177/1996-0-0

177/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 1 алинеи 6 и 9 од Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежното земјиште на подрачјето на град Куманово , донесена од Собранието на Општина Куманово на седницата одржана на 20 март 1996 година бр.09-119/1 од 20 март 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Александар Тасевски од Куманово му поднесе иницијатива за оценување законитоста на член 5 став 1 алинеите 6 и 9 од актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со нив бил предвиден надоместок за употреба на градежното земјиште, а граѓаните сопственици на земјиштето плаќале данок на имот, со што било воведено двојно оданочување по ист основ, што не било во согласност со Уставот и со закон. Исто така се наведува дека во Одлуката согласно членовите 44 и 45 од Законот за градеѓно земјиште било предвидено Самоуправната интересна заедница да може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште, а таква организација веќе не постоела.

3. На седницата Судот лутврди дека со Одлуката се утврдува обврска за плаќање на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, висината, роковите и начинот на плаќање и пресметување на надоместокот. Во оспорениот член 5 став 1 алинеите 6 и 9 од Одлуката е предвидено надоместокот да го плаќаат непосредните корисници на градежното земјиште и тоа сопственик на семејна зграда и стан како посебен дел од зграда и корисник, односно сопственик на гаража.

4. Согласно член 44 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште, да ги утврди висината, роковите и начинот на пресметувањето на надоместокот. Овој надоместок според член 45 од Законот се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден корисен простор.

Согласно член 48 од означениот закон, надоместокот за употреба на градежното земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населбата или населено место, сообраќајната поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации и други околности од значење за користење на тоа земјиште).

Од изнесените законски одредби произлегува дека право е на собранието на општината да олучи дали ќе воведе надоместок за употреба на градежно земјиште. Висината на тој надоместок зависи од погодностите што одредено земјиште ги дава во зависност од положбата на земјиштето во однос на основните содржини кои служат за задоволување на општите и заедничките потреби на граѓаните опременоста на градежното земјиште со комунални објекти за заедничка употреба.

Со оглед на тоа што со членот 5 став 1 алинеите 6 и 9 од Одлуката е утврден надоместокот за употреба на градежно земјиште и за сопствениците на семејна зграда односно стан како посебен дел од станбена зграда и корисник, односно сопственик на гаража, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста со закон.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека во одлуката е содржано овластување на Самоуправната интересна заедница во согласност со собранието на општината да го утврдува надоместокот за употреба на градежно земјиште, а таква организација не постоела, Судот утврди дека Одлуката не се повикува на субјект – самоуправна интересна заедница, туку на јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.177/96)

Leave a Reply