243/1996-0-0

243/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ одредбите од член 23 став 1 гточките 3, 4 и 5 и член 29 став 2 од Колективниот договор за вработените од мелничко-пекарската индустрија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/94).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на АД “Жито-Битола” од Битола, со Решение У.бр.243/96 од 26 февруари 1997 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од член 23 став 1 точките 3, 4 и 5 и член 29 став 2 од Колективниот договор за вработените од мелничко-пекарската индустрија, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на овие одредби со членот 130 од Законот за работните односи.

4. На седницата Судот утврди дека со одредбата од член 130 од Законот за работните односи, е предвидено дека на работникот не може да му престане работниот однос ако работодавецот не му обезбеди едно од следниве права: 1)вработување кај друг работодавец без огласување на работното место со преземање и склучување на договор за работа, на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификација; 2)стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај ист или кај друг работодавец; и 3)еднократен надомест во вид на испратнина, во висина на едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж, а најмногу 12 месечни плати, остварена во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос.

Со оспорената одредба од член 23 став 1 точките 3, 4 и 5 од Колективниот договор за вработените од мелничко-пекарската индустрија, во точките 4 и 5 се предвидуваат две нови права за работниците во случај на престанок на работниот однос поради технолошки, економски, организациони и слични причини, (скратување на работното време во рамките кои ги дозволува Законот; и чекање на работа со право на надомест на плата) кои што не се предвидени во цитираната одредба од член 130 од Законот за работните односи, додека во точката 3 од оспорената одредба, предвиденото право од точка 3 од член 130 од Законот за работните односи се условува со дадена изјава на работникот дека сака да му престане работниот однос по овој основ, што фактички го спречува работодавецот да донесе решение за престанок на работниот однос со обезбедување на право на испратнина доколку претходно не прибави од работникот писмена изјава дека се согласува да му престане работниот однос преку обезбедување на ова право.

Со оспорениот став 2 од член 29 од Колективниот договор, пак, е предвидено дека на работникот му се обезбедува и лично изјаснување во изборот на правата утврдени со закон.

5. Согласно член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од содржината на оспорените одредби од Колективниот договор на мелничко-пекарската индустрија Судот утврди дека во истите се предвидени нови права за работниците во случај на престанок на работниот однос поради технолошки, економски, организациони и слични причини, кои што не се предвидени во членот 130 од Законот за работните односи.

Имајки го предвид карактерот на одредбата од член 130 од Законот за работните односи со која таксативно се наброени правата кои што му се обезбедуваат на работникот во случај на престанок на работниот однос поради технолошки, економски, организациони и слични причини, Судот најде дека со оспорените одредби од Колективниот договор за вработените од мелничко-пекарската индустрија всушност се менува законското решение од член 130 од Законот за работните односи.

Од овие причини Судот оцени дека оспорените одредби од Колективниот договор за вработените од мелничко-пекарската индустрија не се во согласност со одредбата од членот 130 од Законот за работните односи, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.243/96)

Leave a Reply