213/1996-0-0

213/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 ноември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 од Одлуката за измени и дополнување на член 18 од Правилникот за определување на обемот на уредување и степенот на опремување на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации и утврдување на висината на надоместокот за доделување и уредување на градежното земјиште во населби и зони, донесена од Собранието на Општина Штип на 29 јуни 1995 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Претпријатието за инжењеринг, промет и услуги увоз-извоз”Кубус”-Скопје поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен воточката 1 од ова решение, затоа што со член 2 од Одлуката бил предвиден посебен начин на пресметување на надоместокот за уредување на градежно земјиште само за одреден вид инвеститори кои градат индивидуален станбен објект врз основа на користење предимствено право со што другите инвеститори при доделување на градежното земјиште биле ставени во нееднаква положба што не било во согласност со Уставот, и што во член 4 било предвидено Одлуката да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето во службеното гласило, што не било во согласност со член 52 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според член 2 од Одлуката инвеститор кој гради нов индивидуален станбен објект врз основа на предимствено право во постојното градско ткиво и притоа, треба да руши постојан објект кој е легално изграден пресметувањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште ќе се врши на следниот начин: ќе се изврши премер на корисната површина на индивидуалниот станбен објект кој треба да се руши, постојната површина се одбива од новопредвидената, а за разликата на површината се плаќа надоместок согласно член 17 од Правилникот. Во член 17 од Правилникот е предвидено за доградба и надградба до една половина од постојниот објект да се наплатува 25% од полниот износ, за доградба и надградба од една половина од површината на постојниот објект да се наплатува 50% од полниот износ; за површина поголема од постојната да се наплатува 100% од разликата на површината поголема од постојниот објект. Според став 2 на овојчлен одредбите од став 1 и 2 на овој член ќе се применуваат само за објекти за кои градежното одобрение е издадено најмалку 10 години, а во останатите случаи надоместокот ќе се одредува 100% од соодветната зона.

Член 17 од Правилникот се однесува на сите инвеститори, од што произлегува дека и инвеститорите од член 18 плаќаат ист надоместок како и другите инвеститори, чија висина се определува во зависност од опременоста на земјиштето.

Во член 4 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Штип”.

4. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 17 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 37/80, 18/89 и 21/91) поранешниот сопственик на неизградено градежно земјиште има предимствено право на користење на тоа земјиште на една градежна парцела за изградба на станбена зграда, ако врз основа на планот за реализација може на тоа земјиште да се подигне таква зграда. Согласно став 2 на овој член од Законот предимствено право на по една градежна парцела за изградба на станбена зграда ќе се признае и на потомците, посвоениците, родителите и на посвоителите на поранешниот сопственик кој имаат формирано потесно семејство, под услов да немаат стан односно станбена зграда. Според став 3 на овој член од Законот предимствено право на изградба на станбена зграда на една градежна парцела може да се признае на две или повеќе лица за изградба на станови како посебни делови од зграда.

Согласно член 39 став 1 од Законот за градежното земјиште уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма, а според став 2 на овој член од Законот програмата од став 1 на овој член ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот.

Од цитираните одредби од Законот произлегува дека предимственото право за изградба на поранешниот сопственик му признава право на една градежна парцела за изградба на станбена зграда ако постои услов во планот за реализација како и го определува предимственото право на изградба на други лица ако се наоѓаат во крвна или правна врска во однос на поранешниот сопственик и овој круг според законот не може да се проширува.

Според Законот со пренесување на правото на сопственост на зградта од страна на поранешниот сопственик со правно исправна работа на друго лице на ова лице се пренесуваат сите права што ги имал поранешниот сопственик во однос на оваа зграда т.е. стекнува својство на поранешен сопственик. Според Законот за градежното земјиште општината е овластена да го утврдува надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Во конкретниот случај според мислењето на Судот со оспорената одредба ниту се ограничува ниту, пак, се фаворизира одредено право на поранешните сопственици туку со неа се предвидува да се намалат трошоците за уредување на градежното земјиште доколку поранешниот сопственик ги платил трошоците за уредување на тоа земјиште при легално градење на објектот кој треба да се руши. Што значи општината оценила дека трошоците на уредувањето треба да се намалат зависно од тоа колку за изградбата на претходниот објект е вложено како надоместок за уредување на градежното земјиште. Оспорената одредба важи за сите сопственици на индивидуални станбени објекти што биле легално изградени кои треба да се рушат заради изградба на нови индивидуални објекти и со неа не се прави разлика меѓу видот на инвеститорите односно дали се тоа физички или правни лица, туку ги определува условите за намалување на конкретни фази во уредување на градежно земјиште. Со тоа што ова правило важи само за индивидуалните згради, а не и за изградба на колективни згради Судот смета дека тие не се во еднаква положба, затоа што за уредување на градежно земјиште за изградба на колективно становање треба да се обезбедат поголеми трошоци на уредувањето.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за повреда на начелото на еднаквоста утврдено во член 9 став 2 од Уставот.

Понатаму, согласно членот 52 став 1 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 3 на член 52 од Уставот законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Од изнесените одредби произлегува дека објавувањето пред влегувањето во сила на законите и прописите е задолжително, при што само за законите е предвиден рок од осум дена, а не и за прописите.

Со оглед на тоа што оспорениот член 4 од Одлуката предвидува влегување во сила на Одлуката со денот на објавувањето, Судот оцени дека не може да се постви прашањето за согласноста со член 52 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.213/96)

Leave a Reply