257/1996-0-0

257/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 17 став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96) и за преиспитување на Решението У.бр.133/95 донесено од Уставниот суд на Република Македонија на 19 април 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Бранислав Михајловски од Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точката 1 од ова решение и за преиспитување на Решението на Уставниот суд У.бр.133/95, затоа што не биле во согласност со Уставот на Република Македонија, од причини што со нив мажите биле ставени во нерамноправна положба во однос на жените во поглед на остварувањето на правото на пензија. Имено со оспорената законска одредба и со Решението на Уставниот суд се овозможувало зависно од полот жената да има право да бира дали ќе го оствари правото на пензија со 35 или со 40 години, а за мажите не била предвдиена таква можност.

3. Судот на седницата утврди дека во член 17 од Законот се утврдени условите за стекнување право на старосна пензија, при што во оспорениот став 5 како еден од условите за стекнување на старосна пензија е предвидено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на годините на живот.

Исто така, Судот утврди дека Решението на Уставниот суд У.бр.133/95 е донесено на 19 април 1995 година по поднесената иницијатива од Киро Манолев од Штип, кој член 17 став 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување го оспорувал од истите причини наведени во сега поднесената иницијатива.

Притоа, Судот не повел постапка за оценување уставноста на означената законска одредба, од причина што оценил дека утврдувањето на поповолни услови за стекнување на одделни права од пензиското и инвалидското осигурување (година на старост, пензиска основа, висина на правото и сл.) во интерес на осигуреникот-жена, според мислењето на Судот е всушност спроведливо решение поради нејзината понеповолна положба во однос на мажот и произлегува од нејзината посебна положба во остварувањето на улогата на мајчинство. Во таа смисла, скратувањето на работниот век на жената-работник за остварување на право на старосна пензија или поголем процент во висината на инвалидската пензија за помалку години живот, е во функција на остварување на еднаквост со мажот, а не дека мажот се става во понеповолна положба односно дека тој е во дискриминирана положба во однос на жената. Тргнувајќи од изнесеното, Судот оценил дека утврдените мерила и критериуми за стекнување право на старосна и на инвалидска пензија, а со тоа и висината на таквата пензија, се однесуваат на сите осигуреници подеднакво кога тие се наоѓаат во иста положба и на тој начин не се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните. Тоа, што пак, осигурениците не остваруваат еднакви права, туку обемот на нивните права зависи од должината на пензискиот стаж, годините на живот, степенот на инвалидност и полот, не значи повреда на тој уставен принцип. Според тоа, разликите во правата што произлегуваат од тоа дали осигуреникот е жена или маж, произлегуваат од нивната фактичка нееднаква положба и со тие разлики не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните, ниту содржат дискриминаторски однос кон осигурениците од машкиот пол, поради што Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 17 став 5 од Законот со наведените одредби од Уставот.

4. Со оглед на тоа што Уставниот суд веќе ја оценувал уставноста на оспорената законска одредби, утврдил дека нема основ за поведување постапка, а правната и фактичката состојба се непроменети, Судот не најде основ за повторна оценка на оваа законска одредба и за преиспитување на Решението У.бр.133/95, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.257/96)

Leave a Reply