99/1997-0-0

99/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1став 2 од Законот за одбрана, во делот “вооружените сили како армија на Република Македонија (во натамошниот текст

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение поради тоа што со него вооружените сили на Република Македонија биле “прекрстени” како армија на Република Македонија што не било во согласност со членот 122 став 1 од Уставот според кој вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Според иницијаторот, и сите други членови од Законот во кои е употребен зборот армија не биле во согласност со Уставот.

3. Судот, на седницата утврди дека според член 1 став 2 од Законот, одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како армија на Република Македонија (во натамошниот текст: армија).

4. Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 122 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Од наведените уставни одредби произлегува дека со Устав се востановуваат вооружени сили како инструмент за обезбедување на основните општествени вредности, пред се за заштита на територијалниот интегритет и независноста на земјата. Меѓутоа, Уставот не ги разработува прашањата во врска со одбраната, туку препуштил целокупната одбрана на Републиката да се уреди со закон. Врз основа на ова уставно овластување, законодавецот, со Законот за одбрана утврдил дека одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите и државната власт и вооружените сили како армија на Република Македонија (во натамошниот текст армија). Понатаму, во Законот е уредено дека армијата е вооружена сила на сите граѓани на Републиката која има постојан и резервен состав и се состои од видови, родови и служби.

Од изнесеното произлегува дека законодавецот е овластен да го определи организациониот облик на вооружените сили на Републиката и во таа смисла го употребил терминот армија како синоним за вооружените сили, кои покрај граѓаните и органите на државната власт ја остваруваат одбраната на Република Македонија. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 1 став 2 од Законот, со член 122 став 1 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 99/97)

Leave a Reply