118/1997-0-0

118/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 ноември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ Одлуката за прогласување на пределот со посебни карактеристики “Вевчански шуми и планински пасишта” – Вевчани и Одлуката за формирање Одбор за заштита, одржување и унапредување на пределот со посебни карактеристики “Вевчански шуми и планински пасишта”- Вевчани, под бр.08-30 и бр.08-31, донесени од Советот на општината Вевчани на 29 март 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Владата на Република Македонија, со Решение У.бр.118/97 од 24 септември 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените одлуки означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со Уставот, Законот за шумите, Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата и Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Одлуката за прогласување на предел со посебни природни карактеристики “Вевчански шуми и планински пасишта”- Вевчани, донесена врз основа на член 29 од Законот за локална самоуправа, членовите 19 и 20 од Законот за заштита на природните реткости и членовите 5 и 12 од Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата, се уредува дека со оваа одлука Советот на Општина Вевчани го прогласува пределот со посебни природни карактеристики “Вевчански шуми и планински пасишта” Вевчани.

Според член 2 од Одлуката, пределот “Вевчански шуми и
планински пасишта” е сопственост на Општина Вевчани, и е во границите на КО “Вевчани”, според член 3 од Одлуката, се овластува Советот со посебна одлука да формира Одбор на кој ќе му се довери вршење на определени работи во врска со заштитата, одржувањето (одгледувањето) и унапредувањето на пределот, според членовите 4 и 5 од Одлуката, за режимот на заштитата, одржувањето и унапредувањето на пределот ќе се донесе посебна студија, во рок од шест месеци, а според член 6 од Одлуката, како составен дел на Одлуката се наведува стручната основа и графичката документација, односно извод од карта во размер 1 : 25000.

Одлуката, според членот 7, стапила на сила наредниот ден од денот на нејзиното донесување.

Со второоспорената одлука се формира Одбор за заштита, одржување и унапредување на пределот. Според член 2 од оваа одлука, Одборот се состои од 9 членови, од кои два члена претставници од редот на афирмирани и познати стручњаци од областа на шумарството и други природни науки, 6 членови – стручни лица со завршен шумарски факултет, насока шумарство или средна стручна спрема кои ќе бидат со постојан работен однос и еден член претставник од граѓаните на Општина Вевчани.

Според член 3 од Одлуката, претставниците за членови на Одборот ги именува Советот на предлог на градоначалникот, според член 4, Одборот се грижи за извршување на предвидените мерки и работи во Студијата, како и на сите други прописи предвидени со Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата, односно природните реткости, според член 5 од Одлуката се определува средствата за работа на Одборот да ги обезбедува Советот, а според членот 6 се определува Одлуката да стапи во сила со денот на нејзиното донесување.

5. Според член 56 став 1 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Во согласност со член 115 став 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење во областите утврдени со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката, а според ставот 3 од овој член на Уставот, Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.

Според член 17 став 1 точка 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), единиците на локалната самоуправа самостојно вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон.

Со Законот за шумите (“Службен весник на СРМ” бр.20/74, 15/86, 51/88 и 20/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.37/91, 44/91 и 83/92), што важел во време на донесување на оспорените одлуки, се уредуваше управувањето и стопанисувањето со шумите и шумските земјишта и нивната заштита. Според член 3 од овој закон, шумите и шумските земјишта се добро од општ интерес и уживаат посебна заштита определена со овој закон. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/91), сите ингеренции во врска со шумите и шумските земјишта се во надлежност на Републиката. Со Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97), со кој престана да важи претходно наведениот закон, се уредува одгледувањето, користењето и заштитата на шумите. Според член 2 од овој закон, шумите како природно богатство се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Шуми со посебна намена, според член 14 од овој закон, се шуми кои претставуваат природна реткост и убавина и шуми кои првенствено служат за: заштита на земјиште, населени места, водни текови и акумулации, сообрќајници, стопански, инфраструктурни и други објекти, заштита и одгледување на ретки видови шумски дрвја и дивеч, како и за одмор, спорт и рекреација, одбележување на важни историски настани,научно-истражувачки, наставни, образовни, одбранбени и други цели. Шумите за посебна намена, според член 16 став 2 од Законот, ги определува Владата на Република Македонија, освен националните паркови кои се определуваат со закон.

За одбележување е дека како со Законот за шумите кој беше во важност кога се донесени оспорените одлуки, така и со постојниот Закон, ингенренциите за одгледувањето, користењето и заштитата на шумите, вклучувајќи го и определувањето и режимот на шумите со посебни намени, се во надлежност на Републиката (Владата на Република Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Заводот за шуми, Јавното претпријатие за стопансивуање со шуми, шумската полиција и Републичкиот инспекторат за шумарство). Според тоа, Законот за шуми не содржи посебни овластувања за општината и нејзините органи во однос на шумите за посебна намена, вклучувајќи го и прогласувањето на одделен предел со посебни карактеристики.

Со Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/96) се уредуваат правата и должностите на Република Македонија, правните и физичките лица во обезбедувањето услови за заштита и унапредување на животната средина и природата, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина. Според член 5 од овој Закон, поблиските услови за заштита и унапредување на животната средина и природата и здравјето на луѓето се пропишуваат со закон. Сите природни богатства, објекти и делови на природата за кои со научни и стручни истражувања е утврдено дека имаат особено значајни природни вредности, уживаат посебна заштита, во согласност со условите, начинот и постапката пропишани со овој закон, другите закони и меѓународни конвенции и договори. Ингеренциите во заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, со одредбите на овој закон, е во надлежност на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Заводот за заштита и унапредување на животната средина и природата, Владата на Република Македонија и другите субјекти утврдени во Законот. Посебни овластувања за единиците на локалната самоуправа, во смисла на уредување на прашањата со оспорените одлуки, овој закон не содржи.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека шумите и пасиштата, се добра од општ интерес за Републиката, дека начинот и условите на нивното користење се уредува со закон, дека општината може да врши одделни овластувња врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон. Понатаму, според мислењето на Судот, добрата од општ интерес за Републиката, можат да бидат во различни видови на сопственост а државата, во смисла на член 56 од Уставот, е должна да обезбеди посебна заштита на овие добра независно од тоа во чија сопственост се наоѓаат, при што и јавниот интерес за ограничување на одредени права кај овие добра не мора посебно да се утврдува. Притоа, треба да се има предвид и уставниот принцип дека сопственоста (без оглед во кој вид се појавува) создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Поаѓајќи од тоа, кај добрата од општ интерес личното право не може да биде нагласено, туку е нагласен општиот интерес за заштита на добрата кои имаат таков карактер. Во таков случај, државата не настапува од позиција на власт, туку поаѓа од своето право и обврска да го заштити земјиштето односно другото природно богатство како добро од општ интерес.

Во конкретниот случај, Судот смета дека со наведените уставни и законски одредби е уредена посебната заштита на добрата од општ интерес за Републиката. Прогласувањето на пределот со посебни карактеристики “Вевчански шуми и планински паисшта” за сопственост на општината Вевчани, на која и се става во функција непосредно да стопанисува и управува со тие добра, на начин и под услови како што е уредено со оспорените одлуки, не е во согласност со принципите за посебната заштита на добрата од општ интерес за Републиката, ниту со начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Тргнувајќи од напред наведеното Судот оцени дека оспорените одлуки не се во согласност со напред наведените одредби на Уставот и законите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.118/97)

Leave a Reply