127/1997-0-0

127/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ бр.70/92), на седницата одржана на 26 ноември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за укинување на Одлуката бр.02-231/1 од 12 јули 1993 година на Собранието на општина Струмица донесена од Советот на општината Куклиш на 12 јуни 1997 година.

2. Оваа Одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.127/97 од 24 септември 1997 година по повод поднесена иницијатива на Претпријатието за трговија на големо и мало “Емилија” од с. Куклиш поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што не била донесена во постапка предвидена со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Законот за локалната самоуправа и Законот за експропријација.

4. На седницата Судот утврди дека на 12 јуни 1997 година врз основа на член 17 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, член 22 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, а во врска со член 2 од Законот за експропријација и член 76 од Статутот на Општина Куклиш, Советот на општина Куклиш ја донело оспорената одлука.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека се укинува Одлуката на Собранието на општина Струмица заведена под број 02-231/1 од 12 јули 1993 година со која е утврден општ интерес за изградба на фабрика за сладолед на земјоделско земјиште Кп.бр.2923 во површина од 9426 метри квадратни во КО Куклиш, чиј корисник била ЗЗ “Куклиш” с. Куклиш во стечај.

Во член 2 од Одлуката е предвидено примерок од оваа одлука да се достави до Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи Подрачна единица Струмица заради поништување на Решението за експропријација број 15-422/2 од 02.02.1994 година, со кое е извршена експропријација на дел од земјоделско земјиште Кп.бр.2923 во површина од 9426 метри квадратни во КО Куклиш во корист на ПТП “Емилија” с. Куклиш.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека со стапувањето на сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката 02-231/1 од 12 јули 1993 година на Собранието на општина Струмица.

Во член 4 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето, а ќе се објави во Службен гласник на општина Куклиш.

5. Според член 54 став 1 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 118/89, 38/90 и 62/93), кој важел во време на донесувањето на одлуката која се укинува со оспорената одлука, се определува дека за места кои се надвор од населените места и за кои не е донесен урбанистички план, локација за изградба на стопански објекти, може да се издаде врз основа на општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.

Согласно член 25 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), кој е во сила од 1 фавруари 1996 година, изградбата во населено место кое нема урбанистичка документација за населено место во општина, може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината.

Од изнесените законски одредби произлегува дека општината има овластување да донесува општ акт со кој определува локација и други услови и начин на изградба на објекти, ако за локацијата нема план.

Според тоа општиот акт со кој се определува локацијата всушност претставува урбанистички план.

Согласно член 31 од наведениот закон Нацртот на Урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, кој се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, на начин што планот се изложува во соодветна просторија на месната заедница за време од најмалку 15 дена, а во наредниот рок од 15 дена се примаат забелешките од граѓаните и другите заинтересирани субјекти. Во член 32 од Законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Во член 34 став 2 од истиот закон, е пропишано дека собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на урбанистичките планови.

Според член 17 и 18 од Законот за просторното и урбанистичко планирање урбанистичките планови се изработуваат како нацрт и предлог планови за кои се спроведува јавно анкетирање. Јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторите на анкетата.

За времето и местото каде ке биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

За стручната расправа и јавната анкета надлежното министерство за работите на урбанизмот изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки кој се доставува заедно со предлог планот на усвојување.

Од изнесените одредби произлегува дека измените на планот се вршат во иста постапка како и за нивно донесување.

6. Со оглед на тоа што со оспорената одлука се укинува претходно донесената одлука со која е утврден општ интерес и е определена локација за изградба на фабрика за сладолед се врши измена на планот, а таа измена не е извршена во постапка предвидена со закон, Судот одлучи дека таа не е во согласност со закон и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.127/97)

Leave a Reply