57/1996-0-0

57/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржана јавна расправа на седницата одржана на 12 февруари 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 2, 3 и 4 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката бр.02-1989 од 19 февруари 1986 година за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на Среднорочната развојна програма за проширување, реконструкција и модернизација на топлинските извори и мрежа на топлификациониот систем на подрачјето на град Скопје, во периодот од 1986 до 1990 година, донесена Работничкиот совет на поранешното Општествено претпријатие, а сега Акционерското друштво “Топлификација”, Скопје на 23 ноември 1990 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Градежното претпријатие “Илинден” од Скопје со Решение У.бр.57/96 од 22 мај 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 2, 3 и 4 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и законот.

4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека на 18 декември 1985 година Работничкиот совет на Работната организација за производство и дистрибуција на топлинска енергија “Топлификација” од Скопје донел Одлука за усвојување на Среднорочната развојана програма за проширување, реконструкција и модернизација на топлинските извори и мрежа на топлификацискиот систем на подрачјето на град Скопје во период од 1986 до 1990 година – скратен назив – Среднорочна развојна програма во период од 1986 до 1990 година. Во оваа програма се определени средствата потребни за остварување на истата, а дел од тие средства е предвидено да се обезбедат со учество на заинтересираните субјекти за приклучување на нови објекти кон топлификациониот систем на град Скопје и тоа како неповратни средства.

Во 1986 година од Работничкиот совет на Работната организација е извршена измена на предходната одлука за усвојување на среднорочната програма, при што се утврдува нова пресметковна вредност за остварување на таа програма.

На 23 ноември 1990 година е донесена сега оспорената одлука. Со оваа одлука важноста на Среднорочната програма од 1986 до 1990 година се продолжува и важи заклучно со 2000-та година (член 1 од Одлуката). Според член 2 од Одлуката изворите на средства за реализација на Програмата ќе се обезбедуваат преку наплата на енергетска согласност за приклучување на нова топлинска моќност на топлификациониот систем. Цената на енергетската согласност ќе се усогласува согласно висината на специфичните инвестициони вложувања за изградба на топлински извори и магистрална мрежа.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека прибавените средства ќе се користат за изградба на нови топлински извори и магистрална мрежа, како и за проширување, реконструкција и модернизација на истите. Во член 4 од Одлуката е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето.

5. Според член 2 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/87, 42/88, 13/93, 15/93) во дејности од областа на енергетиката спаѓа и производството, пренесувањето и дистрибуцијата на топлинска енергија. Според натамошните одредби од Законот постојат испорачатели и корисници на енергија. Според член 29 од Законот испорачателот на енергија е должен да го приклучи корисникот на енергетскиот систем ако му е издадена енергетска согласност. Според член 40 од истиот закон секој нов корисник на енергија што се приклучува на енергетски систем, постојниот корисник што врши реконструкција на енергетски систем, постојниот корисник што врши реконструкција
на енергетски објекти, уреди и инсталации или ја зголеми потрошувачката на енергија, освен домаќинствата, е должен да прибави енергетска согласност од испорачателот на соодветниот вид енергија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека секој корисник на енергија кој сака да се приклучи на енергетскиот систем мора претходно да добие енергетска согласност. Притоа, во Законот давањето на енергетската согласност не е условено со плаќање на одреден надоместок, туку испорачателот на енергија е должен во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето да издаде енергетска согласност (член 41 од Законот), при што корисниците на енергија, според член 28 од Законот можат да ја користат енергијата, ако нивните енергетски објекти, уреди инсталации ги исполнуват условите утврдени со прописите и техничките нормативи за соодветниот вид на енергија.

Поблиските услови за издавање на енергетска согласност, според член 38 од Законот, се утврдуваат со општите услови за испорака на соодветен вид на енергија од енергетските системи.

Во Општите услови за испорака на топлинска енергија (“Службен весник на СРМ” бр.47/89) е предвидено дека секој корисник на топлинска енергија е должен од испорачателот на топлинска енергија да обезбеди енергетска согласност за приклучување на топловодниот систем. Енергетската согласност е документ кој го изадава испорачателот на топлинска енергија, со кој по писмено барање на корисникот, се дава согласност за користење на топлинска енергија за одреден објект (член 9 и 10 од Општите услови). Во решението за енергетската согласност се определува и висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на испорачателот на топлинска енергија со приклучувањето на грејни тела на новите потрошувачи.

Од изнесените законски одредби, како и од одредбите на Општите услови за испорака на топлинска енергија произлегува дека корисниците на топлинска енергија се должни да ги надоместат стварните трошоци направени при приклучувањето кон топловодниот систем, при што ниту во Законот, ниту во Општите услови не е предвидена обврска за добивање на енергетска согласност корисниците да платат посебен надоместок за изградба на нови извори и магистрална мрежа, како и за проширување, реконструкција и модернизација на истите.

Со оглед на тоа што во цитираните одредби од Законот не е предвидено енергетската согласност да се издава по претходно обезбедени средства од корисникот за изградба на нови топлински извори и магистрална мрежа, како што е предвидено во оспорените одредби од Одлуката, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.

Според тоа Судот оцени дека прибирањето на средства за издавање на енергетска соглансост, всушност претставува здружување на средства за проширување на материјалната основа на Акционерското друштво “Топлификација” во кое претежно средствата се во општествена сопственост.

Со оглед на тоа што во Уставот на Република Македонија не е предвидена можност за вакво здружување на средства за проширување на материјалната основа на стопанските субјекти и што Уставот ниту ја познава ниту ја гарантира општествената сопственост, туку задолжително предвидува нејзина трансформација во одреден вид на сопственост во граѓанско-правна смисла, Судот оцени дека и од овој аспект оспорените членови од одлуката не се во согласност со Уставот на Република Македонија.

Понатаму, со оглед на тоа што Акционерското друштво “Топлификација” согласно Законот за јавните претпријатија, врши дејност од јавен интерес, а издавањето на енергетската согласност е јавно овластување утврдено со закон, актите што се донесени во врска со издавањето на енергетска согласност претставуваат прописи кои подлежат на уставната обврска предвидена во член 52 од Уставот за објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

Со оглед на тоа што во член 4 од оспорената одлука
е предвидено таа да влезе во сила со донесувањето и не е предвидено нејзино објавување, Судот оцени дека не е во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.57/96)

Leave a Reply