52/1996-0-0

52/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) по јавната расправа одржана на 20 ноември донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на Град Гостивар бр.08-237/1 донесена од Собранието на Општина Гостивар на 14 јуни 1994 година во делот на КП 1227/1 во Гостивар.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.52/96 од 15 мај 1996 година поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.

По донесувањето на решението за поведување постапка, а пред одржувањето на јавната расправа Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина достави одговор на наводите содржани во решението за поведување постапка, а во кој се наведува дека за спорниот објект на КП.бр.1227/1 било доставено барање во писмена форма во законски рок под реден број 60 од извештајот од јавна расправа по нацрт урбанистичкиот план за градско подрачје за град Гостивар и извештај за поднесени барања од правни и физички лица од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица на Општина Гостивар во врска со забелешка на Нацрт-планот бр.09-40 од 4.03.1994 година.

Од доставениот извештај под реден број 60 е наведено: “барање бр.08.136/94 Ул. “ЈНА” бр.134 КП.бр.1226 пл.837, барањето се удоволува”. Во барањето е наведено предвидување градба на деловен простор, односно лепенка со објектот предвиден на КП.бр.1228/1.

Согласно законските одредби и наведениот извештај, спорниот објект на КП.бр.1227/1 бил внесен во планот врз основа на барање-забелешка 08-136/94 наведена во извештајот од јавната расправа под реден број 60, каде барањето е удоволено. Во предлог-планот од изготвувачот на планот “Пологпроект” предвиден е објект со димензии 10х2,5 на дел од КП. 1227/1 и 1226.

Според тоа предвидувањето на спорниот објект на КП.1227/1 со Одлука на Собранието на општината било извршено согласно законските прописи врз основа на барање – забелешка на граѓани дадено на јавна расправа.

4. На јавната расправа одржана на 21 ноември 1996 година претставниците на подносителите на иницијативата, доносителот на оспорената одлука и претставникот на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Скопје и Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Гостивар изнесоа мислење дека спорниот објект е дополнително внесен во предлог планот вон постапката предвидена со закон. Понатаму, Судот на јавната расправа утврди дека за донесување на Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар била одржана јавна расправа која траела 15 дена од 27 декември 1993 до 12 јануари 1994 година, на која граѓаните дале свои писмени забелешки. Притоа, во нацрт планот кој бил изложен на јавна расправа на КП.бр.1228/1 се предвидува индивидуален станбен објект П+3, а на соседната катастарска парцела КП.бр.1227/1 не се предвидува никаков објект. Во усвоениот план, пак, на КП.бр.1228/1 му се придодава габарит-лепенка со димензии 2х10, а кој ја зафаќа КП.бр.1227/1.

Од извештајот од записникот од одржаната јавна расправа по нацрт урбанистичкиот план и по одговор на поднесени барања на правни и физички лица во врска со корекции по урбанистичкиот план Судот утврди дека е поднесено барање од Асани Настрие под реден бр.48 (барање бр.08-337/94 Ул. “ЈНА” КП.1226 поседовен лист 6080, сопственик на означената парцела), да се вцрта објект – лепенка. Ова барање се одбива со образложение дека парцелата е зафатена со Булеварот “Браќа Гиновски”.

Исто така, со поднесокот бр.88-136/94 Ул. “ЈНА” бр.134 КП.бр.1226 поседовен лист 837 поднесено од Амзаи Насер и Али (реден бр.60 во извештајот) се бара на сопственикот на КП.1226 да му се одобри градба на деловен простор – лепенка на објект предвиден со планот. Во извештајот од јавната расправа по забелешки на граѓаните по ова барање стои дека барањето се удоволува со образложение “парцелата ја зафаќа Булеварот “Браќа Гиновски”. Што значи биле поднесени две барања од сопствениците на КП.1226/1 да се вцрта габарит – лепенка на соседниот објект. По тие две исти барања едното се удоволува, а другото се одбива со образложение дека парцелата ја зафаќа Булеварот “Браќа Гиноски”. Инаку, парцелата 1226/1 не се граничи со парцелата 1228/1 на која се предвидува габарит-лепенка туку таа се граничи со парцелата 1227/1 на која во нацрт-планот не се предвидува никаква градба ниту е поднесено барање од сопственикот на парцелата 1227/1 Љуши Таип да се вцрта габаритот лепенка. Од сето изнесено произлегува дека на парцелата 1227/1 објектот бил дополнително вцртан во планот вон постапката предвидена со Закон.

Во член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) кој, важеше во време на донесување на урбанистичкиот план, се определува урбанистичкиот план да се изработува во две фази: нацрт на план и предлог на план, при што нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, потоа граѓаните доставуваат забелешки во писмена форма и врз основа на забелешките што ќе се прифатат се подготвува предлог на план. Понатаму, во член 33 од Законот се предвидува предлог-урбанистичкиот план да се доставува на собранието на општината, заедно со извештајот од јавната расправа и образложението на забелешките кои не се прифатени, а според член 34 став 2 од Законот, урбанистичкиот план за подрачјето на општината го донесува собранието на општината.

Од изнесените законски одредби произлегуа обврска за доносителот, нацрт-урбанистичкиот план да го стави на јавна расправа пред граѓаните, а граѓаните имаат право да дадат забелешки на предвидените решенија.

Со оглед на тоа што во Одлуката за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на Град Гостивар во делот на КП.бр.1227/1 бил дополнително вцртан габарит-лепенка со димензии 2х10 без одржување јавна расправа ниту како забелешка на граѓаните дадена на јавна расправа Судот оцени дека тој дел од Одлуката не е во согласност со закон.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.52/96)

Leave a Reply