238/1996-0-0

238/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на согласноста на Колективниот договор на Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје”-Скопје, склучен помеѓу Генералниот директор на Претпријатието и Синдикатот на работниците на Претпријатието, заведен под бр.03-6794/1 од 4 ноември 1992 година со Уставот на Република Македонија и со Законот за работните односи.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94) и Колективниот договор за јавните претпријатија од дејноста сообраќај и врски (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95).

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Независниот синдикат на Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје”-Скопје, преку полномошникот Владимир Стефановски – адвокат од Скопје, му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение бидејќи во член 2 од оспорениот Колективен договор било предвидено дека со истиот ќе се утврдуваат помали права и понеповолни услови за работа од правата и обврските и условите за работа утврдени со Законот, Општиот колективен договор на Република Македонија, што било во спротивност со Законот за работните односи, Општиот колективен договор на Република Македонија и Гранковиот колективен договор, каде било предвидено дека со посебните колективни договори не можат да се предвидат помали права одколку што се предвидени во овие Колективни договори и Законот.

Понатаму, наведува дека во член 43 од Гранковиот колективен договор (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95) било предвидено дека за работа подолга од работното време на работникот треба да му се исплати 35% поголем личен доход на редовниот, додека во оспорениот колективен договор не била предвидена обврска на работодавецот да им плаќа на работниците 35% поголем личен доход од редовниот за работа подолга од работното време, иако во ЈСП “Скопје”-Скопје возачите, место 160-168 работни часа месечно, по налог на Генералниот директор одработуваат по 216 часа месечно, а и повеќе , при што за оваа дополнителна работа на работниците не им било платено според законските норми и Гранковиот колективен договор. Во иницијативата се наведува дека со оспорениот колективен договор биле ускратени и други права на работниците предвидени со Закон и со Општиот колективен договор. Од овие причини се предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот Колективен договор, поради неговата неусогласеност со Законот за работните односи, Општиот и Гранковиот колективен договор.

4. Судот на седница утврди дека при техничкото изготвување на оспорениот Колективен договор била направена грешка на начин што во член 2 наместо зборото “не” е напишан зборот “ќе”. Оваа грешка договорните страни уредно ја исправиле, така што со извршената корекција, текстот на член 2 од оспорениот колективен договор, гласи: “Со овој колективен договор не се утврдуваат помали права и обврски и понеповолни услови за работа од правата и обврските и условите за работа утврдени со Законот, Општиот колективен договор на Република Македонија”.

Исто така, од содржината на оспорениот Колективен договор, Судот утврди дека во член 62 став 1 алинеја 1 од истиот, е предвидено зголемување од 35% на основната плата на работникот по час по основ на прекувремена работа.

5. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 84 од Законот за работните односи, со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и други одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Според член 86 од истиот Закон, колективен договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со Закон, а ако содржи такви одредби се применуваат соодветните одредби од законот.

Во одредбата од член 74 од Законот за работните односи е предвидено дека на работникот му припаѓа зголемена плата за работа во деновите на празници во кои не се работи, за ноќна работа и за работа подолга од 40 часа во работната недела, во висина утврдена со колективен договор.

Имајќи ги предвид цитираните уставни и законски одредби и содржината на конкретно оспорените одредби од член 2 и 62 од Колективниот договор, Судот најде дека подносителот на иницијативата неосновано укажува на постоење на несогласност на овие одредби со Уставот и Законот за работните односи. Имено, во член 2 од оспорениот Колективен договор, само е пренесен дел од текстот на законската одредба од член 86 став 1 од Законот за работните односи, во смисла на тоа дека со тој колективен договор нема да се утврдуваат помали права и понеповолни услови за работа од правата и обврските и условите за работа утврдени со закон. До забуна кај подносителот на иницијативата дошло поради техничка грешка која ја менувала смислата на оваа одредба, но која грешка уредно е исправена од страна на потписниците на Колективниот договор.

Во член 62 став 1 алинеја 1 од оспорениот Колективен договор, потписниците, согласно член 84 од Законот за работните односи, а врз основа на член 74 од истиот закон, утврдиле дека на работникот му припаѓа зголемена плата во висина од 35% за работа подолга од полното работно време.

Оттука, а имајќи предвид дека оспорениот Колективен договор ниту во другите одредби не е во несогласност со Уставот и Законот, Судот најде дека нема основ за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од цитираната уставна одредба произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на колективните договори, поради што Судот ја отфрли иницијативата во делот со која се бара оценување на согласноста на оспорениот Колективен договор со колективните договори склучени на ниво на гранка и на Република, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.238/96)

Leave a Reply