172/1996-0-0

172/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, донесена од Владата на Република Македонија на 24 јуни 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/96 од 8 јули 1996 година).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи, Претпријатието “Геоинженеринг” Тетово, група граѓани од Битола и Собранието на Општина Куманово, за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало да се продаваат и државните станови купени од средствата за уредување на градежното земјиште и наменети за надоместување на експроприраната сопственост која е одземена заради изградба на објекти од јавен интерес, што значело во иднина да не може да се врши надоместување на експроприраната сопственост и со тоа неможност да се градат објекти од јавен интерес, поради што не била во согласност со членовите 91 и 115 од Уставот и Законот за продажба на становите во општествена сопственост.

Исто така, во иницијативите се наведува дека определувањето, во Одлуката, државните станови да се продаваат по цена од 446-850 германски марки по 1м2, која битно се разликува од цената на становите кои се наоѓаат во истите згради и кои исто така биле продавани од Јавното претпријатие, значело нееднаквост на граѓаните – корисници на државните станови со времени акти, како и на безправно вселените лица, во однос на граѓаните кои ги купиле становите како носители на станарското право, поради што Одлуката не била во согласност со член 9 од Уставот.

Со иницијативата на Претпријатието “Геоинженеринг” од Тетово се бара изрекување времена мерка и запирање од извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се определува продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката (член 1), при што се определува дека станбениот простор што се продава, неговата големина, динамиката на продавање и почетната цена се утврдува со програма на Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (член 2), со тоа што становите определени за продажба се продаваат во готово или со 50% учество од вредноста на станот, а остатокот на 48 месечни рати со месечна камата од 0,7% (член 3). Барањето за купување на станот се поднесува во подрачната единица на јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор каде се наоѓа станот (член 4), за што се склучува договор за купопродажба со определени податоци, од страна на овластено лице од Јавното претпријатие (член 5). Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ” (член 6).

4. Имајќи ја предвид изнесената содржина на оспорената одлука, Судот смета дека Одлуката не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, бидејќи има еднократно дејство (да се продадат државните станови) и се однесува на точно определени станови, а не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, како и што со неа се одлучува за имотни прашања, а не за прашања од јавно-правно значење, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува по неа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.135/96 У.бр.172/96)

Leave a Reply