204/1996-0-0

204/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седцницата одржана на 21 мај 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ точките 1 и 3 од Задолжителната инструкција бр.6/94, донесена од директорот на Царинската управа на Република Македонија на 24 мај 1995 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Здружението за сообраќај и врски (групација шпедиција) во Скопје, со решение У.бр.204/96 од 2 април 1997 година поведе постапка за оценување законитоста на точките 1 и 3 од инструкцијата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 96 од Законот за царините.

4. Судот на седницата утврди дека според точката 1 од Инструкцијата шпедициите кои на граничните царински премини пополнуваат ЕЦД (единствен царински документ) се должни да обезбедат посебна гаранција од деловната банка согласно Одлуката за условите на подигање на стоки од под царински надзор по царинскиот преглед, а пред уплатата на царината и на другите увозни давачки и за начинот на обезбедување на нивната наплата (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/94).

Во ставот 2 на точката 1 од Инструкцијата е предвидено шпедицијата да поднесува гаранција во по два примероци на Заводот за платен промет, од кои еден заверен примерок од Завото за платен промет, се поднесува на Царинската управа на Република Македонија.

Согласно точката 3 од Инструкцијата секоја гранична царинска испостава добива читлива фотокопија од гаранциите со известување, за сите шпедиции што се лоцирани на тој премин. Оние шпедиции кои нема да положат гаранција на банка, не ќе можат да поднесуваат ЕЦД.

5. Соиглоасно членот 96 став 1 од Законот за царините ако стоките што се увезуваат со патнички превозни, односно преносни средства не се царинат кај граничната царинарница, превозникот е должен на име обезбедување на стоките да уплати на царинарницата износ во висина на пресметаната царина и други увозни давачки што се наплатуваат при увозот на такви стоки или да положи гаранција на банката, ако со посебни прописи не е определено поинаку.

Од наведената законска одредба произлегува дека должноста за полагање гаранција на име обезбедување на стоката што ја поминува граничната линија се однесува исклучиво на превозникот на стоката, односно дека такво задолжување не е предвидено за шпедитерот.

Со оглед на тоа што точките 1 и 3 од Инструкцијата предвидуваат обврска за шпедитерот да положува гаранција на ганката на име обезбедување на стоката, што ја поминува граничната линија, Судот оцени дека со таквото решение во Инструкцијата се воведува нов режим на плаќање на овие царински премини, поради што оцени дека се несогласни со Законот за царините.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.204/96)

Leave a Reply