13/1997-0-0

13/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 и 78 став 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) во делот што гласи “и по двајца членови од советите на општините од подрачјето на градот Скопје избрани од самите совети”.

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Ацо Трајковски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 13 од законот означен во точката 1 од ова решение во делот што гласи: “и по двајца членови од советите на општините од подрачјето на градот Скопје избрани од самите совети”.

Според членот 13 од Законот, изборот на членовите на Советот на град Скопје се вршел по два основи 1) преку општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање и 2) преку принципот на делегирање. Според подносителот на иницијативата, членови на совети, во смисла на Уставот, можеле да бидат само оние претставници на граѓаните кои биле избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Вака избраните претставници на граѓаните ги сочинувале советите, како претставнички органи на граѓаните и тие одлучувале во рамките на надлежностите на единицата на локалната самоуправа во која биле избрани. Тоа недвосмислено значело дека членот на советот на општината од подрачјето на град Скопје бил избран на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање за да одлучува за прашања од локално значење и во рамките на надлежностите на општината, при што Уставот не давал основ и можност советот на општината да делегира одреден број свои членови во Советот на градот Скопје и во рамките на надлежностите на градот Скопје. Според иницијативата, за прашања од значење на градот Скопје и во рамките на неговите надлежности можеле да одлучуваат само оние претставници на граѓаните што биле избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање и тоа за Советот на градот Скопје. Поради тоа, иницијаторот смета дека одредбата од членот 13 од Законот во делот кој гласи: “и по двајца членови од советите на општините од подрачјето на градот Скопје избрани од самите совети”, не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 5 и 9 и член 117 став 2 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницдата утврди дека според членот 13 од Законот за градот Скопје, советот на градот Скопје го сочинуваат 39 членови од кои 25 членови се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во градот Скопје и по двајца членови од советите на општините од подрачјето на градот Скопје избрани од самите совети и со мандат од четири години.

5. Според член 8 став 1 алинеи 5 и 9 од Уставот, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори како и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 22 став 2 од Уставот, избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Членот 114 став 2 од Уставот определува дека единици на локална самоуправа се општините.

Согласно член 117 став 1 од Уставот, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа, чија организација се уредува со закон. Според ставот 2 на истиот член, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното вопитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон.

Со Уставот на Република Македонија не се потполно и целосно уредени сите прашања на изборниот систем, туку со него се утврдени само основните изборни принципи за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Во однос на изборите на претставници во органите на локалната самоуправа, Уставот не го уредува целосно ова прашање туку содржи само основни изборни принципи што значи дека изборот на претставници во органите на единиците на локалната самоуправа Уставот препушта целосно да биде уреден со закон.

Тргнувајќи од ваквата поставеност на изборите за органите на локалната самоуправа во Уставот, произлегува дека е право на законодавецот целосно да го уреди ова прашање почитувајќи ги притоа основните уставни принципи.

Согласно Уставот, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се урдува со закон.

Во градот Скопје, чие подрачје го сочинуваат седум единици на локалната самоуправа се остваруваат заедничките интереси и потреби на граѓаните и на општините што произлегуваат од карактерот на градот Скопје како единствена просторна, урбана, економска, политичка, културна и економска целина. Оттука, со посебниот Закон за градот Скопје се уредуваат прашања што се однесуваат на градот Скопје, изразувајќи ја неговата посебност во однос на општините од неговото подрачје.

Во однос на органите на град Скопје, нивната организација и работа воглавно не се разликува од онаа утврдена во Законот за локалната самоуправа, меѓутоа за советот на градот Скопје се утврдува дека 25 члена се избираат како членовите на советите на општините, а по двајца членови на Советот на градот Скоипје се избираат од советите на општините од подрачјето на градот.

Имајќи предвид дека членовите на советите на општините од подрачјето на градот Скопје се избрани од граѓаните на слободни, непосредни и демократски избори, произлегува дека дел од нив со нивното натамошно учество во Советот на градот Скопје продолжуваат да ги претставуваат своите избирачи и тоа не само во определена општина туку и во градот Скопје во целина.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.(У.бр.13/97)

Leave a Reply