250/1996-0-0

250/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 јануари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Никола Прелиќ-адвокат од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа (во делот означен како член 19-а) се пропишуваат понеповолни услови за вработните во Стопанска банка-АД од Скопје отколку за вработените кај другите правни лица во врска со определувањето на технолошкиот вишок, поради што таа одредба не била во согласност со член 9 од Уставот. Понатаму, се наведува дека оспорената одредба во делот означен како член 19-б, не била оценувана од аспект на прашањата што овој иницијатор ги покренал по друг предмет на Судот, поради што се бара произнесување на Судот во таа смисла.

3. На седницата Судот утврди дека членот 5 од Законот, во деловите означени како член 19-а и член 19-б, веќе бил оценуван од аспектите наведени во ова решение на иницијатива на истиот подносител (У.бр.102/96 од 23 октомври 1996 година), а сега не наоѓа основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа, согласно на член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.250/96)

Leave a Reply