203/1997-0-0

203/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за основање јавно водостопанско претпријатие Хидросистем “Стрежево” Битола донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Александар Анреевски од Битола, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се основало јавно претпријатие спротивно на Законот за јавните претпријатија, односно со член 1 и 2 на овој закон, со кои било предвидено јавните претпријатија да се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес како што било и водостопанството. Меѓутоа, во оспорената одлука биле предвидени и други дејности кои не претставувале стопански дејности од јавен интерес.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука всушност не се вршело основање на ново претпријатие туку се вршело подржавување на постојното претпријатие, таа не била во согласност и со член 30 од Уставот, затоа што им се одзема она што вработените го создале во текот на нивното работење, со што се ограничувале сопственичките права.

Со цел да не би настанале штетни последици по имотот на ХМС “Стрежево” се предлага Уставниот суд да ја запре од извршување оспорената одлука, до донесување на конечна одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 3 став 1 од Законот за јавните претпријатија, член 7 од Законот за водите и член 45 од Законот за Владата на Република Македонија. Со оваа одлука се основа јавно водостопанско претпријатие Хидросистем “Стрежево”, определена е фирмата на претпријатието, седиштето и дејностите што ги врши. Понатаму, во Одлуката се определни органите, вршителот на должноста директор и дека средствата за основање се од средствата на Работната организација во изградба “Водостопанство-Пелагонија” – Хидромелиоративен систем “Стрежево” Битола.

Од содржината и карактерот на оспорената одлука Судот утврди дека таа не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што оцени дека не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.

Со оглед на тоа што Судот не е надлежен да ја оценува оспорената одлука не постојат ни претпоставки за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз нејзина основа.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 203/97)

Leave a Reply