143/1997-0-0

143/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 251 став 3 од Статутот на РО Медицински факултет, Скопје.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Здружението на виши радиолошки техничари на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на оспорената одредба од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не била во согласност со Законот за стручните називи и академските степени и со Единствената номенклатура на занимањата, поради тоа што со неа за завршено више образование, радиолошки смер бил определен стручниот назив “виши радиолошки техничар”, наместо “оперативен медицински радиолог” како што било предвидено со Единствената номенклатура на занимањата, со што се девалвирал угледот и стручноста на овие кадри.

3. Судот на седницата утврди дека во член 205 од Статутот на Медицинскиот факултет е предвидено кои наставни предмети се опфаќаат со плановите за воспитно-образовната работа за виши радиолошки техничари.

Во член 251 од Статутот е предвидено дека на студентот кој ќе ги положи сите испити и ќе ги изврши сите обврски кај факултетот пропишани со овој статут му се издава диплома, уверение и потврда. Во оспорениот став 3 на овој член од Статутот е предвидено дека по завршувањето на наставата за вишо образование – радиолошки смер, дипломираниот студент се здобива со стручен назив виши радиолошки техничар.

4. Во Законот за насоченото образование (“Службен весник на СРМ” бр.16/85) се определени степените на стручна подготовка, при што во член 36 став 2 е предвидено дека ВИ-1 степен на стручна подготовка е више образование, кое, согласно членовите 37 и 45 од Законот, се стекнува со завршување на соодветен план и програма за воспитно-образовна дејност.

Во член 38 од Законот е предвидено дека стручната подготовка се одбележува со стручен назив кој го содржи видот и степенот на стручната подготовка, при што со овој член само за завршени студенти на медицински и стоматолошки факултет е утврден стручниот назив. За другите видови стручни подготовки со Законот за насоченото образование не се предвидени стручните називи.

Во 1963 година е донесен сојузен Закон за стручните називи и академските степени (“Службен лист на ФНРЈ” бр.13/63) кој закон со Уставниот закон за спроведување на Уставот на СРМакедонија од 1974 година до донесување на републички закон е прифатен како републички закон.

Според овој закон лицата што ќе завршат факултет односно настава од прв или втор степен на факултети или високи школи на кои школувањето е поделено на степени, како и лицата што ќе завршат виша школа, се здобиваат со стручните називи определени со овој закон (член 1 од Законот).

Според член 3 од Законот, стручниот назив го означува степенот на школската спрема во соодветната струка односно звање или назив. Стручниот назив, според член 6 од Законот, се внесува во дипломата за завршено школување.

Така, според член 8 од Законот, на вишите медицински школи се стекнуваат стручните називи, виши медицински техничар, виша медицинска сестра. Во овој закон не е посебно предвиден радиолошкиот смер и стручниот назив, туку во член 9 е предвидено дека стручните називи за отсеците, одделите, групите или насоките на факултетите, високи школи и виши школи, што не се набројани со овој закон, можат да се определат со републички прописи, во рамките на категориите на стручните називи предвидени со овој закон.

Во член 10 од овој закон е предвидено дека стручните називи што се здобиваат на одделни факултети, високи и виши школи, се утврдуват со статутот на факултетот, високата и вишата школа, во сообразност со овој закон и републичките прописи.

Понатаму, Судот утврди дека со општествен договор на ниво на поранешната СФРЈ е усвоена Единствена номенклатура на занимањата (“Службен лист на СФРЈ” бр.31/89) чиј потписник била и СР Македонија. Во делот ЏВИИ од Номенклатурата здравство, фармација и социјална заштита под шифра 62.90.97 е утврден стручниот назив оперативен медицински радиолог.

Исто така постои и Договор за единствено уредување на стручниот назив за завршените студии на Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет (“Службен весник на СРМ” бр.3/85) кој е склучен меѓу собранијата на републиките на поранешна СФРЈ. Во овој договор се определени само стручните називи “доктор на медицина” за завршен медицински факултет и “доктор на стоматологија” за завршен стоматолошки факултет.

Имајќи го предвид фактот што стручниот назив за завршено вишо образование – радиолошки смер не е утврден со закон туку е утврден со општествен договор, а со законот е дадена можност со статутот на одделни факултети, високи и виши школи да се утврдуваат во сообразност со стручните називи предвидени со закон и други прописи, како и фактот што не е донесен посебен републички пропис за стручните називи, Судот оцени дека не постои законска пречка со статут на соодветна високообразовна организација да се определат стручни називи за одделни отсеци, оддели или групи на образование што се изведуваат во таа организација, во рамките на стручните називи и звања утврдени со Законот за стручните називи и академските степени и Законот за насоченото образование.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Статутот со наведените законски одредби.

Што се однесува до согласноста на оспорената одредба од Статутот со Единствената номенклатура на занимањата, Судот оцени дека станува збор за меѓусебна согласност на два општи акти, за што тој, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.143/97)

Leave a Reply