233/1996-0-0

233/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и членот 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 март 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 67 став 1 точка 10 од Општите услови за испорака на електрична енергија, донесени од Собранието на Самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија на 4 октомври 1984 година и на 14 октомври 1988 година (“Службен весник на СРМ” бр.38/84 и 50/88).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Богољуб Златански од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Општите услови означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидува можност да се прекине испораката на електричната енергија ако не е платена потрошената електрична енергија за еден или повеќе месеци, што значело ограничување на правото на сопственост, потоа остварување на монополска положба и монополско однесување на електро-стопанското претпријатие, како и немање слободно, рамноправно, немонополско и нештетно по граѓаните уредување на облигационите односи, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 6, со член 30 и со член 55 став 2 од Уставот и со членовите 10,11,14 и 16 од Законот за облигационите односи.

Воедно се бара изрекување на времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејства донесени односно преземени врз основа на оспорената одредба, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

3. На седницата Судот утврди дека со член 67 став 1 точка 10 од Општите услови се предвидува на потрошувачот да може да му се прекине испораката на електрична енергија ако не ја плати сметката за потрошената електрична енергија за најмалку еден месец.

Според член 3 од Законот за енергетиката (“Службен весник на СРМ” бр.41/87 и 42/88 и “Службен весник на Република Македонија” бр.13/93, 15/93 и 25/94) дејноста производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија претставува дејност од посебен општествен интерес. Дистрибуцијата на електрична енергија, пак, опфаќа покрај другото, и испорака на електрична енергија до корисниците приклучени на дистрибутивната мрежа (член 4 став 3), при што Самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија, чија дејност е исто така од посебен општествен интерес (член 12), ги пропишува општите услови за испорака на електрична енергија (член 11). Според член 33 алинеја 4 од Законот, испорачателот на енергијата може по претходно писмено предупредување да му ја прекине испораката на енергија на корисникот ако не врши плаќање за испорачаната енергија во утврдениот рок според општите услови за испорака на енергија и договор за испорака.

Од изнесените законски одредби произлегува дека испораката на електричната енергија, како дејност од јавен интерес, се врши под услови утврдени со Законот, при што Законот (член 33 алинеја 4) пропишува право за испорачателот на енергијата да може, по претходно писмено предупредување, да ја прекине испораката на енергијата на корисникот ако не врши редовно плаќање на испорачаната енергија. Понатаму, Законот предвидува со актот за утврдување на општите услови за испорака на енергијата да се оипределува рокот во кој мора да се плати потрошената електрична енергија заради спречување на исклучувањето.

Со оглед на тоа, предвидувањето во одредбата од Општите услови, да може да се прекине испораката на електричната енергија ако таа не е платена во рок од еден месец не е во несогласност со наведените законски одредби.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

5. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов. (У.бр.233/96)

Leave a Reply