205/1997-0-0

205/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 декември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 131-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 131-б од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македониија, Тони Спировски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 131-а и 131-б од Законот. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби не биле во согласност со член 52 став 4 од Уставот бидејќи упатувале банките, штедилниците и поштенската штедилница во Република Македонија да го усогласат основањето и работењето со одредбите на Законот за банките и штедилниците во рок од две години од денот на влегувањто во сила на Законот, освен усогласувањето со одредбите на членовите 7, 84 и 89 од Законот, кое ќе се изврши најдоцна во рок од 5 години во динамика што ќе ја утврди Народната банка. Според иницијаторот, цензусот за основање на банка и за вршење на работи на платен промет со странство по овој закон било далеку поголем и поради тоа понеповолен за граѓаните кои веќе основале банки.

4. Судот на седницата утврди дека според член 131-а од Законот, Фондот од член 44 на овој закон банките и штедилни-ците се должни да го основаат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Доколку банките и штедилниците не го основаат фондот во рокот од став 1 на овој член или не ги осигураат штедните влогови, Народната банка ќе го укине делот од дозволата за работа кој се однесува на прибирање на штедни влогови и работа со тековни сметки на физички лица.

Според член 131-б од Законот, банките, штедилниците и Поштенската штедилница основани во Република Македонија до влегувањето во сила на овој закон, продолжуваат со работа.

Усогласување на основањето и работењето на банките и штедилниците со одредбите на овој закон ќе се изврши најдоцна во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен усогласување со одредбите на членовите 7, 82 и 87 од овој закон, кое ќе се изврши најдоцна во рок од пет години, во динамика што ќе ја утврди Народната банка.

Банките и штедилниците се должни да го усогласат обемот на своето работење по однос на гарантниот капитал на начин што:

– во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон гарантниот капитал да не биде помал од 6,70% од книговодствената вредност на ризично пондерираната актива и активните вонбилансни позиции;

– во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон гарантниот капитал да не биде помал од 7,15% од книговодствената вредност на ризично пондерираната актива и активните вонбилансни позиции;

– во рок од 18 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон гарантниот капитал да не биде помал од 7,60% од книговодствената вредност на ризично пондерираната актива и активните вонбилансни позиции;

– во рок од 24 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон гарантниот капитал да не биде помал од 8% од книговодствената вредност на ризично пондерираната актива и активните вонбилансни позиции”

5. Судот исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија расправајќи за уставноста на членот 131-б став 2 од аспект на неговото повратно дејство, всушност расправаше за членот 131-б во целина и не поведе постапка за оценување на неговата уставност. При тоа Судот оцени дека со оспорената преодна и завршна одредба од членот 131-б се уредуваат условите за работење на банките, штедилниците и Поштенската штедилница основани во Република Македонија до влегувањето во сила на изменувањето и дополнувањето на Законот за банките и штедилниците, при што е утврдено дека тие продолжуваат со работа. Според тоа, оваа одредба не предвидува дека банките и штедилниците кои биле основани пред неговото влегување во сила престануваат да постојат ниту пак наметнува обврска за нив повторно да се основаат но под услови и постапка определена со новиот закон. Напротив, фактот што порано основаните банки и штедилници продолжуваат со работа претставува израз на волјата на законодавецот нивното основање да го прифати како завршен чин според одредбите на претходниот закон кој не може да трпи никакви влијанија од подоцна донесениот закон. Што се однесува до работењето на банките и штедилниците кои се основани под режимот на поранешниот закон, според Судот, банкарското работење се одвива сукцесивно односно во временски низ така да дел од него е преземен и се одвива пред влегувањето во сила на новиот закон а дел по неговото влегување во сила.

Подоцна донесениот закон има правна сила да го утврди престанувањето на важењето на порано донесениот закон и новите услови за банкарското работење да ги наметне и на оние банки што се порано основани. Со оглед на тоа што Законот не ги доведува во прашање оние банкарски трансакции што биле преземени пред неговото влегување во сила, Судот оцени дека оспорените законски одредби немаат повратно дејство ниту врз работењето на банките што се основани пред неговото влегување во сила.

Укажувањето дека со утврдувањето на висината на основачкиот влог како еден од условите за работењето на банките и штедилниците всушност се доведува во прашање самото основање на порано основаните банки и штедилници, нема суштинско влијание врз прашањето за карактерот на неговото дејство како повратно. Имено, законодавецот е сосема слободен на каков правно-технички начин ќе ги изрази тие услови. Неговата цел е да обезбеди такви услови во кои висината на основачкиот влог, како дел од гарантираниот капитал, ќе биде гаранција за ликвидноста на банката и таквата висина нема значење само за чинот на основањето на банката, туку и како услов за нејзиното работење. Новиот закон не ја поставува висината на основачкиот влог како услов за повторно основање на порано основаните банки, туку го зема како релевантна околност од која зависи работењето на банките, односно како можност од која зависи егзистенцијата на дозволата за работа на сите банки, независно дали се основани пред или по влегувањето во сила на Законот и како начин на востановување единствен режим на банкарското работење.

Со оглед на тоа што за повратното дејство на членот 131-б од Законот, Судот расправаше и не поведе постапка за оценување на неговата уставност, а нема основи за поинакво одлучување согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд Судот одлучи иницијативата да се отфрли.

6. Во однос на мислењето на иницијаторот за повратното дејство на оспорениот член 131-а од Законот, Судот оцени дека со него се уредуваат односи и се предвидуваат дејствија за во иднина односно по влегувањето во сила на законот. Со членот 44 од Законот се уредува дека банката која прима штедни влогови и води тековни сметки на физички лица е должна да ги осигура во фонд за осигурување на штедни влогови. Понатаму во Законот е содржан посебен дел ИИИ-а фонд за осигурување на штедни влогови, во кој е определено својството и статусот на фондот, основачкиот влог, надлежноста, начинот и користењето на средствата од фондот, органите на фондот и контролата на работењето на фондот.

Поранешната формулација на членот 44 од Законот за банките и штедилниците упатуваше само на можноста и обврската на банките и штедилниците штедните влогови да ги осигураат во институција овластена за осигурување или осигурувањето да го обезбедат со хипотека на недвижен имот. Меѓутоа, практиката покажа дека понудата за осигурување на штедните влогови од страна на осигурителните друштва не ги задоволува основните елементи на осигурување, а дека хипотеката на недвижен имот не претставува адекватен систем на осигурување. Поради тоа се воведува обврска на банките кои примаат штедни влогови на граѓани истите да ги осигураат во посебен фонд. За обврските према граѓаните одговорноста на фондот е солидарна. Утврдено е право на Народната банка на Република Македонија да го повлече делот од дозволата за работа кој се однесува на прибирање штедни влогови на граѓани и работа со тековни сметки на граѓани доколку банката односно штедилницата не ги осигура штедните влогови во фондот за осигурување на депозити.

Со членот 131-а кој е преодна и завршна одредба на Законот, само се определува рокот во кој банките и штедилниците се должни да го основаат фондот за осигурување на штедни влогови и овластување Народната банка да преземе мерки доколку банките и штедилниците не го основаат фондот во определениот рок. Од тука Судот оцени дека оваа одредба нема повратно дејство и дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 205/97)

Leave a Reply