279/1995-0-0

279/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 2 од Законот за изменување и дополнување на за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95), во делот “најмногу за време од 3 години од престанокот на правното лице”.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија му се поднесени иницијативи, од Ленче Пенева од Битола, од Борис Стојкоски од Скопје и од Претпријатието – Рудници за олово и цинк “Саса” од Македонска Каменица, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што определувањето (во член 7 став 1) работодавецот да ги обезбедува и исплатува паричните надоместоци на инвалидите на трудот со преостаната работна способност, значело работодавецот два пати да плаќа средства за иста намена (еднаш, придонес за инвалидско осигурување, а вторпат, надоместок на платата од поранешното до новото работно место), со што на работодавците им се ограничувале (1) правата кои произлегуваат од сопственоста и (2) слободата на претприемништвото, поради што наведената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 6 и 7, со член 30 став 1 и 3 и со член 55 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Наведената законска одредба, исто така, не била во согласност и со член 35 став 3 од Уставот бидејќи според таа уставна одредба Републиката е должна да обезбеди посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивното вклучување во општествениот живот, а не тоа да го прави работодавецот.

Понатаму, се смета дека определувањето (во член 7 став 2) инвалидот на трудот со преостаната работна способност да има право на паричен надоместок најмногу 3 години од престанокот на неговиот работен однос, во ситуација кога работниот однос му престанал поради стечај или ликвидација на правното лице, значело дека оваа категорија на инвалиди се напуштени од работодавецот и од државата после 3 години без нивна вина, со што се нарушувала социјалната сигурност и начелото на социјална праведност, како и не се обезбедувала посебната заштита на инвалидните лица и нивно вклучување во општествениот живот, поради што наведената законска одредба не била во согласност со член 35 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека, според член 7 став 2 од Законот, кога на инвалидот на трудот со преостанатата работна способност му престане работниот однос заради престанок на правното лице поради стечај или ликвидација, средствата за исплата на паричните надоместоци од член 54 како паричен надоместок до вработување и за правото од член 47 став 3 ги обезбедува Фондот најмногу за време од 3 години од престанокот на правното лице.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор а, според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека со закон се определува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, почитувајќи го притоа начелото на социјална праведност.

Со оглед на тоа што со наведената законска одредба се определува инвалидот на трудот со преостаната работна способност да има право на паричните надоместоци најмногу за време од 3 години, ако му престане работниот однос поради стечај или ликвидација на правното лице, пред Судот се постави прашањето дали таквото законско решение, во наведениот дел, ги обезбедува начелата на социјална сигурност и социјална праведност утврдени во изнесените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Судот, исто така, утврди дека со член 7 став 1 од Законот се определува дека средствата за исплата на паричните надоместоци од член 54 на овој закон ги обезбедува и исплатува работодавецот, а тие надоместоци за работниците со преостаната работна способност, според член 54 од Законот, се: 1) надоместок на платата од денот на настанувањето на инвалидноста до денот на распоредувањето или вработувањето на друга соодветна работа, односно до упатување на преквалификација или доквалификација; 2) надоместок на платата за време на преквалификацијата или доквалификацијата; 3) надоместок на платата од денот на завршената преквалификација или доквалификација до денот на распоредувањето односно вработувањето на друго соодветно работно место; 4) надоместок на платата поради работа со скратено работно време и 5) надоместок поради помала плата на друго работно место.

Од член 34 на Уставот произлегува дека со закон и со колективен договор се определува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, при што во тие рамки законодавецот е овластен да ги определи субјектите кои ќе ги обезбедуваат и исплатуваат средствата за остварување на тие права на граѓаните, меѓу кои и субјектите што обезбедуваат средства за остварување на правото на паричните надоместоци на работниците со преостаната работна способност.

Од тие причини, законското решение од членот 7 став 1, работодавецот да ги обезбедува и исплатува средствата за паричните надоместоци на наведената категорија инвалиди на трудот, не е во несогласност со означената уставна одредба, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.(У.бр.279/95)

Leave a Reply