195/1996-0-0

195/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 1 од Уредбата за дополнување на Уредбата за застапување на странски лица во Република Македонија во областа на надворешно-трговскиот промет, бр.23-3584/1, донесена од Владата на Република Македонија на 12 август 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Драган Поповски-адвокат од Скопје, со решение У.бр.195/96 од 12 февруари 1997 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 55 став 1 и 3 од Уставот и со член 35 став 6 од Законот за надворешно-трговското работење.

4. На седницата Судот утврди дека пред донесувањето на оспорената уредба, Владата на Република Македонија на 6 декември 1993 година, донела Уредба за застапување на странски лица во Република Македонија во областа на надворешно-трговскиот промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93) , при што со член 1 од Уредбата е определено дека претпријатието и друго правно лице, што е запишано во судскиот регистар за вршење работи на надворешно-трговскиот промет и услуги, може да склучува договори за застапување на странски лица во Република Македонија во овласта на надворешно-трговскиот промет, договори за продажба на странски стоки од консигнациони складови и договори за обезбедување сервисни услуги за одржување на увезената опрема и тграјни добра за лична потрошувачка, под услови утврдени со оваа уредба.

Понатаму, Судот утврди дека со Уредбата донесена на 12 август 1996 година, која се оспорува, се дополнува Уредбата од 1993 година така што, после член 1, се пропишува член 1-а според кој “по исклучок од член 1 со договорот за продажба на странски стоки од консигнационен склад, претпријатието не може да преземе обврски за продажба на стоки кои подлежат на плаќање на акцизи”.

Со Уредба, пак, донесена од Владата на Република Македонија на 23 септември 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/96) се дополнува членот 1-а така што на крајот од одредбата се додаваат зборовите “освен стоките од тарифниот број 4 од Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93, 70/94, 14/95 и 42/95). тарифниот број 4 од наведениот закон се однесува на тарифатаа за увоз на патнички автомобили.

Исто така, Судот утврди дека основ за донесување на означените три уредби е членот 35 став 6 од Законот за надворешно-трговско работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 41/93 и 78/93).

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека оспорената одредба од Уредбата пропишува неможност претпријатијата, кои се регистрирани да вршат надворешно-трговски промет и услуги, да продаваат од консигнационен склад странски стоки за кои се плаќа акцизи (тоа се: нафтени деривати; тутунски преработки; алкохолни пијалаци; луксузни производи-накит, крзно, парфимериски и козметички производи; кафе).

5. Според член 35 став 1 од Законот за надворешно-трговското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 41/93 и 78/93), претпријатието може со странски лица да склучува договор за застапување на странски лица во Република Македонија договор за продажба на странска стока од консигнационен склад и давање услуги за одржување на увезена опрема и трајни добра за лична потрошувачка, при што, според ставот 6 од истиот член на Законот, поблиски услови за вршење на работите од став 1 на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека со нив се операционализира уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото на тој начин што се определуваат условите на надворешно-трговското работење помеѓу домашното претпријатие и странско лице, при што Владата на Република Македонија е овластена поблиску да ги разработи законските услови за вршењето на тоа работење, но не и да ги менува тие услови.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Уредбата, ги менува условите на надворешно-трговското работење пропишани со Законот на тој начин што исклучува претпријатијата да можат да преземаат обврски за продажба на стоки кои подлежат на плаќање акцизи, Судот утврди дека таа одредба не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.195/96)

Leave a Reply