65/1996-0-0

65/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 11 и 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Предраг Шапчески од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на членовите 11 и 12 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што член 11 не е во согласност со начелото на слобода на пазарот и претприемништвото, со оглед на тоа што економско финансиската ревизија се пренесува во исклучива надлежност во Управата за јавни приходи и таа се трансформира во класична управна функција и затоа што член 12 не е во согласност со членовите 33 и 55 од Уставот затоа што средствата што ги остварува Заводот за платен промет се приход на Републиката, а не на тој што директно ги создава.

4. На седницата Судот утврди дека според член 60 од Законот за платниот промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) до донесувањето на законите со кои се уредува ревизијата Заводот ги врши работите на економско-финансиска ревизија според Законот за службата на општествено книговодство (“Службен лист на СФРЈ” бр.70/83, 16/86, 74/87, 37/88, 61/88, 57/89, 79/90, 84/90 и 20/91) и “Службен весник на СРМ” бр.44/85).

Во оспорениот член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платен промет (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95) е предвидено во членот 60 во вториот ред зборот “Заводот” се заменува со зборовите “Управата за јавни приходи”.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок е слободата на пазарот и претприемништвото, а според член 55 од Уставот се гарантираат слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 95 став 3 од Уставот организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно Законот за службата за општествено книговодство (членовите 69-79), работите на економско финансиската ревизија имаат карактер на стручна дејност и преку неа се овозможува независна и стручна арбитража на сметководствените информации. Оваа ревизија се врши по барање на заинтересирани правни субјекти-корисници на инфомрации и се врши со надоместок.

Ревизијата како обврска за големите и средните претпријатија е предвидена во правниот систем со член 76 од Законот за сметководство, според кој годишните сметководствени искази по барање на субјектите ги испитува и оценува организација која во согласност со закон е овластена за вршење на работи на ревизијата.

Тргнувајќи од ваквата поставеност на ревизијата како стручна дејност, според мислењето на Судот, оваа дејност не може да се довери да ја врши управен орган односно да се сведе на управно финансиска контрола од страна на даночниот орган, односно врзувањето на нејзиното вршење исклучиво за даночниот орган не е во согласност со економските основи утврдени во Уставот особено во услови на пазарен модел на стопанисување односно во услови на слобода на пазарот и претприемништвото загарантирани со Уставот.

Со оглед на тоа што ревизијата по својата природа е стручна дејност, таа не може да биде утврдена во делокруг на органите на управата и да добие карактер на управна функција, Судот оцени дека член 11 не е во согласност со наведените уставни одредби.

6. Исто така Судот утврди дека во членот 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платен промет е предвидено “вишокот” на остварените приходи над расходите на Заводот претставува приход на Буџетот на Република Македонија.

7. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според ставот 2 на овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а според ставот 3 од овој член на Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Од содржината на членот 33 од Уставот, според мислењето на Судот, произлегува дека надоместокот за извршените услуги во платниот промет не може да има карактер на јавна давачка, бидејќи овој надоместок за вршење на дејноста на Заводот за платен промет, како самостојна стручна организација со права и обврски утврдени со закон и со статус на правно лице, претставува надоместок за секоја поединечна услуга на учесникот во платниот промет, како услуга извршена од Заводот. Имајќи предвид дека во конкретниот случај се работи за надоместок за извршени услуги и работи во вршењето на платниот промет на учесниците во тој промет, од страна на Заводот, што ги врши врз основа на посебна тарифа и со посебни договори и дека тој надоместок ги содржи трошоците за неговата работа, Судот смета дека надоместокот од услугите за работењето на Заводот, не можел да се смета за данок или друга јавна давачка која служи за намирување на јавните расходи, па според тоа и да биде приход на Републиката и да се уплатува во Буџетот на Република Македонија.

Од друга страна, пак, тргнувајќи од содржината на член 55 од Уставот, а имајќи предвид дека со оспорената одредба, средствата што ги остварува Заводот од вршењето на услугите и работите на платниот промет, се директен приход на Републиката и се уплатуваат во Буџетот, а не на тој што директно ги создава, што не е случај и со другите носители на платниот промет (Народната банка на Република Македонија, банките и Претпријатието за ПТТ сообраќај), Судот оцени дека оспорениот член 12 не е во согласност со членот 33 и 55 од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.65/96)

Leave a Reply