110/1997-0-0

110/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/94).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на точката 2 од Решението означено во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Методија Продановски, Јаков Чаловски, Томе Симоновски, Јованка Стојчева и Александар Марковски, сите од Битола, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението означено во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување прецизно било уредено прашањето за усогласувањето на пензиите. Имено, усогласувањето на пенузиите претпоставувало остварена пензија и се вршело по протекот на определениот рок – 1 јануари и 1 јули од тековната година, а само по исклучок и пред истекот на овие рокови. Спротивно на ваквото законско уредување со оспореното решение усогласувањето на пензиите се вршело пред остварувањето на пензиите и пред настапување на роковите за усогласување и доведувало до нивно намалување што не било во соглалсност со член 34 од Уставот и со членовите 19, 33 и 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување од што произлегува дека всушност се оспорува точката 2 од ова решение.

Понатаму, подносителите на иницијативата сметаат дека со така усогласената пензија, пензиите остварени во 1994 година се пониски во однос на пензиите остварени во 1995 година со што овие граѓани биле ставени во понеповолна положба во однос на граѓаните што оствариле право на пензија во 1995 година, што не биле во согласност со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорената точка 2 од Решението е предвидено дека пензиите пресметани со коефициентите од точката 1 од ова решение се сведуваат од просечно на месечно ниво со процент 41,37% што претставува сооднос на 92% од просечната плата за ноември 1993 година и просечната плата за 1993 година.

Судот, исто така, утврди дека оспорената одредба од точката 2 на Решението била предмет на одлучување пред овој суд за оценување на законитоста и со решение У.бр.244/96 и У.бр.249/96 од 26 март 1997 година Судот не поведе постапка за оценување на нејзината законитост. При тоа Судот утврдил дека усогласувањето на пензиите има за цел да го следи порастот на платите остварени во Републиката под услови и рокови предвидени со Законот. Меѓутоа, усогласувањето на пензиите остварени во текот на 1994 година според оспорената одредба, односно со процент 41,37% претставува сооднос на платата од декември 1993 година во однос на просечната плата од цела 1993 година, а нивото на платата за декември е пресметано според одредбата на член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93). Според оваа одредба пензиите за месец декември 1993 година се исплатуваат во висина на 92% од правото на исплата утврдено за тој месец. Според ставот 2 на овој член, исплатата на пензиите за месец јануари 1994 година и натаму се усогласува со стапката на пораст на трошоците на живот во тековниот месец во однос на предходниот месец намалена за 2,5% процентни поени и 50% од разликата меѓу стварниот и планираниот пораст на трошоците на живот на тековниот во однос на предходниот месец.

Правото од став 1 на овој член се утврдува во висина на исплатената пензија за месец ноември 1993 година и усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври 1993 година, што значи дека вака утврдената пензија претставува основа за исплата на пензиите за месец декември 1993 година и се исплатува во висина 92% од правото на исплата утврдено за тој месец.

Заради примена ставовите 1, 2 и 3 од овој член пензиите остварени во јануари (се мисли јануари 1994 година) предходно се пресметуваат на месечно ниво според достигнатото ниво на усогласеноста на пензиите во месец декември претходната година во однос на целата година.

Според тоа, процентот за усогласувањето на пензиите 41,37% е утврден врз основа на одредбите на членот 6 од овој закон, односно според влијанието на овој закон врз усогласувањето на пензиите.

Со оглед на тоа што врз усогласувањето на пензиите во 1994 година влијаел Законот за исплата на плати и пензии во Република Македонија, кој бил во важност при утврдувањето на процентот на усогласувањето, односно пензиите во 1994 година се усогласени според овој закон, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на точката 2 од Решението за валиризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година со членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

4. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1, Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните во согласност со начелото на социјална праведност.

Според член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој важеше во време на донесувањето на оспореното решение, е предвидено дека усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и 1 јули во тековната година според движењето на просечната плата на сите вработени на територијата на Републиката, а само по исклучок предвиден со оваа одредба и пред истекот на овие рокови.

Според ставот 4 на овој член, заради примена на ставот 1 од овој член, пензијата остварена во тековната година предходно се усогласува според порастот на платите во јануари таа година во однос на целата предходна година. Усогласувањето на старосната пензија се врши врз основа на објавени податоци од Републичкиот завод за статистика.

Од наведените законски одредби произлегува дека усогласувањето на пензиите има за цел да го следи порастот на платите остварени во Републиката, под услови и рокови предвидени со законот со што се остварува уставната гаранција за социјалната сигурност на граѓаните.

Со оглед на тоа што обемот и правата на социјалното осигурување и социјалната сигурност се утврдува со закон и колективен договор, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за соглалсноста на оспорената одредба од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на 1993 година со членовите 33 и 35 од Уставот.

Усогласувањето на пензиите остварени во текот на 1994 година според оспорената одредба со процент 41,37% претставува сооднос на платата од декември 1993 година во однос на просечната плата од цела 1993 година. При тоа, нивото на платата за декември е пресметано според член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93). Пензиите за месец декември 1993 година се исплатуваат во висина на 92% од правото на исплата утврдено за тој лмесеац, а пензиите за месец јануари 1994 година и натаму се усогласува со стапката на пораст на трошоците на живот во тековниот месец во однос на предходниот месец намалена за 2,5% поени и 50% од разликата меѓу стварниот и планираниот пораст на трошоците на живот од тековниот во однос на предходниот месец.

Заради примената на означените одредби од овој закон пензиите остварени во јануари 1994 година предходно се пресметуваат на месечно ниво според достигнатото ниво на усогласеноста на пензиите во месец декември предходната година во однос на целата година. Според тоа, процентот на усогласување на пензиите од 41,37% е утврден врз основа на одредбите на член 6 од овој закон, односно според влијанието на овој закон врз усогласувањето на пензиите.

Оттука произлегува дека пензиите остварени во текот на предходните години, и во текот на 1994 година, како и во текот на 1995 година се остварени под различни услови и во различен обем од што произлегува и разликата во висината на пензиите, па според тоа и граѓаните што оствариле право на пензија под тие сулови не се во иста правна положба со граѓаните што оствариле право на пензија во 1995 година, поради што, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено во член 9 став 2 од Уставот.

5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Уставниот суд веќе одлучувал за оценување законитоста на оспорената одредба од Решението, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на нејзината законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.110/97)

Leave a Reply