донесен од Работничкиот совет на ЈП “Електростопанство на Македонија” на 27 мај 1991 година во решението за добивање енергетската согласност и во договорот за пристапување се предвидува надомест за приклучување на новите потрошувачи за зголемена моќност и начинот на плаќање.

Судот, понатаму утврди дека иако оспорената одлука носи назив Одлука за определување на висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на ЈП “Електростопанство на Македонија”, со приклучување на трошила за новите потрошувачи односно со зголемување на приклучната моќност на пстојните потрошувачи, всушност со неа преку електроенергетската согласност се прибавуваат средства за изградба на нови извори како и проширување, реконструирање, модернизација и одржување на енергетскиот систем.

Така, со одлуката е предвидено дека висинат ана надоместокот за приклучување на 1књ едновремена ангажирана моќност на дистрибутивната мрежа зависи од местото на приклучување и од неговото напонско ниво и се определува: на РС 110/Х од 10,20 или 3ткв ќелија цената изнесува 1260,00 денари и на тв 35/10 од 10 кв ќелија изнесува 1260 денари, на 10 кв мрежа 2069,00 денари на 0,4 кв осигурачи со 10(20) / 0,4 кв е 4492, 00 денари и на 0,4 кв мрежа е 7584,00 денари. Понатаму, се утврдува надоместок за потрошувачите на низок напон од категоријата домаќинства; останата потрошувачка, промена на категоријата потрошувачка од станбен во деловен простор, промена на броило едноцифрено во троцифрено како и ослободувањето од надоместокот на определена категорија потрошувачи.

5. Според член 37 од Законот за енергетика (“Службен весник на СРМ” бр.41/87, 41/88 и 42/88 и “Сужбен весник на Република Македонија” бр.15/93 и 13/94 и 15/94) кој важел во време на донесување на оспорениот акт, односите меѓу испорачателот и корисникот на енергија се уредуваат со општите услови за испорака на соодветен вид енергија, тарифните системи за одделни видови енергија и со други општи акти на организациите од областа на енергетиката и на самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија, во согласност со овој закон. Согласно член 38 став 1 од Законот, со општите услови за испорака на соодветен вид енергија поблиску се определуваат условите и начинот на испорака на меѓусебните права, обврски и одговорности на испорачателот и корисникот.

Согласно член 26 од Законот за енергетика (“Службен весник на РМ” бр.47/97 кој влезе во сила на 27 стептември 1997 година производителите и испорачателите на енергија се должни на корисниците да им обезбедат енергија во согласност со енергетскиот биланс, меѓусебните договори и општите услови за соодветниот вид енергија, а согласно член 27, пак, од Законот испорачателот е должен да обезбеди непречено функционирање на енергетскиот систем до мерното место на кое се мери енергијата. Според член 41 од Законот секое правно и физичко лице и граѓанин кој се приклучува на енергетскиот систем е должен да прибави електроенергетска согласност од испорачателот на соодветниот вид енергија. Електроенергетската согласност е должен да ја прибави и корисник на енергија кој ја зголемува потрошувачката на енергија и ангажираната моќност за повеќе од 10% од утврдените со енергетската согласност. Енергетскатата согласност од став 1 на овој член се издава по претходно издадено решение за услови за градба и заверен проект за градба од надлежното министерство за работите на урбанизмот и градежништво.

Според член 42 став 1 од Законот, испорачателот на енергија е должен во рок од 15 дена од поднесување на барањето за енергетска согласност да издаде решение за енергетска согласност согласно со техничките, енергетските и економските услови.

Во член 72 став 1 од Законот, одлуките за општите услови за испорака на електрична енергија од член 37 на овој закон ќе се донесат во рок од 9 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. До донесување на прописите од став 1 на овој член ќе се применуваат општите услови за испорака на електрична енергија.

Од изнесените законски одредби како и оние кои важеа во време на донесување на оспорената одлука така и во новите одредби од Законот за енергетика произлегува дека секој корисник на енергија кој сака да се приклучи на енергетскиот систем мора претходно да добие електроенергетска согласност. Притоа, во Законот давањето на електроенергетската согласност не е условено со плаќање на одреден надоместок туку испорачателот на енергија е должен во рок од 15 дена по поднесувањето на барањето да издаде таква согласност под услов ако објектите кои треба да бидат приклучени ги исполнуваат условите утврдени со прописите за техничките нормативи за соодветниот вид енергија.

Со оглед на тоа што во цитираните одредби од Законот не е предвидено енергетската согласност да се издава по претходно обезбедени средства од корисникот за изградба на нови електроенергетски системи како и за нивно модернизирање, надградба и одржување, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нивната согласност со означените законски одредби.

Исто така, со оглед на тоа што според оценката на Судот прибирањто на средства за издавање на енергетска согласност, всушност претста вува здружување на средства за проширување на материјалната основа на ЈП “Електростопанство на Макеадонија”, а во Уставот на Република Македонија не е предвидена можност за вакво здружување на средства за стопанските субјекти, Судот оцени дека и од овој аспект означените акти не се во согласност со Уставот на Република Македонија.

Притоа, доколку, пак, при приклучувањето на новите корисници кон електроенергетскиот систем испорачувачот има реални трошоци за приклучување како што се за излегување на стручното лице на местото на приклучување, трошоци за возилото и други материјални трошоци, не претставува пречка истите да ги предвиди со посебен акт.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.115/96)

Leave a Reply