49/1997-0-0

49/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Решението У.бр.241/96 донесено од Уставниотсуд на Република Македонија на седницата одржана на 12 февруари 1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Секуловски од Скопје му поднесе иницијатива за преиспитување односно за дополнување на точката 1 на Решението на Уставниот суд означено во точката 1 од ова решение, со член 12 став 2 точка 7 од Правилникот за критериумите за утврдување на тајните податоци значајни за Армијата на Република Македонија кои мораат да се чуваат како тајна и мерките за нивна заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/94).

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.241/96 од 12 февруари 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 2, 3 и 10 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти (“Службен весник на СРМ” бр.43/80) и уставноста и законитоста на Уредбата за начинот на издавање и користење на Посебниот службен весник на СРМ (“Службен весник на СРМ” бр.18/81). Постапката по овој предмет е во тек.

Со точка 2 од оспореното решение, Судот не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста, покрај другите оспорени акти, и за Правилникот за критериумите за утврдување на тајните податоци значајни за Армијата на Република Македонија кои мораат да се чуваат како тајна и мерки за нивна заштита. Притоа, Судот имал предвид дека оспорениот правилник е објавен во “Службен весник на Република Македонија”, дека имало законска основа за негово донесување и дека со него не се надминуваат овластувањата утврдени со Уставот и законот, поради што не го поставил прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот, Законот за одбрана и Кривичниот законик што се однесуваат на тајноста на податоците.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал по иницијативата на истиот предлагач за поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на наведениот правилник, при што со Решение У.бр.241/96 од 12 февруари 1997 година не повел постапка, Судот оцени дека по повод на оваа иницијатива нема основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.49/97)

Leave a Reply