86/1997-0-0

86/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 1 од Одлуката за дополнување на Одлуката за определување на посебни давачки при увоз на одделни земјоделски и прехранбени производи (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/96, 52/96, 64/96 и 2/97), донесена од Владата на Република Македонија.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Одлуката за определување на висината на посебната давачка при увоз на одделни земјоделски и прехранбени производи (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/96) донесена од Владата на Република Македонија.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Слободан Димитров од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, поради тоа што не била во согласност со член 2 од Законот за посебните давачки при увоз на земјоделски и прехранбени производи (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94) и член 1 став 2 од Законот за царинската тарифа (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/96), бидејќи со неа била воведена посебна давачка. Имено, членот 1 став 2 од Законот за царинската тарифа предвидувал да се плаќа посебна давачка за увоз на земјоделски и прехранбени производи во согласност со Законот за посебните давачки при увозот на земјоделски и прехранбени производи, за стоките од Царинската тарифа каде што покрај стапката на царина стоела ознаката (П). Бидејќи во царинската тарифа, за тарифните броеви 0803 00 00 00, 0805 10 00 00 и 0805 20 00 00 не стоела ознаката (П), немало законски основ Владата со Одлука да воведе посебна давачка за производите од наведените тарифни броеви.

Во иницијативата, исто така се наведува дека определената висина на утврдената посебна давачка заедно со царинската стапка изнесувала повеќе од 80%, што не било во согласност со Одлуката за определување на висината на посебната давачка при увоз на одделни земјоделски и прехранбени производи според која висината на посебната давачка заедно со царинската стапка може да изнесува до 80%.

4. Судот на седницата утврди дека во Одлуката за определување на посебни давачки при увоз на одделни земјоделски и прехранбени производи (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/96, 52/96 и 64/96) по точката 2 се додава нова точка 2-а која гласи:

“2-а за јужно овошје

0803 00 00 00 Банани, свежи или суви 10,00 ден/кгр.
0805 10 00 00 Портокали 10,00 ден/кгр.
0805 20 00 00 Мандарини (вклучувајќи
тангирски и сатсумас мандарини) кле-
ментина, вилкинг и сл. хибриди на ар-
гуми 12,00 ден/кгр.

5. Според член 2 од Законот за посебните давачки при увоз на земјоделски и прехранбени производи, посебната давачка при увозот на земјоделски и прехранбени производи претставува разлика меѓу увозната цена зголемена за износот на царините и другите увозни давачки и просечната цена на домашниот пазар. Посебната давачка од став 1 на овој член ја определува Владата на Република Македонија по потреба, а најмалку еднаш на три месеци.

Според член 3 од овој закон, Владата на предлог на соодветните министерства ги определува земјоделските и прехранбените производи за кои при увозот претпријатијата плаќаат посебна давачка при што се раководи од потребата за заштита на домашното производство на земјоделски и прехранбени производи, од понудата и побарувачката на тие производи на домашниот пазар и од влијанието на странските цени врз движењето на производството и на цените на домашниот пазар.

Според членот 4 од овој закон, доколку Владата утврди дека може да дојде до растројство на домашниот пазар, за определени производи од член 3 на овој закон или за одредени количества на тие производи, може да определи друг износ на посебна давачка определена со член 2 на овој закон или тие производи односно количества на тие производи да ги ослободи од плаќање посебна давачка.

Согласно член 1 став 2 од Законот за царинска тарифа, за стоките од царинската тарифа, каде што покрај стапката на царина стои ознаката (П) се плаќа посебна давачка за увоз на земјоделски и прехранбени производи во согласност со Законот за посебна давачка при увозот на земјоделски и прехранбени производи.

Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека со закон е определено што претставува посебна давачка и дека оспорената одлука на Владата е донесена во согласност со законското овластување на Владата да ја определува висината на посебната давачка при увозот на земјоделски и прехранбени производи, како и да ги определува земјоделските и прехранбените производи за кои при увозот претпријатијата плаќаат посебна давачка.

Судот оцени дека членот 1 став 2 од Законот за царинска тарифа треба да се цени во контекст со одредбите на Законот за посебните давачки при увоз на земјоделски и прехранбени производи. Имено членот 1 став 2 од Законот за царинска тарифа определува дека за стоките од царинската тарифа каде што покрај стапката на царина стои ознаката (П) се плаќа посебна давачка за увоз на земјоделски и прехранбени производи во согласност со Законот за посебна давачка при увозот на земјоделски и прехранбени производи. Тоа значи дека одредбата од Законот за царинска тарифа е во комплементарна примена со решенијата од Законот за посебна давачка при увозот на земјоделски и прехранбени производи бидејќи со овој закон е дадено овластување на Владата по потреба да определува таква давачка да се плаќа и за други земјоделски и прехранбени производи освен оние што се определени со Законот за царинска тарифа. Имено, Владата е овластена, доколку утврди дека дошло или дека може да дојде до растројство на домашниот пазар, за одредени производи или за одредени количини од тие производи да определи друг износ на посебната давачка, или пак тие производи односно количества на производи да ги ослободи од плаќање на посебна давачка.

Во конкретниот случај, не се работи за определување на посебна давачка за увоз на земјоделски и прехранбени производи кои со Законот за царинска тарифа се определени со ознаката (П), туку станува збор за определување на посебна давачка за производи за кои Владата определила друг износ на таа давачка согласно овластувањата од Законот за посебната давачка при увоз на земјоделски и прехранбени производи.

Определувањето на земјоделски и прехранбени производи за кои ќе се утврди обврска за плаќање на посебна давачка при увозот, висината на таа давачка и начинот на нејзиното плаќање се прашања на макро економската политика што ја утврдува и реализира Владата на Република Македонија, па според тоа решенијата од Законот за царинска тарифа и од Законот за посебната давачка при увоз на земјоделски и прехранбени производи не се во колизија туку меѓусебно се надополнуваат.

6. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука на Владата со Законот за царинска тарифа и со Законот за посебната давачка при увозот на земјоделски и прехранбени производи поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Што се однесува до наводот во иницијативата дека Одлуката на Владата за дополнување на Одлуката за определување на посебни давачки при увоз на одделни земјоделски и прехранбени производи, не била во согласност со Одлуката на Владата за определување на висината на посебната давачка при увоз на одделни земјоделски и прехранбени производи, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на двете одлуки поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.86/97)

Leave a Reply