133/1996-0-0

133/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 12, 13, 14, 15 и 16 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри на автомати (“Службен весник на СРМ” бр.17/87, 26/87, 51/88, 36/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.4/93, 27/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Бомак-Интернационал Д.О.О. Скопје, застапувано од Боби Спирковски, адвокат од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означени в о точката 1 од ова решение. Со иницијативата се проширува иницијативата поднесена до овој Суд по предметот У.бр.326/95 за оценување уставноста на член 11 од Законот за игрите на среќа и забавните игри на автомати.

Според наводите во иницијативата основна интенција на веќе поднесената иницијатива не била да докаже дека Лотарија на Македонија требало да биде ставена во еднаква уставна и законска положба со другите претпријатија кои имале регистрирано дејност лотарии и кладилници-обложувалници, и покрај тоа што тоа било предмет на иницијативата, туку да докаже дека член 11 од Законот и воопшто институтот одобрение за приредување игри на среќа (член 11 до 16 од овој закон), не бил во согласност со член 55 од Уставот на Република Македонија и член 146 од Законот за претпријатијата, според која било предвидено дека претпријатието можело да врши една или повеќе стопански дејности ако ги исполнува условите за вршење на секоја од тие дејности.

3. На седницата Судот утврди дека според член 12 од Законот барање за издавање одобрение за приредување игри на среќа поднесува приредувачот на играта. Кон барањето од став 1 на овој член приредувачот на играта на среќа приложува: извод на статутот или од друг самоуправен општ акт во кој е утврдена основната дејност на приредувачот на играта, одлука од органот на управување на приредувачот за приредување игри на среќа и правила за играта на среќа.

За поставување на автомати за игри на среќа приредувачот доставува и доказ за категоријата на објектот во кој се поставуваат автомати за игри на среќа.

Во член 13 од Законот е предвидено дека во одобрението за приредување лотарија, експрес лотарија, томбола и обложување на спортски натпревари се определува времето за кое одобрението се издава, а кое не може да биде подолго од шест месеци, а според член 14 органот што одлучува по барањето за давање одобрение за приредување игри на среќа ја цени и општествената оправданост и целта на играта. Според член 15 во текот на играта на среќа не можат да се менуваат правилата на играта, а започната игра мора да се заврши до крајот според истите правила. По исклучок, органот што издал одобрение на образложено барање од приредувачот, може да даде согласност да се одложи денот или да се промени местото на извлекувањето, односно определувањето на добивката. Доколку приредувачот на играта започнал со продажбата на лозови и на томболски картички, талони и жетони, односно растурање со наплата на потврдата која дава право на учество во играта, односно примил уплати, може да се откаже од приредувањето на играта под услов да ги врати примените пари.

Во член 15 е предвидено дека општествената организација од член 10 став 2 точка 2 и 3 на овој закон е должна да поднесе пријава до органот на управата надлежен за работите на финансиите, најдоцна пет дена пред одржувањето на приредбата и забавата. Општествената организација од став 1 на овој член е должна да пријави и да приложи одлука од органот на управување за приредување томбола. Во одлуката се означува местото и времето на одржувањето на томболата, условите за учество во играта, вкупната вредност на томболските картички, видот, бројот и вредноста на добивката и начинот на управувањето на добивката.

Од наведените законски одредби произлегува дека тие се во тесна врска со член 11 од Законот и го уредуваат начинот и постапката за издавање одобрение за приредување игри на среќа и други забавни игри.

На седницата Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.326/95 со решение од 15 мај 1995 година поведе постапка за оценување уставноста на член 11 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри на автомати, а не поведе постапка за оценување уставноста на член 11 став 1 и 2 од овој закон.

Судот не поведе постапка за оценување уставноста на означената одредба од Законот затоа што утврди дека смислата на оспорената одредба е во интересот на државата да воспостави контрола врз вршењето на дејноста приредување игри на среќа. Оттука, самиот факт што претпријатието односно организацијата е запишана во судскиот регистар за вршење определена дејност, во случајов за приредување игри на среќа, значи само дека тие можат да ја вршат таа дејност. Меѓутоа, таа не ја исклучува потребата за добивање одобрение од надлежен орган за приредување игри на среќа, во прв ред, поаѓајќи од специфичностите во вршењето на оваа дејност. Поради тоа, Судот оцени дека со оспорената одредба не се ограничува слободата на пазарот и не може да се постави прашањето за согласноста на член 11 став 1 од Законот со член 55 од Уставот.

4. Според член 103 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Сл. весник на Република Македонија” бр.10/97) со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за игрите на среќа и забавните игри на автомати (“Службен весник на СРМ” бр.17/87, 26/87, 51/88, 36/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 27/95).

Со член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, ако за истата работа веќе одлучувал и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорените одредби со дополнувањето на иницијативата што во случајов е поднесена по одлучувањето на Судот за поведување, односно за неповедување на постапка за оценување уставноста со решението У.бр.326/95 од 15 мај 1996 година (дополнувањето на иницијативата е поднесено на 24 мај 1996 година), престанале да важат со стапување во сила на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/97), Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по оваа иницијатива.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.133/96)

Leave a Reply