150/1997-1-0

150/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловни- кот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општествена заштита на децата (“Службен весник на СРМ” бр.40/87), односно за неговата согласност со член 1, член 8 алинеја 1, член 9 став 2 и член 39 од Уставот на Република Македонија.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение со член 40 став 1 и со член 41 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Неџат Мемети, адвокат од Куманово, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата на член 1 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата основните слободи и права на човекот и граѓанинот како темелни вредности во уставниот поредок на Република Мкедонија биле услов за остварување на економските, социјалните, културните права утврдени со Уставот на Република Македонија. Со оспорената одредба од Законот се негирале човековите слободи и права утврдени со Уставот, социјалниот карактер на државата Република Македонија затоа што државата не се грижела за најмладата популација по раѓањето на четвртото дете и понатаму, со ускратувањето на правото на додаток на деца.

Оспорената одредба не била во согласност и со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија затоа што го ограничувала правото на додаток на деца од четвртото дете по раѓање и понатаму, со што овие деца биле во нееднаква положба со предходно родените деца – нивните браќа и сестри.

Понатаму, оспорената одредба не била во согласност и со член 41 став 1 од Уставот според кој, право на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.

Оспорената одредба не била во согласност и со член 39 став 1 од Уставот затоа што на четвртото и попнатаму родените деца им го ускратувала правото на здравствена заштита.

4. На седницата Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, постапувајки по предметот У.бр.154/95 чиј предмет на оценување била оспорената одредба на Законот од аспект на нејзината уставност со член 41 од Уставот, на седницата одржана на 24 мај 1995 година, донел решение за неповедување постапка. При тоа, во образложението на Решението се нагласува дека човекот има право слободно да одлучучва за создавање на деца, меѓутоа, тој како родител, покрај правото има и примарна должност и одговорност да се грижи за подигнување и развојот на децата, додека Републиката, во рамките на своите можности, во зависност од економскиот и социјалниот развој, им дава соодветна помош на родителите во обезбедувањето на финансиски средства заради подобрувањето на условите за живот потребни за развојот на детето.

Имајки го предвид изнесеното Судот оцени дека членот 19 став 2 од Законот е согласен со член 40 став 1 и член 41 од Уставот.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот била предмет на оценка пред овој суд односно за истата работа веќе одлучувал од аспект на нејзината уставност со член 40 став 1 и член 41 став 1 од Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 2 од ова решение.

5. Според член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија меѓу другото, е и социјална држава.

Во членот 8 од Уставот е предвидено дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 40 од Уставот е предвидено дека Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Според ставот 3 на овој член, родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата, а во ставот 4 е предвидено дека Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родителска грижа. И на крајот според член 41 од Уставот право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца, а Републиката заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Потенцирањето на социјалниот карактер на државата со Уставот всушност ја изразува улогата на државата во областа на социјалната и економската политика. Таа улога се остварува преку ангажираноста на државата за постигнување на целите за економскиот развој, што поголема вработеност, еднакви можности за живот и работа, социјално осигурување и заштита на минималниот стандард на граѓаните без оглед на социјалната и општествената положба. Според тоа, преку социјалниот карактер на државата Уставот ги акцептира реалните проблеми на општеството и граѓанинот во задоволувањето на неговите потреби.

Темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија пред се го потенцирааат неговиот демократски карактер затоа што на нов начин го утврдува односот на човекот и граѓанинот со власта и нејзините граѓани. Во принцип слободите и правата се третираат како граница која власта не може да ја пречекори, нешто кое според волјата на власта се стеснува или евентуално се шири, туку тие се општа рамка за дејствување на власта.

Утврдувајки ги слободите и правата на човекот и граѓанинот, Уставот истовремено утрдува и систем за заштита на овие слободи и права. Прво дека слободите и правата утврдени со Уставот се остваруваат врз основа на него и дека начинот на остварување на одделни слободи и права може да се пропише само со закон и тоа само кога тоа е предвидено со Уставот или кога тоа е неопходно за нивното остварување. Второ, слободите и правата гарантирани со Уставот не можат да се одземат или да се ограничат, односно можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Поаѓајки од ваквото сваќање за социјалниот карактер на државата и за основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, според мислење на Судот правото на додаток на деца треба да се гледа во контекст на уставните гаранции за посебната грижа и заштита на семејството и правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.

Од уставните одредби, произлегува дека човекот има право слободно да одлучува за создавање на деца, а Републиката е должна, заради усогласен економски и социјален развој да води хумана популациона политика. Според тоа, правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца е условено и со функцијата на државата да води хумана популациона политика. Со други зборови, и покрај тоа што битието на уставната гаранција упатува на слободната воља на сопружниците да одлучуваат за бројот на децата, тоа не може да се одвива сосема стихијно и неконтролирано надвор од условите и можностите како на семејството така и на општеството. При тоа, Републиката со одредени мерки на економската политика може да ги утврди и основите за реалното планирање на семејството. Во таа смисла и правото на додаток на деца со третото дете може да претставува мерка на економска политика на државата.

Според мислењето на Судот предвидувањето на институцијата “додаток на деца” има социјално заштитен карактер и преку обезбедувањето на ова право Републиката само придонесува за воспитување и образование на децата и тоа под услови и на начин утврдени со закон. Родителите покрај ова право имаат примарна должност и одговорност да се грижат за подигање и развој на децата, а Републиката, во зависност од економскиот и социјалниот развој им дава соодветна помош на родителите потребна за развојот на детето. Посебна заштита на децата, пак, Уставот гарантира само за децата без родители и родителска грижа.
Исто така, според мислењето на Судот, човекот остварувајки го своето уставно право слободно да одлучува за создавање на деца презема обврска за издржување, воспитување и образование на децата, а Републиката, во зависност од економскиот и социјалниот развој, цени каква популациона политика ќе спроведува и во таа смисла да определува дали правото на додаток на деца ќе го обезбедува за првите три родени деца или сите деца или ниту едно родено дете.

Уставниот принцип “сите се еднакви пред законот” го обврзува законодавецот да не внесува одредби во кои се прави разлика меѓу луѓето, како и обврска за органите и другите субјекти еднакво да ги применуваат законите што значи во исти случаи да донесуваат исти одлуки, водејки сметка за особеностите на случајот и негово индивидуализирање.

Поаѓајки, пак, од целината на Законот правото на додаток на деца се обезбедува на деца на работници и граѓани изедначени во поглед на ова право со работниците (пратеници, работници кои користат право на надоместок по основ на вработување или невработеност), што значи дека децата сами за себе не го остваруваат ова право. Според тоа, евентуалната повреда на уставниот принцип за еднаквост на граѓаните пред законот треба да се гледа од аспект на граѓанинот родител, а не од аспект на децата.

Според мислењето на Судот, и покрај тоа што планирањето на семејството претставува строго интимна сфера на сопружниците, правото слободно да одлучуваат за создавање на деца, во тој контекст и еднаквоста на децата не треба да се гледа изолирано од уставната обврска на државата да води хумана популациона политика, заради усогласен економски и социјален развој и обврската на родителите за нивно издржување, а во тие рамки и со закон да ги определи условите за користење на ова право. Законодавецот, утврдувајки ги условите за користење право на додаток на деца до третото дете по раѓање, овие граѓани ги ставил во еднаква правна положба за разлика од другите граѓани. Со други зборови остварувањето на уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Законот треба да се гледа во еднаквата правна положба на граѓаните, односно сите граѓани во остварувањето на правото на додаток на деца до третото дете на раѓање се еднакви, поради што Судот смета дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба.

6. Во поглед на наводите во иницијативата дека оспорената одредба ја суспендира и здравствената заштита на децата родени по третото дете Судот утврди дека правото на здравствена заштита, е регулирано со Законот за здравствена заштита, односно не е предмет на уредување на овој закон поради што не може да се постави пршањето за нејзината согласност со уставната гаранција за правото на здравствена заштита на граѓаните, утврдена во член 39 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.150/97

Leave a Reply