33/1996-0-0

33/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Одборот на доверители при Банката за надворешна трговија АД во стечај-Скопје, со решение У.бр.33/96 од 23 октомври 1996 година поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека ставот 2 на член 1 од Законот предвидува по престанокот на важењето на овој закон акциите за преструктуирање да се претворат во обични акции, освен за влогови на банки во стечај чии акции за преструктуирање преминуваат во Агенцијата за санација на банките како обични акции.

5. Согласно член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемиштвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Во членот 104-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките и штедилниците е предвидено дека Република Македонија во санација на банка учествува преку Агенција на Република Македонија за санација на банка.

Согласно член 110а од овој закон, Агенцијата има својство на правно лице со седиште во Скопје.

Според член 110ѓ од Законот Агенцијата донесува статут, со кој поблиску се уредуваат работењето и организацијата на Агенцијата и на кој согласност дава Владата на Република Македонија.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот ја гарантира сопственоста и правата што произлегуваат од неа и истите можат да бидат одземени или ограничени само доколку се работи за јавен интерес утврден со закон; дека гарантирајќи ја слободата на пазарот и претприемништвото, едновремено обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, при што Агенцијата за санација на банките со тоа што учествува во уредувањето на односите во овие банки не значи дека може да стане и сопственик на акциите на доверителите на банките во стечај, што вложувале во претпријатијата “загубари”.

Имајќи предвид дека со давањето можност субјектите што вложувале во претпријатијата “загубари”, а кои не се во стечај, да ги задржат своите акции, истите се ставени во повластена положба во однос на субјектите кои во меѓувреме паднале во стечај, поради што Судот оцени дека постои повреда и на уставното начело на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Ова дотолку повеќе што Законот за санација и реконструирање на банките во Република Македонија, меѓу другото, ја овластува Агенцијата за санација на банките да ги утврдува само условите и начинот на кој ќе се изврши сервисирањето на обврските по побарувањата настанати со користење на странски кредити.

Што се однесува до прашањето дали оспорениот закон, независно што бил од временски карактер со важење до 31 декември 1995 година, важи и по протекот на овој рок па, во тој контекст, и дали има ретроактивно дејство, Судот оцени дека тој е несогласен со Уставот на Република Македонија, затоа што не содржи само измени и дополнувања туку всушност претставува нов закон со нови услови за влоговите на банките во стечај, што значи формално, тоа е закон за измена и дополнување, а суштински претставува нов закон кој предметното прашање не може да го уреди на тој начин. Имено, според оценката на Судот, за да се стават доверителите на банките во стечај, во ситуацијата да им се одземат акциите и истите да се пренесат на Агенцијата за санција на банките, неопходно било пред преземањето на нивните дејствија да постоела законска рестрикција во однос на нивните влогови и нивно согласување под тие услови да вложуваат во претпријатијата “загубари”.

Понатаму, според Законот за банките и штедилниците, стечајната постапка се поведува кога Народната банка на Македонија ќе утврди дека санацијата не е економски оправдана, а одлука за покренување постапка за утврдување на условите за поведување стечајна постапка над банка или штедилница, донесува Гувернерот на Народната банка на Македонија.

Членот 120 од овој закон предвидува во стечајната постапка над банката или штедилницата да се применуваат одредбите од законот со кој се уредува стечајот на претпријатијата, освен одредбите со кои се уредува присилното порамнување, доколку со овој закон не е определено поинаку.

Согласно член 53 од Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89) кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, е преземен како републички, органи на стечајната постапка се: стечајниот совет, стечајниот судија и стечајниот управник, а како советодавно тело може да се формира и одбор на доверителите.

Согласно членот 95 од Законот со денот на отварање на постапката за стечај се формира стечајна маса во која влегуваат целиот имот на должникот, ако со закон не е определено поинаку. Исто така, согласно членот 137 од овој закон, кој спаѓа во главта “намирување на доверителите”, стечајната маса за поделба на доверителите ја сочинуваат, покрај паричните средства на должникот на денот на отварањето на стечајната постапка, и паричните средства остварени со продажба на имотот, како и побарувањата наплатени во таа постапка, при што доверителите во стечајната постапка имаат приоритетно право за намирување на своите побарувања.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека со оспорената одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, со тоа што предвидува банките што вложувале во претпријатијата “загубари” и, што во меѓувреме, паднеле под стечај, да го изгубат правото на сопственост врз вложените акции кои преминуваат во Агенцијата за санација на банки, се повредува сопственоста и правата што произлегуваат од неа, а кои се со Устав загарантирани.

Едновремено, Судот утврди дека со предвидувањето субјекти што вложувале во претпријатијата загубари, и кои, во меѓувреме, не е отворена стечајна постапка, да го задржат правото на сопственост врз акциите за преструктурирање кои се претовраат во обични акции, се повредува начелото на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот што е, исто така, со Устав загарантирана.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека членот 1 став 2 од Законот за измени и дополнување на Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби е несогласен со Уставот на Република Македонија па, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе мнозинствено во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.33/96)

Leave a Reply