227/1996-0-0

227/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Правилникот за инспекциски надзор во областа на одбраната дов.бр.19-2052/1 од 15.12.1994 година, донесен од министерот за одбрана на Република Македонија.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Правилникот за контрола и оценување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија, дов.бр.19-2052/2 од 15.12.1994 година, донесен од министерот за одбрана на Република Македонија.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Секуловски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорените правилници не биле објавени во Службен весник на Република Македонија, ниту во Посебниот службенвесник на Република Македонија, што било спротивно на член 52 став 1 и 2 од Уставот, при што во двата било наведено дека влегуваат во сила со денот на донесувањето, без да се наведе каде и како ќе се изврши објавувањето. Понатаму, наведува дека Законот за одбрана не предвидувал донесување на вакви правилници и дека министерот за одбрана не бил овластен да ги донесе. Исто така, подносителот смета дека Правилникот за инспекциски надзор во областа на одбраната според својата содржина не бил таков да тгребало да се означува со одбрана-службена тајна – доверливо, според Уредбата за критериумите за заштита на тајноста на податоците од значење за одбраната, бидејќи овој правилник не содржел ништо повеќе од она што веќе било содржано во одредбите од Законот за одбрана. Во член 19 од Правилникот за инспекциски надзор во областа на одбраната стоело дека на записникот може да се поднесе приговор до министерот за одбрана, односно истиот орган кој вршел инспекција треба да одлучува и по приговорот, што било спротивно на член 15 од Уставот, а во член 34 од Правилникот за контрола и оценување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија, на добиената оцена на борбената готовност можело да се поднесе приговор, но немало до кого да се поднесува приговорот. Подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените акти.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот за инспекциски надзор во областа на одбраната, дов.бр.19-2052/1 од 15.12.1994 година, е донесен од министерот за одбрана, врз основа на член 160 и 161 став 1 од Законот за органите на управата (Службен весник на СРМ бр.40/90) и член 17 став 1 точка 32 од Законот за одбрана (Службен весник на Република Македонија бр.8/92).

Од содржината на овој Правилник, Судот утврди дека истиот е донесен од надлежен орган – министерот за одбрана, врз основа на законско овластување дадено во член 161 од Законот за органите на управата, во функција на извршување на одредбата од член 17 став 1 точка 32 од Законот за одбрана, според која одредба во остварувањето на одбраната Министерството за одбрана врши надзор врз спроведувањето на Законот за одбрана и другите прописи од областа на одбраната.

Во општите одредби од овој правилник, во членот 2, е определено дека инспекцискиот надзор се врши од страна на Секретарот на инспекциски работи на Министерството за одбрана и тоа, во органите на државната власт, Армијата на Република Македонија, претпријатијата и јавните установи и служби кои се од посебно значење за одбраната, како и во оние кои имаат обврска за продолжување со работа во воена состојба и во органите на единиците на локалната самоуправа. Понатаму, во Правилникот е пропишана надлежноста на Инспекцијата, планирањето, на инспекцискиот надзор, нејзиното организирање и метод на работа и соработката на Инспекцијата со организационите единици на Министерството за одбрана, определени се видовите на инспекцискиот надзор, начинот на оценувањето на работата и најдената состојба во инспектираниот субјект и внатрешната организација на Инспекцијата. Согласно член 3 од Правилникот, Инспекцијата во вршење на инспекцискиот надзор е должна да ги чува тајните податоци од значење за одбраната и другите тајни податоци.

Правилникот за контрола и оценување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија, означен во одбрана-воена тајна-доверливо, број на евиденција 19-2052/2 од 15.12.1994 година, е донесен од министерот за одбрана врз основа на член 160 и 161 став 1 од Законот за органите на управата, во врска со член 17 став 1 точка 12 и 36 од Законот за одбрана.

Овој Правилник е донесен од министерот за одбрана, како функционер што раководи со орган на управа, во функција на извршување на одредбата од член 17 став 1 точка 12 и 36 од Законот за одбрана, според кои во остварувањето на одбраната на Министерството за одбрана врши контрола и оцена на борбената готовност на армијата и изработува стручни упатства од областа на одбраната.

Со членот 1 од Правилникот, се утврдува целта на контролата и оценувањето на борбената готовност на Армијата на Република Македонија, нејзините елементи, видови и надлежноста за нејзино вршење, и се пропишуваат роковите за контрола и оценување, постапка на органите надлежни за контрола и оценување, методите на контрола и начинот и критериумите на оценувањето на борбената готовност на командите и единиците на Армијата.

Оценувајќи ја содржината на наведениот Правилник, Судот утврди дека истиот се однесува исклучиво на контрола и оценување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија, и дека со ниту едена одредба од овој правилник не се востановуваат обврски и права на граѓани и правни лица надвор од Армијата на Република Македонија.

Во одговорот на иницијативата, Министерството наведува дека овој Правилник не бил објавен, туку бил доставен до сите организациони единици на Министерството за одбрана, Генерал-штабот на Армијата и до 1., 2. и 3. Армиски корпус.

5. Согласно член 52 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, во Службен весник на Република Македонија, најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување.

Од анализата на Правилникјот за инспекции во областа на одбраната, Судот утврди дека истиот е донесен од надлежен орган – министерот за одбрана, врз основа на законско овластување дадено во член 161 од Законот за органите на управата, во функција на извршување на Законот за одбрана. Со овој Правилник, видно од неговата содржина, се предвидува обврска на вршење на инспекциски надзор кој го врши Секторот за инспекциски работи на Министерството за одбрана, како за Армијата на Република Македонија, така и за други субјекти надвор од Армијата и Министерството за одбрана, како што се: органите на државната власт, претпријатијата, јавните установи и служби кои се од посебно значење за одбраната, како и оние кои имаат обврска за продолжување со работа во воена состојба, и органите на единиците на локалната самоуправа, при што овие субјекти имаат обврска при вршењето на инспекцискиот надзор да дозволат увод во работењето и документацијата и да ги отстранат недостатоците на кои што ќе им укаже Инспекцијата.

Имајќи го предвид ваквиот карактер на наведениот Правилник, по наоѓање на Судот, основано се поставува прашањето за неговата согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, особено што од содржината на истиот не произлегува дека овој Правилник содржи тајни податоци кои што се од значење за одбраната, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова Решение.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Имајќи ја во предвид ваквата уставна одредба, и околноста дека Правилникот за контрола и оценување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија има само интерно дејство, односно ги утврдува правилата за оценување и контрола на борбената готовност внатре во Армијата на Република Македонија, не создава права и обврски за други субјекти надвор од Армијата, Судот најде дека овој акт не е подобен за уставно-судска оценка поради што одлучи како во точката 2 од ова Решение, а согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.227/96)

Leave a Reply